Свет
Ди Карло: Нема индикации за крај на војната
Заменик-секретарот на ОН за политички и мировни прашања, Розмари Ди Карло, во Советот за безбедност објави дека „нема знаци за крај на конфликтите“ во Украина и дека во моментот „преовладува воената логика, со многу малку или воопшто , простор за дијалог“, пишува Гардијан.
За време на состанокот на Советот за безбедност во петокот, Ди Карло рече дека високиот комесар на ОН за човекови права потврдил 18.096 цивилни жртви од почетокот на рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година, но дека реалните бројки веројатно се многу поголеми.
Амбасадорката на САД во светската организација Линда Томас-Гринфилд на средбата изјави дека од август „Иран префрлил стотици беспилотни летала во Русија, што ја прекршува резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН“, додека Северна Кореја испорача противпешадиски ракети и проектили за Москва, кои се наменети за паравоената формација „Вагнер“, која ги прекршила и резолуциите на СБ на ОН за санкции, пренесува Танјуг.
Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Емина Јапарова, на состанокот објави дека „поголемиот дел од руските ракетни и беспилотни напади се насочени кон цивилна инфраструктура, односно 62 отсто од сите удари“, пишува британскиот весник. Таа повика на воведување нови санкции во „секторите од посебно економско значење за Русија“.
Целосното ембарго на нафтата и гасот, исклучувањето на руските банки од глобалниот финансиски систем е цената што треба да ја плати државата агресор“, рече Јапарова, според Гардијан.
Постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации Василиј Небензја изјави дека војната во Украина може да се стави крај само кога целите на Москва ќе се постигнат со преговори или воени средства, пренесува ТАСС.
„Можноста за прекин на специјалната воена операција во Украина ќе се појави дури кога Киев ќе престане да претставува закана за Русија и да ги дискриминира Украинците кои зборуваат руски. Доколку овој резултат може да се постигне преку преговори, ние сме подготвени за такво сценарио. Во спротивно, нашите задачи ќе бидат остварени со воени средства“, рече Небензја во петокот на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина,пренесе Политика.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нигериец кој се претставувал како принц од Дубаи измамил бизнисменка за 2,5 милиони долари
Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тероризам во Романија (DIICOT) отвори кривична постапка во случај во кој романска бизнисменка била измамена за 2,5 милиони долари од Нигериец кој се претставувал како „престолонаследник на Дубаи“, објавија „Агерпрес“ и „БТА“.
Од Дирекцијата денеска издадоа официјално соопштение за случајот, поради зголемениот интерес на медиумите. Во тек е истрага за кривичните дела „организирање криминална група“ и „измама со особено сериозни последици“.
Според медиумските извештаи, романската бизнисменка изгубила над 2,5 милиони долари откако била убедена да инвестира заедно со „престолонаследникот на Дубаи“ во хуманитарна фондација.
Всушност, станува збор за нигериски измамник по име Хенри Еке, кој користел сложена шема за да ги измами своите жртви, вклучувајќи лажни идентитети, фиктивни банки, наводни „финансиски советници“, како и романтични ветувања и предлози за брак.
Жената во Романија била убедена дека разговара со принц од Дубаи и префрлила над 2,5 милиони долари на лажна сметка на „фондација“. Парите доаѓале од различни банкарски кредити, за кои го хипотекирала својот дом, како и од финансиските ресурси на нејзината компанија.
Таа открила дека станува збор за измама откако ја контактирале двајца соучесници на Нигериецот, кои биле незадоволни што не го добиле својот дел од парите. Тие ѝ признале дека целата операција била измама.
Свет
Путин и Џјинпинг во телефонски разговор: Односите меѓу Русија и Кина постојано се развиваат
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Шји Џјинпинг разговараа за соработката меѓу нивните земји.
Повикот доаѓа неколку дена откако високи дипломати од двете земји го изразија својот став дека билатералните односи би можеле да „достигнат нови височини“ оваа година, бидејќи Пекинг и Москва се стремат да ја зајакнат економската соработка.
Нивното стратешко партнерство дополнително се зајакна по руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година, анализираат медиумите.
Двајцата лидери, кои се во редовен контакт, разменија новогодишни честитки на 31 декември, при што Шји изрази „подготвеност да продолжи да одржува блиски контакти“ со Путин, според кинеското министерство за надворешни работи.
Шји и Путин последен пат се сретнаа лично во септември, кога рускиот лидер присуствуваше на голема воена парада во Пекинг.
За време на посетата, Путин му рече на Џјинпинг дека односите меѓу нивните земји се на „невидено ниво“.
Свет
Шпанија: 3.000 евакуирани поради бурата „Леонардо“: прекинати железнички и автобуски линии, настава во училиштата
Бурата „Леонардо“ денес го погоди Иберискиот Полуостров, особено шпанската покраина Андалузија, каде што наставата беше прекината во училиштата, како и некои железнички и автобуски линии, а повеќе од 3.000 луѓе беа евакуирани.
Црвено предупредување за времето е издадено за областите Кадис, Хана, Малага, Гранада и Кордоба, додека жолто предупредување за снег е издадено за централниот дел на Шпанија, објавува Паис.
Црвено предупредување е на сила во Гразалема, Ронда и областа на Гибралтарскиот Проток поради врнежи од дожд до 150 литри на квадратен метар.
45 патишта – вклучувајќи го и автопатот Севиља-Кадис – беа затворени и неколку железнички линии во Андалузија, вклучувајќи ја и брзата линија помеѓу Антекера и Малага.
Најпогодената покраина е Кадис, каде што постои ризик од лизгање на земјиштето поради обилни врнежи од дожд.
Локалната полиција на Севиља го затвори автопатот SE-20 во двата правци како превентивна мерка против зголемувањето на нивото на водата, додека бројни патишта во Малага беа затворени.
Снежната бура погоди вкупно 73 патишта, од кои 10 се на главната мрежа, додека други 38 помали патишта беа затворени за сообраќај поради дождот, додека сообраќајот за камиони беше забранет на некои патишта.
Министерот за итни служби на регионалната влада на Андалузија, Антонио Санц, предупреди дека регионот очекува „долг и загрижувачки ден“ поради бурата „Леонардо“ и дека состојбата на реките е најзагрижувачка поради опасноста од излевање на нивните корита.
„Ако треба да евакуираме повеќе луѓе, ќе ги евакуираме“, рече тој и додаде дека во текот на ноќта повеќето од проблемите се должат на паднати дрвја.
Службите за итни случаи соопштија дека примиле 137 повици од полноќ и дека се справиле со 31 инцидент поврзан со бурата.
Тие исто така изјавија дека автопатот CC-350, кој поминува низ градот Ибахернандо во Касерес, е затворен за сообраќај поради уривањето.
Властите во Мадрид, исто така, го кренаа алармот на највисоко ниво поради зголемувањето на нивото на реката Харама и ризикот од излевање.
Покрај дождот, шпанската државна метеоролошка агенција Аемет издаде предупредувања за силни ветрови во некои области на Андалузија – Кордоба, Хана, Гранада, каде што се очекуваат ветрови до 90 километри на час.
Покрај службите за итни случаи, активирана е и армијата за да им помогне на граѓаните.
Фото: ЕПА

