Свет
Европските сили во обид да го спасат иранскиот договор по излегувањето на САД
Европските сили се обидуваат да го сочуваат иранскиот нуклеарен договор откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД се повлекуваат од него. Велика Британија, Франција и Германија ги повикаа САД да не ја попречуваат имплементацијата на договорот со Иран.
Тие порачаа дека ќе работат со другите потписници на договорот од 2015 година, Русија и Кина, кои ја нагласија својата поддршка за продолжување на договорот со Иран.
Иран се закани дека ќе го обнови збогатувањето на ураниумот доколку договорот не биде спасен.
„Наредив министерот за надворешни работи наредните недели да преговара со европските земји, Кина и Русија“ порача иранскиот претседател Хасан Рохани и додаде дека: „Ако ги постигнеме целите од договорот во соработка со членовите во договорот, тогаш тој ќе остане да важи“.
Во иранскиот парламент следеа бурни реакции, некои пратеници го палеа американското знаме, а спикерот на парламентот нагласи дека Трамп немал ментален капацитет. Договорот со Иран беше во замена за санкциите поставени од Обединетите нации, САД и ЕУ.
Американскиот претседател синоќа порача дека договорот со Иран е ужасен, едностран и не требало никогаш да биде потпишан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

