Свет
Електричната енергија е вратена во поголемиот дел од Хавана, работата продолжува за обновување на мрежата
Кубанскиот оператор за електрична енергија вчера соопшти дека го вратил напојувањето во поголемиот дел од главниот град Хавана, и покрај тоа што тропската бура „Оскар“ го зафати источниот дел на островот, урна дрвја и далноводи.
Силните ветрови, исто така, уништија насади со банани и откорнаа покриви од куќи, додека обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето и ги изолираа оддалечените области. Источниот дел на Куба последните четири дена ги помина главно без струја.
„Последното нешто што сакаме е да претрпиме уште еден колапс на системот“, рече министерот за енергија и рударство, Висенте де ла О Леви.
Кубанските власти известија дека напојувањето е вратено на 89 отсто од главниот град, а благодарение на повторното активирање на најголемата електрана на островот, електричната енергија е вратена во оддалечените провинции.
Но, предупредија дека враќањето на струјата не значи дека повеќе нема да има прекини во снабдувањето. Комунистичката влада ги затвори училиштата и повеќето фабрики до среда додека работата за обновување на мрежата продолжува.
Националната електрична мрежа на Куба се урна за прв пат во петокот, пред пристигнувањето на Оскар и по затворањето на најголемата електрана на островот, оставајќи 10 милиони луѓе без струја. Покрај тоа, недостигот на гориво, исто така, доведе до хаос. Од петокот, електричната мрежа беше во прекин уште три пати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина остро го осуди убиството на Хамнеи, повика на прекин на воените дејствија
Кина соопшти дека „остро го осудува“ убиството на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи од страна на САД и Израел и повторно повика на прекин на воените дејствија, пренесува „Гардијан“.
Министерството за надворешни работи во Пекинг наведе дека станува збор за „тешко кршење на суверенитетот и безбедноста на Иран, како и на целите и принципите на Повелбата на ОН и основните норми на меѓународните односи“.
„Кина решително се спротивставува и остро го осудува тоа“, се додава во соопштението, со повик за „итен прекин на воените операции“.
Осудата следеше по телефонски разговор меѓу кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и рускиот министер Сергеј Лавров, за кој кинеските државни медиуми јавија дека бил инициран од руската страна. Ванг изјавил дека „дрското убиство на суверен лидер и поттикнувањето на промена на режим“ од страна на САД и Израел е „неприфатливо“.
Фото: depositphotos
Свет
Франција со резерва околу легитимноста на нападот врз Иран, но задоволна од исходот: „Хамнеи беше крвав диктатор“
Француската влада објави дека има резерви во врска со легалноста на воените операции на Израел и САД против Иран, но дека е задоволна од смртта на крвавиот диктатор, Али Хамнеи.
„Уште еднаш, очигледно, тоа не беше во согласност со меѓународното право. Она што е важно сега е што ќе се случи следниот ден“, изјави портпаролката на француската влада Мод Брежон, пренесе „Индекс“.
Сепак, таа истакна дека Франција може да биде задоволна со смртта на врховниот лидер на Иран затоа што тој бил крвав диктатор.
„Хамнеи беше крвав диктатор кој го угнетуваше својот народ, ги понижуваше жените, младите, малцинствата и неодамна беше одговорен за смртта на илјадници цивили во неговата земја и во регионот. Затоа, можеме да бидеме задоволни само со неговото исчезнување“, рече таа за Гранд.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили во неделата одби експлицитно да ги поддржи нападите на САД и Израел врз Иран, велејќи дека на САД е да ја презентираат правната основа за преземените дејствија.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Напад врз израелски град близу Ерусалим, има повредени
Најмалку шест лица загинале во удар на ирански балистички проектил врз израелскиот град Беит Шемеш, во близина на Ерусалим.
Според израелската Итна помош, повредени се 23 лица, од кои две се во тешка состојба, две со сериозни повреди, а 18 со полесни повреди.
Magen David Adom says its medics are treating several injuries following an Iranian ballistic missile impact in Beit Shemesh.
Among the injuries is a girl in serious condition, MDA says. https://t.co/nCbhWohNYB pic.twitter.com/2NjiS5QR1k
— Emanuel (Mannie) Fabian (@manniefabian) March 1, 2026
Израелската војска соопшти дека на местото на нападот испратила спасувачки и медицински тимови, како и хеликоптер за евакуација на повредените.
Беит Шемеш се наоѓа во централниот дел на Израел, западно од Ерусалим, и има околу 150.000 жители.
Фото: Depositphotos

