Свет
Емисијата на штетни гасови да се намали 55 отсто, порача Руте

Европа мора да ја намали емисијата на штетни гасови повеќе од она што беше во план да се спречи глобалното затоплување како што решивме со Парискиот договор, порача холандскиот премиер Марк Руте во Европскиот парламент.
Европската Унија имаше цел да ја намали концентрацијата на јаглеродни честички во воздухот најмалку 40 отсто до 2030 година, односно под нивото од 1990 година. Инаку, според научниците ,емисијата на штетни гасови е една од главните причини за глобалното затоплување.
„Ова не е доволно“, изјави Руте за време на пленарната седница во Европскиот парламент во Стразбург.
„Мојот предлог за намалување на емисијата на штетни гасови е најмалку 55 проценти до 2030 година. Не само затоа што треба да си ги исполниме обврските туку и затоа што Европа треба да биде компетитивна и да се насочува кон иднината“, додаде Руте.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Претседателството на БиХ едногласно го номинираше Трамп за Нобелова награда за мир

Претседателството на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, истакнувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пишува klix.ba.
Оваа одлука, која претставува прва официјална номинација за претстојниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус на сите тројца членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ.
Во образложението се наведува дека американскиот претседател одиграл клучна улога во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна, а неговите дипломатски напори резултирале со прекин на конфликтот и отворање на патот за нов мировен процес на Блискиот Исток.
Денешната одлука дојде речиси два месеци откако Жељка Цвијановиќ првпат презентираше предлог за номинација. Нејзиниот предлог беше одбиен во август бидејќи не ги исполнуваше потребните формални критериуми.
Да потсетиме дека предлогот на Жељка Цвијановиќ дури и не беше вклучен на дневен ред на седницата на Претседателството во август оваа година. Членовите Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ потоа сметаа дека предлогот не е формално комплетен, односно дека му недостасува објаснување и процедурални елементи потребни за официјална номинација.
Кабинетот на Беќировиќ потоа изјави дека „никој не го оспорува правото да се дискутира за предлогот, но дека документите мора да бидат подготвени на сериозен начин“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна одигра клучна улога во мировните преговори што резултираа со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободување на заложниците и отворање хуманитарни коридори. Неговата администрација го посредуваше договорот со поддршка на Египет и Турција, а многу меѓународни медиуми го опишаа како „историски дипломатски пробив“.
По денешната одлука, се очекува Претседателството на БиХ наскоро официјално да ја достави номинацијата до Нобеловиот комитет во Осло.
Фото: ЕПА
Свет
Црвениот крст: Враќањето на телата на заложниците од Газа може да потрае со недели

Предавањето на телата на мртвите заложници од Појасот Газа може да потрае со денови или недели, соопшти денес Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
„Со оглед на уништувањето на зградите и инфраструктурата во крајбрежната енклава, понекогаш е тешко да се лоцираат останките“, изјави денес во Женева портпаролот на МКЦК, Кристијан Кардон.
„Постојат јасни индикации дека ова може да потрае значително подолго поради тешкотијата во потрагата по останките во Газа што може да бидат под урнатините“, објасни Кардон.
Можноста некои тела никогаш да не бидат пронајдени не може да се исклучи, истакнува агенцијата ДПА.
МКЦК во сите дискусии нагласи колку е важно враќањето на останките за семејствата на жртвите, како и за евентуално помирување по завршувањето на војната.
Црвениот крст не знае однапред кога и каде ќе му бидат предадени телата во Појасот Газа. Како што беше случајот вчера, информациите за ова често пристигнуваат во последен момент. Хуманитарната организација не е вклучена во потрагата по безживотни тела.
Хамас вчера преку МКЦК му ги предаде телата на четворица од 28-те мртви заложници на Израел. Во Израел расте гневот и фрустрацијата поради предавањето само на неколку тела, за кои армијата денес соопшти дека се идентификувани.
Фото: ЕПА
Свет
Макрон ѝ се закани на Русија, доби одговор од Кремљ

Русија продолжува со специјалната воена операција во Украина бидејќи нема други алтернативи, но останува отворена за мирно решавање на конфликтот, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
На брифинг за медиумите Песков ја коментира изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја обвини Москва за воинствена тврдоглавост и се закани со одмазда ако Русија не се врати на преговарачката маса.
„Русија е подготвена за мирно решавање. Во овој момент, Русија, поради недостиг на алтернативи, ја продолжува специјалната воена операција“, нагласи претставникот на Кремљ додавајќи дека Москва ги одржува својата отвореност и подготвеноста за мирен дијалог.
Тој уверува дека Русија ќе ги обезбеди своите интереси без разлика што „на еден или друг начин Русија ќе ги обезбеди своите интереси и ќе го постигне исполнувањето на поставените цели“, рече Песков.