Свет
Ердоган: На Нетанјаху ќе му се суди како на Милошевиќ

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на крајот ќе му се суди како воен злосторник поради тековната израелска офанзива во Појасот Газа обвинувајќи ги западните земји, кои го поддржуваат Израел за соучесништво во злосторствата.
Турција, која поддржува решение со две држави за деценискиот конфликт, остро го критикува Израел за неговата кампања во Газа почната како одговор на нападот на милитантната група Хамас на 7 октомври. Во израелските воздушни и копнени напади загинаа повеќе од 15.500 луѓе, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Говорејќи на состанокот на одборот на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) во Истанбул, Ердоган рече дека западните земји што го поддржуваат Израел даваат „безусловна поддршка за убивање бебиња“ и се соучесници во неговите злосторства.
„Покрај тоа што е воен злосторник, на Нетанјаху, кој е месарот на Газа во моментот, ќе му се суди како што му беше судено на Милошевиќ“, рече Ердоган мислејќи на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ кому му беше судено за геноцид пред судот во Хаг.
„Оние што се обидуваат да ја игнорираат смртта на сите оние невини луѓе што го користат Хамас како изговор немаат повеќе што да му кажат на човештвото“, додаде тој.
За разлика од повеќето нејзини западни сојузници и некои земји од Персискиот Залив, членката на НАТО, Турција, не го смета Хамас за терористичка група.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Келог: Русија не го добива конфликтот, Украина се бори храбро

Специјалниот претставник на американскиот претседател, Кит Келог, изјави дека Русија не го добива конфликтот во Украина. Неговите зборови ги пренесува „Скај њуз“ од Варшавскиот безбедносен форум.
Келлог истакна дека Европа денес е сведок на конфликт каков што не е виден од Втората светска војна. Според неговата процена, Москва не напредува во согласност со своите цели, а украинската страна се бори храбро и исклучително добро. Тој нагласи дека борбата меѓу Москва и Киев мора да заврши.
Претходно, портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, нагласи дека Русија продолжува да ги спроведува своите стратешки воени операции во Украина, насочени и кон сегашноста и кон иднината на земјата. Песков потсети дека претседателот Владимир Путин постојано ја нагласувал потребата од решавање на основните причини за украинската криза, како и потребата Москва да ги постигне целите поставени од почетокот на конфликтот.
Фото: принтскрин
Свет
Песков: Украина продолжува со милитаристичка политика наместо дијалог

Украина продолжува со својата милитаристичка политика наместо дијалог, изјави денес Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател, Владимир Путин.
„Гледаме дека тие (Украина) продолжуваат со овој милитаристички став наместо да размислуваат како да се вклучат во дијалог со цел заеднички да бараат безбедносни гаранции за време и во рамките на дијалогот“, изјави Песков пред новинарите, пренесува „РИА новости“.
Тој додаде дека Кремљ слуша разни гласови од европските престолнини и затоа продолжува да ја следи ситуацијата.
Одговарајќи на прашање за изјавите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во врска со создавањето ѕид од беспилотни летала во Европа, Песков рече дека историјата покажува дека градењето ѕидови е секогаш лоша работа.
„Многу е тажно што оваа милитаристичка конфронтациска политика на Украина сега потенцијално би можела да почне да се материјализира во создавање нови ѕидови на поделба“, истакна тој.
Фото: принтскрин
Европа
„Шпионирала за Киев, планирала да труе војници“: Русите уапсија готвачка на Крим

Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија објави дека уапсила 45-годишна Русинка, главен готвач во ресторан во Севастопол, на Крим, под сомнение за шпионажа за Украина и план за труење руски војници, објави „Киев пост“.
Неименуваната жена, која е во притвор, е обвинета дека работела за Главната дирекција за разузнавање на Украина (ХУР) во последните две години. ФСБ тврди дека таа ги понудила своите услуги на украинската разузнавачка служба уште во септември 2023 година.
Таа наводно користела „Воцап“ за да споделува информации со своите врски за локациите и за рутите на рускиот воен персонал и опрема во Севастопол, поранешното главно пристаниште на руската Црноморска флота. ФСБ конкретно тврди дека таа фотографирала бродови на Црноморската флота стационирани во Севастополскиот Залив, кои подоцна биле користени од украинските вооружени сили за планирање ракетни напади.
Таа е обвинета и за план за труење припадници на руските специјални сили, кои го посетувале ресторанот во кој работела.
Кримскиот одред на ФСБ соопшти дека жената е обвинета за велепредавство според член 275 од Рускиот кривичен законик додавајќи дека истрагата за нејзините криминални активности е во тек. Во соопштението за медиумите на ФСБ се наведува дека ова е уште еден пример за тоа како „украинските специјални служби ја дестабилизираат општествено-политичката ситуација и предизвикуваат економска штета на државата со активно регрутирање сторители на саботажи и терористички напади“.
фото: принтскрин