Свет
Ердоган положи заклетва, вети дека ќе биде достоен лидер на сите граѓани на Турција
Ветувам дека ќе бидам достоен лидер на сите граѓани на Турција. Ќе се трудам да бидам достоен на довербата на 81-милионската нација, вклучително и на оние Турци кои не гласаа за мене. Денеска го означуваме почетокот на една нова Турција. Се надевам дека претседателскиот систем на управување ќе придонесе за идниот развој на земјата, порача турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на церемонијата на неговата инаугурација за новиот претседателски мандат што се одржа на плоштадот пред претседателската палата „Бештепе“ во Анкара.
Со почетокот на новиот мандат на Ердоган, стапија во сила уставните измени со кои Турција се трансформира од парламентарна во претседателска република. Според Еродган, првпат по распадот на Отоманската Империја, Турција направила „историски избор не под притисок или со воен удар, туку преку слободно изразување на волјата на турскиот народ“.
„Во новиот период на својот развој, земјата ќе оствари напредок во сите правци, од демократијата и почитувањето на човековите права, до економијата и крупните инвестиции“, рече тој, додавајќи дека Турција ќе ја засили својата моќ, ќе продолжи да ја развива одбранбената индустрија и ќе ги штити своите граници.
На церемонијата, на која присуствуваа над 50 шефови на држави или влади и претседатели на парламенти од целиот свет, требаше да има и свечен дел, но тој беше откажан поради синоќешната железничка несреќа во северозападниот дел на Турција, при која загинаа 24 лица, а 124 беа повредени. Наместо свеченоста, по обраќањето на Ердоган се одржа молитва за жртвите на несреќата. Претходно Ердоган пред пратениците во турскиот парламент положи свечена заклетва, со што официјално почна да тече неговиот нов претседателски мандат.
По полагањето на свечената заклетва во парламентот со која се обврза на почитување на Уставот, Ердоган го посети мавзолејот на основачот на Турската Репубика и прв претседател на Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Според најавите, вечерва Ердоган ќе го објави и составот на неговата Влада. Според извори на претседателскиот кабинет, новата Влада ќе има 16 наместо досегашните 23 министри, како и девет високи комисии задолжени за различни сектори.
Со уставните измени, функцијата премиер се укинува и претседателот на државата е воедно и шеф на владата. Првата седница на новиот Кабинет треба да се одржи на 13 јули.
Долгогодишниот турски лидер Ердоган победи уште во првиот круг од претседателските избори одржани на 24 јуни и доби нов петгодишен мандат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

