Свет
Ердоган убеден дека Путин сака да го продолжи договорот за жито
Турскиот претседател Таип Ердоган изјави дека e уверен оти рускиот претседател Владимир Путин сака да го продолжи договорот со кој се дозволува извоз на украинско жито преку Црното Море откако Москва го прекина своето учество.
Ердоган додаде дека се надева на напредок по разговорот на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Договорот за жито, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција во јули минатата година, имаше цел да ја ублажи глобалната криза со храната со тоа што ќе овозможи безбеден извоз на украинското жито блокирано од руско-украинскиот конфликт.
Русија денеска го прекина учеството во договорот, соопшти Кремљ, додавајќи дека делот од договорот што се однесува на Русија не е спроведен.
„И покрај изјавата дадена денеска, верувам дека рускиот претседател Путин сака продолжување на овој хуманитарен мост“, рече Ердоган додавајќи дека двајцата ќе зборуваат при враќањето на Ердоган од неговото патување во земјите од Заливот в среда.
„Ќе разговараме и за тоа како можеме да дејствуваме за да го отвориме патот за транспорт на руско ѓубриво и жито“, рече Ердоган додавајќи дека двајцата лидери ќе се сретнат лично во Турција во август.
Договорот за жито беше продолжуван неколкупати, но требаше да истече денеска. Русија со месеци вели дека условите за продолжување не се исполнети.
Москва долго време се жали дека пречките остануваат за нејзиниот извоз на жито и вештачки ѓубрива, иако тие не беа директно санкционирани од Западот, и презентира низа барања за кои рече дека не се исполнети.
Москва соопшти дека ќе се врати на договорот веднаш штом ќе се исполни рускиот дел од договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Експлозии во Киев: Русија нападна со балистички ракети, повредени жена и дете
Русија лансираше балистички проектили врз главниот град на Украина, Киев, а во нападите во приградските делови повредени се жена и дете, кои веднаш се пренесени во болница, потврди градоначалникот Виталиј Кличко.
Првите експлозии се слушнале околу 4 наутро, а нов бран следувал половина час подоцна.
„Непријателот го напаѓа главниот град со балистичко оружје. Останете во засолништата додека не престане опасноста“, изјави Тимур Ткаченко, началник на Градската воена администрација на Киев.
💔Brave Ukrainians running into burning houses to save their neighbors, including 2 children, after russia yet again carried out a mass attack that hit several residential buildings in Kyiv region!
My heart is literally aching!
Ukrainians deserves so much better! 😭The world… pic.twitter.com/rDrHit3KKH— Їne Back Їversen (@IneBackIversen) February 22, 2026
Како одговор, Полска подигна борбени авиони за заштита на својот воздушен простор.
„Подигнати се дежурни борбени авиони и авион за рано предупредување, а копнените системи за противвоздушна одбрана и радари се ставени во највисок степен на подготвеност“, стои во соопштението.
Рускиот напад е дел од серијата напади врз цивилна инфраструктура, вклучувајќи станбени згради и енергетски објекти. Само вчера, во напад со дрон во областа Суми, загинаа двајца браќа и еден брачен пар, а беше оштетен и производствен погон на фабрика.
Гувернерот на Суми, Олех Григоров, појасни дека браќата биле прво ранети во експлозијата, а потоа загинале кога Русите нападнале со дрон возило на итната помош.
Свет
„Ова е целосна збрка за целиот свет“, велат експерти за новите царини на Трамп
Одлуката на Доналд Трамп да ја зголеми царината на американскиот увоз на 15 отсто дополнително ја зголемува глобалната нестабилност на пазарите, оценува американскиот дописник на Sky News, Марк Стоун.
„Мислам дека владите ширум светот веќе се исцрпени од постојаните промени за тоа колкави царини треба да плаќаат, а потоа тие стапки повторно се менуваат“, вели Стоун.
Според неговите зборови, во последните 24 часа Трамп и неговиот тим се обидувале да најдат други правни начини за воведување царини по одлуката на Врховниот суд, при што стапката се зголемила од 10 на 15 отсто. Стоун предупредува дека обидите за воведување царини по друг пат, по одлуката на Врховниот суд минатата недела, ќе предизвикаат „голема неизвесност“ за другите земји, од кои некои се во средина на преговори за трговски договори.
„Дали ќе продолжат со преговорите или ќе ги стопираат? Ова е целосна збрка за целиот свет“, заклучува Стоун.
Мерц: Постојаната неизвесност околу царините е отров
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, порача дека тесно ќе соработува со другите членки на Европската унија за да се усогласи заеднички став пред разговорите во САД.
„Во Вашингтон ќе патувам со усогласен европски став. Најголем отров за економиите на Европа и САД е токму оваа постојана неизвесност околу царините. Таа неизвесност мора да престане“, рече Мерц пред новинарите, пренесува Reuters.
Кои царини ги укина Врховниот суд и зошто?
Одлуката на Врховниот суд на САД се однесува исклучиво на царините што Доналд Трамп ги воведе повикувајќи се на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (IEEPA).
Овој закон му дава на претседателот овластување да регулира трговија во вонредни ситуации. Трамп првпат го активирал во февруари 2025 година, кога воведе царини на стоки од Кина, Мексико и Канада, тврдејќи дека трговијата со фентанил од овие земји претставува вонредна состојба.
Неколку месеци подоцна, Трамп отиде чекор понатаму и воведе царини од 10 до 50 отсто на стоки од речиси сите земји во светот. Тој како „вонредна и необична закана“ го наведе американскиот трговски дефицит – фактот дека САД увезуваат повеќе отколку што извезуваат.
Врховниот суд пресуди дека правото за воведување нови даноци му припаѓа на американскиот Конгрес, а не на претседателот, и дека регулирањето на трговијата според IEEPA не подразбира собирање приходи преку нови давачки.
Сепак, дел од царините што Трамп ги воведе минатата година остануваат во сила, затоа што не се донесени врз основа на IEEPA. Ова вклучува секторски царини на челик, алуминиум, дрво и автомобили, воведени според друг закон – член 232 од Законот за трговско проширување од 1962 година, со образложение за заштита на националната безбедност.
Хронологија на настаните
– 20 јануари 2025 – Трамп положува заклетва за втор мандат како претседател на САД.
– 3 март 2025 – Воведува царина од 25% на увоз од Канада и Мексико.
– 2 април 2025 – Го прогласува „Денот на ослободувањето“ и воведува основна царина од 10% на речиси сите земји, со повисоки стапки за одредени држави.
– 9 април 2025 – Најавува 90-дневна пауза во примената.
– 14 април 2025 – Увозник на вино и други компании поднесуваат тужба против администрацијата пред Судот за меѓународна трговија на САД.
– 22 април 2025 – Други компании поднесуваат посебна тужба до федералниот суд, оспорувајќи ја законитоста на царините.
– 28 мај 2025 – Американскиот трговски суд пресудува дека царините на Трамп се незаконски.
– 29 мај 2025 – Федералниот суд издава привремена забрана за спроведување на царините, која останува на сила додека трае жалбениот процес.
– 9 септември 2025 – Врховниот суд ги обединува двете тужби.
– 5 ноември 2025 – Врховниот суд ги сослушува усните аргументи за законитоста на царините.
– 20 февруари 2026 – Врховниот суд со одлука 6:3 пресудува дека Трамп нема овластување да воведува царини без одобрение од Конгресот.
– 21 февруари 2026 – Трамп објавува воведување на глобални царини од 15%.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.

