Свет
Ердоган: Ќе продолжиме со одмазда поради нападот

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека земјата ќе продолжи да се одмаздува за нападoт врз нејзините сили во Идлиб во Сирија кога беше соопштено дека четворица турски војници биле убиени, а деветмина повредени во напад на сириските владини сили.
„Ние одговоривме на овие напади и ќе продолжиме да го правиме тоа, без разлика дали станува збор за нашата артилерија или минофрлачи. Решени сме да продолжиме да работиме за безбедноста на нашата земја, нашите граѓани или нашите браќа во Идлиб“, рече Ердоган.
Тој додаде дека секој што ја доведува во прашање одлучноста на Турција набргу ќе сфати дека греши.
Тој исто така нагласи дека турските авиони нападнале 40 цели во Идлиб и неутрализирале 30-35 Сиријци.
Како што пренесе ТАСС, Ердоган изјавил дека турските и руските воени експерти биле во контакт по нападот врз турските војници во Идлиб.
Турскиот претседател изрази подготвеност да разговара за последните настани со рускиот претседател Владимир Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Русите бомбардираат како луди

Американскиот претседател, Доналд Трамп, за време на средбата со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека не му се допаѓа тоа што Русија неодамна ги интензивираше нападите врз Украина, пишува „Украинска правда“.
„Не сум задоволен од тоа што се случува со бомбардирањето, затоа што тие (Русите) моментално бомбардираат како луди“, рече Трамп и додаде дека ситуацијата не е добра.
Тој, исто така, потсети дека САД водат преговори со Русија и Украина за потенцијално мирно решавање на конфликтот.
„Се приближуваме до некаков договор. Но, не сум задоволен од сите бомбардирања што се случуваа минатата недела. Тоа е страшно. Тоа е страшна работа“, заклучи Трамп.
Во петокот, на 4 април, Русија истрела балистичка ракета врз родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Криви Рих. Во нападот загинаа 20 лица, меѓу кои девет деца. Повредени се повеќе од 70 луѓе, меѓу кои и деца и тримесечно бебе.
Нападот на Криви Рих беше наречен најсмртоносниот поединечен напад врз деца во Украина од почетокот на војната од страна на ОН.
Украинскиот претседател Зеленски го осуди нападот како чин на „екстремен цинизам и суровост“ и ја повика меѓународната заедница да изврши поголем притисок врз Русија да престане со таквите злосторства.
Свет
Иран ја потврди изјавата на Трамп: Овој викенд започнуваат преговорите за нуклеарната програма

Иран ја потврди изјавата на Доналд Трамп дека ќе разговара со САД овој викенд, по неколкумесечните зголемени тензии околу нуклеарната програма на земјата, пишува Блумберг.
„Иран и САД во сабота ќе се сретнат во Оман на индиректни разговори на високо ниво“, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на социјалната мрежа Икс. „Тоа е колку можност, толку и тест. Топката е на американскиот терен“.
Според државниот медиум Nour News, преговорите ќе ги водат Арагчи и Стив Виткоф, специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток и еден од најблиските советници на претседателот, додека за време на разговорите ќе посредува оманскиот министер за надворешни работи Бадр Албусаиди.
Свет
Од „Ланд Ровер“ до „Нинтендо“: се повеќе компании ги запираат испораките во САД

Поради најновите тарифи наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, некои светски компании одлучија привремено да ја прекинат испораката на производи во САД.
Трамп минатата недела воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз, а некои земји се соочуваат со царини до 50 отсто. Многу производители се надеваат на договори за пониски стапки и одлучија да го замрзнат извозот додека не видат до каде одат трговските разговори.
„Јагуар Ланд Ровер“ (JLR) објави дека ја паузира испораката на возила во САД бидејќи се обидува да го прилагоди својот бизнис на новите царински барања. На сите странски автомобили им беше воведена царина од 25 отсто.
Таа е една од најголемите британски автомобилски компании, која само во третиот квартал на 2024 година извезла околу 38.000 возила во САД – речиси исто колку на пазарите во Велика Британија и ЕУ заедно.
„САД се клучен пазар за луксузните брендови на JLR. Додека ги разработуваме плановите со деловните партнери, привремено ги запираме испораките во април“, соопшти компанијата.
„Нинтендо“, според The Verge, ги стопираше испораките на „Свич 2“ за американскиот пазар, иако конзолата е веќе достапна за нарачка однапред. Конзолата е произведена во Јапонија, која сега се соочува со царина од 24 проценти.
Во соопштението, „Нинтендо“ рече дека испораките се одложуваат бидејќи компанијата „го проценува потенцијалното влијание на тарифите и променливите услови на пазарот“. „Свич 2“ треба официјално да биде лансиран во јуни.
Американската компанија „Бејзик Фан“, која произведува играчки, изјави за Њујорк Пост дека ги запира пратките на сите нејзини играчки произведени во Кина.
Кина веќе се соочи со царина од 20 отсто, а минатата недела Трамп најави дополнителни 34 отсто и се закани со уште 50 отсто доколку Пекинг не ги повлече контрамерките. Теоретски, вкупната царина за кинески стоки може да се зголеми на 104 отсто.
„Не можам да ризикувам да испраќам стока што би можела да потпадне под високите царини што ги најавува претседателот“, рече директорот Џеј Форман.