Свет
Ердоган ќе се сретне со Путин
Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин в понеделник во Сочи ќе го прими турскиот колега Реџеп Таип Ердоган со кого се очекува да разговара за обновување на договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море.
Преговорите ќе се одржат в понеделник во Сочи во средината на денот, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, без да навлегува во детали за темите што ќе се разговараат на состанокот. Тоа ќе биде ретка посета на Русија на лидер на Г20 од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година по посетата на кинескиот претседател Шји Џјинпинг на Москва во март.
Веста дојде откога Украина објави дека дозволила два товарни брода да пловат преку Црното Море преку коридорот што го одреди и покрај ризикот од руска одмазда по истекот на договорот за извоз на жито.
Договорот за жито, од кој Москва се повлече во средината на јули и кој овозможи извоз на украинско жито преку Црното Море од летото 2022 година, ќе биде на дневен ред на состанокот, објави Анкара.
Турција се обидува да го обнови тој договор со надеж дека тоа ќе овозможи пошироки мировни преговори меѓу Украина и Русија.
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, при вчерашната посета на Москва рече дека е клучно договорот да се обнови, а неговиот руски колега Сергеј Лавров повтори дека Русија бара гаранции од Западот.
Во меѓувреме, Украина извезува жито по копно и преку речно пристаниште, така што количината жито што може да ја извезе е значително помала. На тоа треба да се додадат и многуте руски напади врз пристанишната инфраструктура на југот на земјата. Освен споменатите два товарни брода, два брода изминатите денови успеаја да се пробијат од украинските пристаништа до турските води, без Русија воено да реагира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

