Свет
Ереван има доказ дека Турција ги контролира воените операции во Нагорно-Карабах
Ерменија има докази дека турската воена команда ги контролира воените операции на Азербејџан во Нагорно-Карабах, изјави ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, во интервју за француски „Фигаро“.
Пашинјан побара да се прекине членството на Турција во групата од Минск, основана во 1992 година за да преговара за мирно решавање на конфликтот во Нагорно-Карабах, поради нејзиниот агресивен и пристрасен став кон конфликтот во Нагорно-Карабах и истакна дека оние што го почнаа тековниот конфликт треба да му стават крај покажувајќи со прстот кон Анкара и Баку.
„Учеството на Турција во групата од Минск мора да биде суспендирано бидејќи оваа земја демонстрира пристрасен и воинствен пристап. Затоа повеќе не може да биде медијатор“, рече тој.
Ерменија се надева дека групата од Минск на ОБСЕ ќе помогне да се надмине сегашната криза во Нагорно-Карабах.
„Групата од Минск е единствениот формат на преговори што постојат денес. Претседателите на Русија и Франција испратија силна порака. Го чекаме активното учество на меѓународната заедница во напорите да се запре агресијата. Во оваа фаза спротивната страна не покажува апсолутно никаква намера да ги запре непријателствата“, вели Пашинијан.
Ерменскиот премиер рече дека 30 отсто од убиените од азербејџанска страна се странски борци и истакна дека Анкара одлучила да ги предводи воените операции против Ереван бидејќи Баку не е во состојба да контролира платеници.
Ереван претходно рече дека турски „Ф-16“ соборил еден од своите авиони „су-25“, тврдење што Анкара категорично го негира и го нарече лага и нова фантазија на ерменската воена пропагандна машина.
Пашинјан посочи дека Анкара не само што ги контролира воените операции на Баку во Нагорно-Карабах туку и воено го поддржува Азербејџан.
„Меѓународната заедница, особено американската јавност, мора да знае дека ‘Ф-16’, произведен во САД, сега се користи за убиство на Ерменци во овој конфликт. Има доказ дека турските воени команданти се директно вклучени во водењето на офанзивата“, рече Пашинјан.
Пашинијан додаде дека Турција собрала и прераспредели илјадници платеници и терористи од зоните што ги окупираат на северот на Сирија. Тој се осврна и на ерменскиот геноцид велејќи дека Турција сака да го заврши почнатото пред 100 години – да ги истреби Ерменците.
Односите меѓу Ерменија и Турција се затегнати поради масовните убиства на Ерменците за време на Првата светска војна. Меѓу 1915 и 1917 година силите на Отоманската Империја убија повеќе од 1,5 милион Ерменци, што според Ереван е геноцид.
Тврдењето на Ерменија е признаено од 30-ина земји, но Турција ги негира обвинувањата за геноцид и тврди дека и Турците и Ерменците починале како резултат на конфликтот. Анкара исто така верува дека бројот на жртвите е многу помал, само стотици илјади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Трамп: Можеби пријателски ќе ја преземеме Куба
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно „ријателско преземање на Куба, пренесе Ројтерс. Тој рече дека американскиот државен секретар Марко Рубио веќе се занимава со тоа прашање на многу високо ниво.
„Кубанската влада разговара со нас и се во големи проблеми. Немаат пари, немаат ништо сега, но разговараат со нас и можеби ќе имаме пријателско преземање на Куба“, изјави Трамп.
Trump: “We could very well end up having a friendly takeover of Cuba.” pic.twitter.com/QTeif4zCiE
— Conflict Alarm (@ConflictAlarm) February 27, 2026
Кубанската економија е во длабока криза, која дополнително се влоши по прекинот на испораките на нафта од Венецуела. Американското ембарго кон Куба беше дополнително заострено, а Трамп се закани со царини за секоја земја што ќе испраќа нафта на островот.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Во тешка трамвајска несреќа во Милано загина едно лице, а 39 се повредени, од кои некои потешко, јави Би-Би-Си.
Несреќата се случила околу 16 часот на улицата „Виторио Венето“, во северниот дел на градот, кога трамвај излетал од шините и удрил во зграда. Според првичните информации, жртвата е пешак, додека најголем дел од повредените се патници во возилото.
На местото на настанот интервенирале повеќе екипи на итната помош и цивилната заштита, а поставен е и шатор за згрижување на повредените. Има информации дека дел од луѓето биле заробени во оштетениот трамвај.
Сведоци изјавиле дека непосредно пред несреќата се слушнала силна бучава, по што трамвајот забрзал и удрил во објект. Еден од патниците изјавил дека помислил оти станува збор за земјотрес.
Причините за несреќата засега не се познати, а според медиумите, можно е возилото пребрзо да влегло во остра кривина. На местото на настанот пристигнал и градоначалникот на Милано.

