Свет
ЕСП ги спречи депортациите на мигрантите дури и ако тие се безбедносна закана
Европскиот суд на правдата (ЕСП) донесе серија пресуди за случаите на депортација кои вклучуваат мигранти што или биле осудени за кривични дела или биле сметани за закана за безбедноста, одбивајќи да дозволи нивна депортација во случај да се соочуваат со тортура во нивните земји, пренесува „Ил џорнале“.
Трите случаи за кои судот донесе одлука вклучуваат мигранти од Конго, Брегот на Слоновата Коска и од Чеченија на кои им било одбиено правото на азил во Белгија или во Чешка бидејќи биле осудени за тешки кривични дела или биле сметани за закана за националната безбедност.
Судот рече дека одбивањето на азилот не значи дека барателите на азил ќе бидат автоматски депортирани, велејќи дека сè уште се под заштита на Женевската конвенција и дека ако постојат разумни докази оти ќе бидат мачени или убиени во нивните матични земји, мигрантите не може да бидат депортирани од Европа.
Судијата ја блокираше нелегалната депортација врз основа на загриженоста за човековите права иако бил свесен дека Иранецот лажел дека преминал во христијанство.
Пресудата може да биде удар за популистичкиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, кој вети дека ќе почне депортација на мигрантите криминалци во нивните матични земји и издвои пари за да помогне во преговорите за трансферот на нелегалните мигранти во земјите со кои Италија нема договори за репатријација.
Салвини реагираше на пресудата велејќи:
„Заради ова е важно да ја смените оваа Европа со гласање за Лига на 26 мај“, и додаде, „сепак, нема да се премислам и не го менувам законот. Барателите на азил што силуваат, крадат и продаваат дрога ќе бидат вратени дома. Во Уредбата за безбедност постојат уште построги правила против шверцерите и трговците со луѓе”.
Миграцијата и безбедносниот декрет беа изготвени и усвоени од италијанскиот парламент минатата година и покрај критиките од сенаторите од Движењето Пет ѕвезди, коалицискиот партнер на Салвини.
Со Уредбата, исто така, се укинува хуманитарната дозвола за престој поради што владата очекува околу 2.000 мигранти месечно да ја напуштат земјата за да се вратат во своите татковини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

