Свет
ЕУ ги продолжи санкциите кон Русија за уште шест месеци
Советот на ЕУ денес ги продолжи економските санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина за уште шест месеци.
Санкциите, кои се продолжени до 31 јули в година, опфаќаат широк спектар на секторски мерки, што вклучуваат ограничувања за трговија, финансии, енергетика, технологија и стоки со двојна намена, индустрија, транспорт и луксузни стоки.
Тие исто така вклучуваат забрана за увоз или транспорт на сурова нафта и одредени нафтени производи од Русија во ЕУ, суспензија на пристап до SWIFT за неколку руски банки и суспензија на емитување и лиценци во Европската Унија за неколку руски медиуми.
Мерките исто така ѝ овозможуваат на ЕУ да се спротивстави на заобиколувањето на санкциите. Санкциите со кои се замрзнуваат средствата на Руската централна банка беа продолжени со посебна одлука пред неколку дена до понатамошно известување и повеќе не мора да се обновуваат на секои шест месеци.
Покрај економските санкции, ЕУ воведе голем број мерки против Русија, како што се ограничувања на економските односи со Крим и со областите што не се контролирани од украинската влада во Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје, како и мерки против физички и правни лица, чии средства се замрзнати, и патување во ЕУ.
фото/депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
По протестот на опозицијата во Тирана, 17 лица се уапсени, а 35 под истрага
17 лица се уапсени, а против 35 се води истрага на слобода, по протестот на албанската опозиција во Тирана кој ескалираше во тензии и судири со безбедносните сили, јави RTSH.
Инцидентите започнале кога дел од демонстрантите се судриле со полицијата во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама. Според информациите, кон зградата биле фрлани молотови коктели.
Полицијата интервенирала со солзавец за да ја растера толпата. Подоцна протестот се префрлил кон зградата на парламентот, каде што биле регистрирани нови инциденти и фрлање запаливи средства, по што следувала нова полициска интервенција.
Во судирите се повредени повеќе лица, кои се пренесени во болница.
Од полицијата информираат дека протестот не бил претходно одобрен, наведувајќи дека имало информации за можни насилства, имајќи ги предвид претходните инциденти.
Демонстрантите побараа оставка од владата по обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку.
Свет
Фицо ѝ се закани на Украина: Ако не добиеме нафта до понеделник, ќе ви ја исклучиме струјата
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, упати ултиматум до Киев, со кој најавува дека Словачка ќе ги прекине итните испораки електрична енергија за Украина ако до понеделник не се обнови транзитот на нафта кон земјата. Со ова се дополнително заоструваат веќе напнатите односи меѓу двете држави.
„Ако украинскиот претседател до понеделник не го обнови снабдувањето со нафта за Словачка, истиот ден ќе побарам од надлежните словачки компании да ги запрат итните испораки електрична енергија за Украина“, изјави Фицо.
Тој го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека се однесува злонамерно кон Братислава и дека не го цени мировниот пристап на Словачка. Фицо истакна дека Украина најпрво ја запрела испораката на гас, што, според него, предизвикало штета од 500 милиони евра годишно, а потоа и испораката на нафта, создавајќи дополнителни економски и логистички проблеми.
Премиерот нагласи дека Словачка од почетокот на војната ѝ помага на Украина, прифаќајќи околу 180.000 украински државјани, обезбедувајќи хуманитарна помош и организирајќи заеднички состаноци на владите.
„Словачка прави многу повеќе од некои други земји“, рече Фицо.
Тој додаде дека односите не можат да бидат еднострана улица и дека Словачка како суверена и горда држава не може да прифати однос од кој единствено Украина има корист.
Свет
(Видео) Експлозија на камион со гас во Сантјаго, има загинати и повредени
Камион кој превезувал течен гас експлодирал во Во Сантјаго, Чиле, при што загинале четири лица, а 17 се повредени.
Меѓу жртвите е и возачот на камионот, кој според извештаите, изгубил контрола пред експлозијата.
📌 Deadly gas truck blast rocks Chile’s capital
💥 Gas truck explodes on highway in Renca district of Santiago, killing at least four people and injuring 17 others
🎥 Moment of explosion shows massive fireball engulfing roadway pic.twitter.com/axPSHzf5WA
— Anadolu English (@anadoluagency) February 20, 2026
Силната експлозија создала огромен облак чад, а ударот се почувствувал на растојание од 150 до 200 метри.
Во несреќата биле оштетени најмалку 50 возила.
Јавниот обвинител во Чиле отвори истрага за случајот.

