Свет
ЕУ го предупреди Трамп за последиците од воведување давачки за увоз на автомобили

Европската Унија ја критикуваше администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, поради разгледувањето на можноста за воведување давачки за увоз на автомобили, наведувајќи дека тоа би можело да доведе до возвратни мерки на светско ниво за американските производи во вредност од 300 милијарди долари.
Во писмо од 10 страници испратено до Министерството за трговија, ЕУ смета дека новите царини за европските автомобили и автоделови се неоправдани и би биле економска грешка.
Трамп неколкупати го нападна трговскиот суфицит на Унијата со САД, којшто минатата година изнесуваше 101 милијарда долари, и ги критикуваше земјите членки за нивните царини од 10 отсто за увоз на автомобили во САД, во споредба со контрамерката на САД од 2,5 проценти. Американскиот претседател неодамна на Агенцијата за трговија и` наложи да испита дали царините од 20 отсто треба да се наметнат врз основа на националната безбедност, иако не беше конкретизирано за каква загриженост за безбедноста станува збор.
Европската комисија порача дека ќе ги вложат сите напори, без оглед дали тоа би било на техничко или политичко ниво, за да ги спречат САД да наметнат повисоки царини. Претседателот на Комисијата, Жан Клод Јункер, подоцна месецов ќе го посети Вашингтон во обид да ја убеди актуелната администрација да ги поддржи зголемените царини за европските возила.
Европа минатата година во САД испрати автомобили во вредност од 43,6 милијарди долари, споредено со 7,1 милијарда – возила коишто САД ги испратиле во Европа. Дополнително, Унијата вели дека европските компании произвеле речиси 2,9 милиони автомобили во САД, директно поддржувајќи 120 000 работни места во земјата, или 420 000 места, ако се вклучат дилери и продавачи на автоделови. Спорот околу царините за автомобили меѓу САД и ЕУ доаѓа во време кога Трамп има разлики со Европската Унија, Кина и Канада поради неговото наметнување на нови давачки за увоз на челик и алуминиум во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Инстаграм воведува построги мерки за заштита за лица под 18 години

Инстаграм повеќе нема да прикажува содржина на тинејџери што се смета за несоодветна за лица под 13 години, моделирана според филмската оценка PG-13. Оваа промена ги проширува заштитите што беа воведени минатата година, објави Блумберг.
Платформата, во сопственост на компанијата „Мета“, користи вештачка интелигенција за да препознае дали содржината е соодветна за тинејџери. Веќе е забрането да се препорачува експлицитна и сексуално сугестивна содржина на млади луѓе, а новите правила дополнително ќе ги сокријат објавите со вулгарности, опасни предизвици и предмети поврзани со марихуана.
„Одлучивме поблиску да се усогласиме со стандардот со кој родителите се запознаени. Целта е тинејџерите да наидуваат на вакви објави што е можно поретко“, велат од компанијата.
Сметките на корисници под 18 години автоматски ќе ги имаат овие поставки, кои не можат да се менуваат без дозвола од родителите. Покрај тоа, воведена е нова опција „Ограничена содржина“ за родителите кои сакаат уште построга контрола. Исто така, на корисниците под 16 години им е забрането емитување во живо.
Друга новина е што тинејџерите повеќе нема да можат да следат адреси кои често споделуваат содржина несоодветна за нивната возраст – како што се профилите поврзани со платформата OnlyFans или оние кои отворено објавуваат содржина „18+“. Доколку веќе ги следат, повеќе нема да можат да ја видат или да реагираат на нивната содржина, според медиумот.
Фото: принтскрин
Свет
Кина со обвинувања за Трамп дека поттикнува трговска војна

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази шокираност од она што го нарекува „изненадувачки“ потег на Кина да воведе широка контрола врз извозот на ретки метали, обвинувајќи го Пекинг дека „станува многу непријателски настроен“.
Сепак, според кинеските претставници, токму проширувањето на американските ограничувања врз кинеските компании ги влоши тензиите и ги поттикна да ја заострат контролата врз клучните минерали неопходни за електрониката, автомобилите и полупроводниците, објавува CNN.
Во брзата ескалација на конфликтот за време на викендот, Трамп објави дека новите контроли на Пекинг ќе ги вратат тарифите на троцифрено ниво, поттикнувајќи ја кинеската влада да вети „соодветни мерки“.
Потезите меѓу двете најголеми економии во светот ги потресоа пазарите, ги вознемирија глобалните индустрии за можни производствени шокови и ги разгореа стравувањата од повторување на тарифниот конфликт од пролетта, кога даноците достигнаа нивоа еднакви на трговско ембарго.
Обновените тензии, исто така, го загрозуваат напредокот постигнат за време на повеќемесечните трговски преговори и го покренаа прашањето дали планираната средба меѓу кинескиот лидер Шји Џјинпинг и Трамп во Јужна Кореја на крајот од месецот воопшто ќе се одржи.
Откако Трамп сугерираше дека можеби ќе го откаже состанокот, министерот за финансии Скот Бесент вчера за Фокс њуз изјави дека сè уште очекува тој да се одржи. Кинеското министерство за трговија во вторник изјави дека останува отворено за разговори, но повтори дека САД не можат да бараат дијалог додека се закануваат со нови мерки.
Пекинг: САД први почнаа
Според кинеските експерти и аналитичари, голем дел од сегашната ескалација можеше да се избегне доколку администрацијата на Трамп не воведе дополнителни ограничувања кон крајот на септември, масовно зголемувајќи го бројот на кинески субјекти на својата листа за контрола на извозот.
Џин Канронг, професор по меѓународни односи на Универзитетот Ренмин во Пекинг и владин советник, рече дека Пекинг само реагира на серија „ситни маневри“ од Вашингтон.
„Откако ја гризеа Кина, САД сега се преправаат дека се невини, па дури и се обидуваат да играат жртва“, напиша тој на кинеската платформа за социјални медиуми Веибо во саботата.
Од олеснување до ескалација
Во текот на летото, односите меѓу САД и Кина покажаа знаци на олеснување, но Вашингтон значително ги прошири своите ограничувања за извоз само 10 дена по телефонскиот повик меѓу Шји и Трамп. Бројот на кинески компании кои се соочуваат со ограничувања се зголеми од околу 3.000 на уште неколку илјади, според написите.
„Од кинеска перспектива, ова е исклучително злонамерно“, рече Ву Синбо, декан на Институтот за меѓународни студии на Универзитетот Фудан.
Ако, по повеќе од половина година справување со Кина, САД сè уште не сфатиле дека преземањето такви мерки против Кина ќе има сериозни последици, тогаш би рекол дека луѓето во тимот на Трамп се целосно некомпетентни“, додаде тој.
Фото: принтскрин
Свет
ЕУ планира да ги забрани електронските и филтер цигарите

Филтер и електронските цигари наскоро би можеле да бидат историја во Европската Унија, бидејќи Советот на ЕУ има намера да го следи предлогот на Светската здравствена организација (СЗО) и планира да ги забрани, пишува австрискиот весник „Хојте“.
Во нацрт-резолуцијата на Советот на ЕУ, до која „Хојте“ имал пристап, се наведува дека „забраната за производство, увоз, дистрибуција и продажба на филтер цигари би дала важен придонес во сузбивањето на потрошувачката на тутун“, како и дека електронските цигари би можеле да бидат укинати.
Како што е најавено, СЗО ќе ги разгледа препораките на својата конференција во Женева во ноември, со можност со планираната ревизија на Директивата за тутунски производи да се воведе целосна забрана, што ја поддржува и Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен.
Весникот наведува дека таквата забрана би била шокантна за Австрија, каде што 74 проценти од сите продадени цигари се филтер цигари.
СЗО се стреми кон целта за „генерација без никотин“, поради што тутунските производи би можеле да бидат елиминирани од бензинските пумпи, киосците и продавниците за тутун во иднина, додека продажбата во малопродажните продавници би била строго ограничена, а профитот од тутун во голема мера би бил елиминиран, пренесуваат медиумите.
Фото: принтскрин