Свет
ЕУ го предупредува Трамп: Путин мора да одговара за воените злосторства
Висок функционер на Европската Унија предупреди дека мировниот план на Доналд Трамп за Украина не смее да го ослободи Владимир Путин од одговорност за воените злосторства поставувајќи јасна црвена линија за Брисел за каков било иден договор.
Во едно интервју европскиот комесар за правда и демократија, Мајкл Мекграт, нагласи дека разговорите за прекин на огнот не смее да резултираат со тоа што Русија ќе избегне гонење за своите постапки, објави „Политико“.
Коментарите на Мекграт одразуваат длабока загриженост во цела Европа поради нацрт-договорот на САД, кој наводно вклучувал „целосна амнестија за дела извршени за време на војната“ и планови за брза реинтеграција на Русија во глобалната економија. Таквиот пристап кон рехабилитацијата на Кремљ е спротивен на меѓународната осуда на многубројни злосторства, како што се киднапирањето на 20.000 украински деца и бруталните напади врз цивили во Буча, Мариупол и други градови.
„Не мислам дека историјата ќе суди благонаклоно за секој обид да се заборават руските злосторства во Украина“, рече Мекграт. „Тие мора да бидат одговорни за овие злосторства, а тоа ќе биде пристапот на Европската Унија во сите овие дискусии“.
„Ако го направиме тоа, да дозволиме неказнивост за тие злосторства, ќе сееме семе на следната рунда агресија и на следната инвазија“, додаде тој. „И верувам дека тоа би била историска грешка од огромни размери“.
Украинските власти почнаа повеќе од 178.000 истраги за наводни руски злосторства од почетокот на инвазијата. Минатиот месец панел на Обединетите нации откри дека руските власти извршиле злосторства против човештвото со напади со беспилотни летала врз цивили, како и воени злосторства со присилно преместување и депортација.
„Не можеме да се откажеме од правата на жртвите на руската агресија и руските злосторства“, рече Мекграт. „Милиони животи се одземени или уништени, луѓето се насилно отстранети, а имаме изобилство докази“.
Додека ЕУ работи со партнерите за формирање специјален суд за кривично дело агресија, а Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин во март 2023 година за нелегална депортација на деца, Трамп и неговиот тим покажаа мал интерес за негово гонење.
Претседателот на САД постојано го опишува својот руски колега во позитивно светло зборувајќи за добри разговори и надежи за нови економски и енергетски партнерства. Двајцата лидери исто така наводно разговарале за организирање хокеарски натпревари меѓу САД и Русија по завршувањето на војната.
Овој тон продолжува и во нацрт-мировниот план од 28 точки што неодамна го презентира тимот на Трамп. Во документот се наведува дека „Русија ќе биде реинтегрирана во глобалната економија“ и се повикува на нејзино враќање во групата Г8, од која беше исклучена во 2014 година по анексијата на Крим.
Планот исто така предвидува склучување долгорочен договор за економска соработка меѓу САД и Русија во клучни сектори, како што се енергетиката, инфраструктурата, вештачката интелигенција и рударството на ретки метали.
Планот на САД исто така предлага постепено укинување на санкциите врз Русија, но европските лидери инсистираат дека одлуката за санкциите на ЕУ е исклучиво нивна одговорност. Сепак, не сите членки на ЕУ го делат истиот став.
Унгарија постојано блокира нови пакет-санкции, особено оние поврзани со нафтата и гасот од кои зависи. Во исто време, истакнати политичари во Германија ја споменаа можноста за укинување на санкциите врз гасоводот „Северен тек“.
фото/епа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
По протестот на опозицијата во Тирана, 17 лица се уапсени, а 35 под истрага
17 лица се уапсени, а против 35 се води истрага на слобода, по протестот на албанската опозиција во Тирана кој ескалираше во тензии и судири со безбедносните сили, јави RTSH.
Инцидентите започнале кога дел од демонстрантите се судриле со полицијата во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама. Според информациите, кон зградата биле фрлани молотови коктели.
Полицијата интервенирала со солзавец за да ја растера толпата. Подоцна протестот се префрлил кон зградата на парламентот, каде што биле регистрирани нови инциденти и фрлање запаливи средства, по што следувала нова полициска интервенција.
Во судирите се повредени повеќе лица, кои се пренесени во болница.
Од полицијата информираат дека протестот не бил претходно одобрен, наведувајќи дека имало информации за можни насилства, имајќи ги предвид претходните инциденти.
Демонстрантите побараа оставка од владата по обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку.
Свет
Фицо ѝ се закани на Украина: Ако не добиеме нафта до понеделник, ќе ви ја исклучиме струјата
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, упати ултиматум до Киев, со кој најавува дека Словачка ќе ги прекине итните испораки електрична енергија за Украина ако до понеделник не се обнови транзитот на нафта кон земјата. Со ова се дополнително заоструваат веќе напнатите односи меѓу двете држави.
„Ако украинскиот претседател до понеделник не го обнови снабдувањето со нафта за Словачка, истиот ден ќе побарам од надлежните словачки компании да ги запрат итните испораки електрична енергија за Украина“, изјави Фицо.
Тој го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека се однесува злонамерно кон Братислава и дека не го цени мировниот пристап на Словачка. Фицо истакна дека Украина најпрво ја запрела испораката на гас, што, според него, предизвикало штета од 500 милиони евра годишно, а потоа и испораката на нафта, создавајќи дополнителни економски и логистички проблеми.
Премиерот нагласи дека Словачка од почетокот на војната ѝ помага на Украина, прифаќајќи околу 180.000 украински државјани, обезбедувајќи хуманитарна помош и организирајќи заеднички состаноци на владите.
„Словачка прави многу повеќе од некои други земји“, рече Фицо.
Тој додаде дека односите не можат да бидат еднострана улица и дека Словачка како суверена и горда држава не може да прифати однос од кој единствено Украина има корист.
Свет
(Видео) Експлозија на камион со гас во Сантјаго, има загинати и повредени
Камион кој превезувал течен гас експлодирал во Во Сантјаго, Чиле, при што загинале четири лица, а 17 се повредени.
Меѓу жртвите е и возачот на камионот, кој според извештаите, изгубил контрола пред експлозијата.
📌 Deadly gas truck blast rocks Chile’s capital
💥 Gas truck explodes on highway in Renca district of Santiago, killing at least four people and injuring 17 others
🎥 Moment of explosion shows massive fireball engulfing roadway pic.twitter.com/axPSHzf5WA
— Anadolu English (@anadoluagency) February 20, 2026
Силната експлозија создала огромен облак чад, а ударот се почувствувал на растојание од 150 до 200 метри.
Во несреќата биле оштетени најмалку 50 возила.
Јавниот обвинител во Чиле отвори истрага за случајот.

