Свет
ЕУ не треба да го поддржува независен Тајван, тврди Карл Билт
„ЕУ мора да го смета Тајван како дел од Кина и да се залага за мирно обединување со Кина“, тврди поранешниот шведски премиер и политички тешкаш, Карл Билт.
Иако Пекинг тврди дека Тајван е неотуѓив дел од Кина, САД во неколку наврати ја покажаа својата поддршка за независноста на островот. Во Европската Унија, пак, ситуацијата е сосем спротивна и недостига заеднички став по ова прашање.
Политичките тензии во врска со проблематичните односи меѓу Кина и Тајван повторно ескалираа кога Кина спроведе обемна воена вежба во Тајванската Теснина за време на велигденскиот викенд.
Според Билт, кој беше премиер на Шведска од 1991 до 1994 година и министер за надворешни работи од 2006 и 2014 година, а беше и лидер на либерално-конзервативната Умерена партија од 1986 до 1999 година, ЕУ треба да се придржува до идејата за обединување на Тајван со континентална Кина во рамките на политиката за една Кина.
„Ставот на ЕУ за тајванското прашање треба да биде дека се придржуваме до идејата за една Кина и соодветно на тоа дека не ја поддржуваме независноста на Тајван, како и дека секое решение на проблемот треба да биде мирно. Дека ЕУ решително ќе се спротивстави на секоја употреба на сила од страна на Кина“, напиша Билт на „Твитер“.
Мислењето на Билт е во спротивност со ставот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој штотуку се врати од посетата на Пекинг, каде што истакна дека ЕУ треба да се воздржи од заземање став за ова прашање како такво.
Во интервју по посетата на Кина, Макрон ја предупреди Европа да не се „вовлекува во кризи што не се наши“ и кои „ја спречуваат ЕУ да ја изгради својата стратешка автономија“.
Тој посочи рече дека Европа не треба да го ескалира конфликтот околу Тајван, туку да се обиде да изгради сопствена позиција како трет пат меѓу Кина и САД.
„Најлош би било да се мисли дека ние Европејците треба да бидеме следбеници во ова прашање и да се приспособиме на американскиот ритам или кинеското претерување“, изјави францускиот претседател за „Политико“.
Тој смета и дека ЕУ мора повеќе да вложува во својата одбранбена индустрија, да развие извори на нуклеарна и обновлива енергија и да ја намали зависноста од американскиот долар за да ја ограничи зависноста од САД.
„Политико“ подоцна објави дека Елисејската палата ги проверила изјавите на Макрон пред објавувањето и инсистирала да се отстранат деловите во кои францускиот претседател зборувал уште поискрено за Тајван и за стратешката автономија на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Протести против Зимските олимписки игри во Милано: демонстрантите фрлаа димни бомби и шишиња кон полицијата
Илјадници луѓе се собраа во Милано на протест против Зимските олимписки игри само еден ден по церемонијата на отворање во северниот италијански град, објавуваат италијанските медиуми. Некои демонстранти фрлаа пиротехника и се судрија со полицијата.
Milano. Solo una parola. CRIMINALI. pic.twitter.com/8yRaYrCeS2
— Azzurra Barbuto (@AzzurraBarbuto) February 7, 2026
Група од околу 100 демонстранти, претежно радикални левичари, фрлаа петарди, димни бомби и шишиња кон полицијата откако се одвоија од главната толпа во Милано, градот домаќин на Олимписките игри. Полицијата во опрема за немири и со штитови одговори со водни топови во обид да ја растера групата, од која некои носеа качулки и шалови за да ги покријат лицата. Редот беше воспоставен по неколку минути. Неколку учесници во немирите беа уапсени.
Полицијата беше во состојба на висока готовност по насилните судири за време на протестите во Торино минатиот викенд, во кои беа повредени повеќе од 100 полицајци.
„Ројтерс“ објави дека повеќе од 5.000 луѓе излегле на улиците на Милано поради трошоците за домување и еколошките проблеми. Демонстрантите носеа транспаренти со кои осудуваа низа проблеми, од употребата на вештачки снег и сечење дрвја до кризата со домувањето во финансискиот и моден главен град на Италија.
„Игрите повеќе не се одржливи од еколошка или социјална гледна точка, нивното време истече“, изјави демонстрантката Франческа Мисана (29).
Критичарите на Зимските олимписки игри се жалат на влијанието на инфраструктурата врз кревката планинска средина, како и на широката употреба на вештачки снег што троши многу енергија и вода.
Други велат дека за многумина, Милано стана град во кој повеќе не можат да живеат поради зголемените трошоци за живот поради приливот на богати нови жители привлечени од даночната шема.
Свет
Зеленски: САД ги притискаат Русија и Украина да ја прекинат војната пред летото
САД сакаат Москва и Киев да најдат решение за тоа како да се стави крај на војната во Украина пред летото, изјави претседателот Володимир Зеленски. Неговата изјава ја пренесе „Ројтерс“.
Во изјава за новинарите објавена од неговиот кабинет денес откога Украина и Русија одржаа дводневни разговори со посредство на САД во Абу Даби оваа недела, Зеленски рече дека Вашингтон предложил разговори во Мајами за една недела и дека Киев се согласил со тоа.
Зеленски, исто така, ја критикуваше Русија поради нападот врз украинските енергетски постројки извршен преку ноќ, велејќи во коментарите објавени на „X“ дека на Москва мора да ѝ се одземе можноста да го користи студеното зимско време како средство за влијание против Киев.
Фото:Депоситотос
Свет
Франција ги истражува поранешниот министер за култура и неговата ќерка за измама поврзана со Епштајн
Француските финансиски обвинители соопштија дека отвориле истрага против поранешниот министер за култура Џек Ланг и неговата ќерка Каролин Ланг под сомнение за „перење пари поврзано со сериозна даночна измама“ во случај поврзан со починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија француските медиуми.
Се зголемува притисокот врз Ланг да поднесе оставка од функцијата претседател на Институтот за арапски свет во Париз, откако документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела покажаа дека Епштајн и Ланг повремено се допишувале помеѓу 2012 година и смртта на Епштајн во затвор во 2019 година.
Француските медиуми, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Ле Фигаро“ и „Медиапарт“, објавија дека прелиминарната истрага е отворена откако документите на Министерството за правда на САД открија години преписка и финансиски врски меѓу Ланг и Епштајн, вклучително и оние во странство.
Канцеларијата ја потврди истрагата, но не даде дополнителни детали.
Џек Ланг, кој негира какво било кривично дело, е повикан на сослушување од Министерството за надворешни работи, надзорниот орган на Институтот за арапски свет, културна и истражувачка институција која промовира разбирање на арапскиот свет.
„Џек Ланг беше државен министер, тој ќе донесе одлука со чиста совест“, изјави неговиот адвокат Лоран Мерле за француските медиуми, одговарајќи на повиците Ланг да ја напушти институцијата.
Името на Ланг се појавува повеќе од 600 пати во досиејата на Епштајн, според прегледот на документите од страна на Ројтерс.
Пред шест дена, ќерката на Ланг, Каролина, поднесе оставка од функцијата раководител на Францускиот синдикат на независни продукции откако се открија нејзините врски со Епштајн. Ланг вели дека тоа е неправда
„Џек Ланг верува дека презентирањето на фактите е многу неправедно, но тој е борец и ќе ги даде сите потребни објаснувања на неговото надзорно тело и на судовите за да докаже дека не бил вмешан во никакво недолично однесување или кривично дело што може да му се припише“, рече неговиот адвокат.
„Немаше трансфер на средства… Но, мислам дека е нормално судијата да сака да го испита тоа“, рече тој, додавајќи дека се надева оти обвинителот ќе дејствува брзо.
Објавувањето на документите ја интензивираше истрагата за глобалните врски на Епштајн со јавни личности, вклучувајќи го Британецот Ендрју Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс, и Питер Манделсон, поранешниот британски амбасадор во Соединетите Држави.
Фото:ЕПА

