Свет
ЕУ планира нови санкции за Иран
Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) в понеделник ќе разговараат за воведување нови санкции кон Иран како одговор на задушувањето на протестите во таа земја, изјави денеска литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, за време на посетата на Берлин, пренесува „Бета“.
„Ќе предложиме дополнителни списоци, кои би можеле да бидат вклучени во (постојната) листа на санкции“, рече Ландсбергис додавајќи дека новите санкции ќе имаат два дела – првиот за учество на Иран во војната со Русија во Украина, а вториот за кршење на човековите права.
Протестите во Иран беа почнати на 16 септември, денот на смртта на Махса Амини (22) во болница, каде што беше ставена во тешка состојба по нејзиното апсење на 13 септември во Техеран поради носење несоодветна облека и непочитување на строгиот кодекс на облекување за жени во Иран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Медведев го нарече белгискиот министер „имбецил“, Франкен му возврати со песна на Селена Гомез
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен влезе во вербален судир со поранешниот руски претседател и сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Се започнало кога Франкен изјавил дека, доколку Русија ја нападне Белгија, „НАТО би ја израмнил Москва со земја“. На тоа, Медведев остро реагирал, нарекувајќи го „имбецил“ и потсетувајќи дека оваа недела Русија го тестирала нуклеарното суперторпедо „Посејдон“, кое го опишал како „вистинско оружје на судниот ден“.
Франкен утрово возвратил преку Инстаграм: „Главниот руски насилник не престанува да се заканува и навредува. НАТО не е во војна со Русија, но принципот на одмазда е неприкосновен веќе 76 години. Не повлекувам ниту збор.“
На крајот, министерот ја споделил песната „Calm Down“ од Селена Гомез со порака до Медведев – да се „смири“.
Свет
Зеленски: Новите санкции ќе ѝ донесат на Русија загуби од најмалку 50 милијарди долари годишно
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека новите санкции против Русија ќе ѝ предизвикаат годишни загуби од најмалку 50 милијарди долари, пренесе „Укринформ“.
Тој се повика на извештај на шефот на украинската надворешна разузнавачка служба Олег Ивашченко и рече дека санкциите против нафтените компании веќе создаваат сериозни финансиски последици за Москва.
Зеленски изрази надеж дека ќе следат и нови санкциски мерки, нагласувајќи дека арапските земји со своите испораки нафта можат да спречат какви било потреси на светскиот пазар.
Тој додаде дека Украина сојузниците редовно ги информира за лица и структури што заслужуваат санкции и дека „голем дел од нашите предлози се земаат предвид“.
На 23 октомври високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас објави дека е одобрен 19-от пакет санкции против Русија, а американското министерство за финансии веќе воведе мерки против „Росњефт“ и „Лукоил“. Зеленски претходно изјави дека американските санкции би можеле да ги намалат руските приходи за околу 5 милијарди долари месечно.
Регион
Грција во состојба на готовност поради можност за грабежи на музеи
Поради грабежот на Лувр во Париз и можноста за сличен инцидент во еден од бројните и важни музеи во Грција, надлежните органи се во состојба на висока готовност.
Според весникот „Катимерини“, грчките министерства за внатрешни работи и култура планираат да го доверат чувањето на музеите, а можеби и на некои археолошки локалитети, на грчката полиција.
Според надлежните службеници кои разговараа со новинарите на весникот под услов да не бидат именувани, почнувајќи од следниот март, не само цивили вработени во Министерството за култура, како што беше случај досега, туку и униформирани полицајци ќе учествуваат во чувањето на културните богатства од непроценлива вредност. 300 специјални чувари кои наскоро ќе бидат интегрирани во грчките полициски сили ќе учествуваат во оперативниот план.
Надлежниот извор објаснува дека Министерството за внатрешни работи претходно планирало вработување на 600 нови специјални чувари со цел зајакнување на полициските служби. Сепак, по одлуката на владата и според една верзија, по препорака на Министерството за култура, беше одлучено вкупниот број на специјални стражари кои ќе се приклучат на полициските сили да се зголеми на 900, така што 300 од нив ќе бидат распоредени да чуваат музеи и археолошки локалитети. Нови специјални стражари ќе се приклучат на полицијата во периодот февруари-март.
Во Грција, грабеж сличен на оној во Лувр се случи во 2012 година, кога сторителот успеа да провали во Националната галерија и да украде три уметнички дела од голема вредност, меѓу кои имаше и слика од Пикасо. Истата година кога се случи грабежот во Галеријата, беше забележан и грабежот на Музејот на историјата на Олимписките игри во Стара Олимпија. Овој случај го открија и полицајците на Службата за безбедност во Патра, кои ја презедоа истрагата.
Фото: принтскрин

