Свет
ЕУ се заканува со царини на тоалетна хартија, шминки и други производи од САД
Европската унија се закани дека ќе воведе тарифи за американската тоалетна хартија, соја, сенки за очи и стотици други производи доколку пропаднат трговските преговори со Соединетите држави, пишува Си-Ен-Ен.
ЕУ објави сеопфатна листа на американски производи кои би можеле да се соочат со царини од 25 отсто доколку не се постигне договор.
Ова е уште еден потег во трговската војна што американскиот претседател Доналд Трамп ја започна со воведување високи царини за стоки од десетици земји. Економистите предупредуваат дека последиците може да ги турнат американската и другите економии во рецесија.
ЕУ ги одложи своите први контрамерки за 90 дена, откако Трамп, исто така, привремено ги повлече најавените тарифи што ги претстави претходно овој месец. Европските тарифи требаше да стапат на сила во вторник како одговор на американските царини од 25 отсто за целиот увезен челик и алуминиум.
На списокот на ЕУ има околу 400 американски производи кои би можеле да подлежат на повисоки царини веќе во средината на јули. Други 1.300 производи би можеле да бидат погодени истовремено или во подоцнежна фаза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: ОН не направи ништо за да помогне со катастрофата во Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес на својата социјална мрежа „Тру соушал“ објави дека им честита на лидерите на Тајланд и Камбоџа за постигнатото примирје, кога двете земји се согласија во саботата да ги прекинат неколкудневните гранични конфликти.
Во соопштението, Трамп остро ги критикуваше Обединетите нации, наведувајќи дека организацијата „многу малку помогнала“ во решавањето на глобалните конфликти, додека особено ја истакна „катастрофата што моментално се случува меѓу Русија и Украина“.
„Обединетите нации мора да почнат да стануваат активни и вклучени во светскиот мир!“, рече Трамп.
Се очекува Трамп подоцна денес во својот дом во Мар-а-Лаго да разговара за рамката за мировен договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Свет
Фајненшл тајмс: Зеленски предлага демилитаризирана зона во Донбас
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да нареди повлекување на украинската војска од делови на Донбас, но само доколку истото го стори и Русија, со цел да се воспостави демилитаризирана зона, што е дел од американскиот нацрт-мировен план. Оваа информација Зеленски ја споделил со западните лидери за време на видеоконференција одржана пред неговото патување во Соединетите Американски Држави, пишува „Фајненшл тајмс“.
Според два извора запознаени со разговорите, Зеленски не очекува Москва да се откаже од своите барања и има намера да го поттикне американскиот претседател Доналд Трамп да го засили притисокот врз Русија. Меѓу неговите приоритети се обезбедување стабилно финансирање за вооружените сили и дополнителна поддршка за противвоздушната одбрана, а наводно се залага и за присуство на европски сили на украинска територија.
Зеленски повторил дека какви било територијални отстапки се можни исклучиво со одлука на народот на референдум, кој би морал да се одржи во безбедни услови и по воспоставување прекин на огнот. Тој се осврнал и на прашањето за нуклеарната електрана Запорожје, предлагајќи таа да биде ставена под меѓународна управа и со електрична енергија рамноправно да ги снабдува двете страни во конфликтот.
Фото: Depositphotos
Свет
Зеленски пред средбата со Трамп: Многу работи можат да се решат пред Нова година, одлуката зависи од партнерите
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Киев прави сè за да ја заврши војната со Русија, но дека на крајот одлуката за мир ќе зависи од неговите партнери.
„Ова се едни од најактивните дипломатски денови во годината и многу работи можат да се решат пред Нова година, а ние правиме сè за таа цел, но дали ќе се донесат одлуки зависи од партнерите“, напиша Зеленски на комуникациската платформа Телеграм пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида.
Тој додаде дека украинските партнери треба да го зголемат притисокот врз Москва „за Русите да ги почувствуваат последиците од нивната агресија“.
Зеленски, кој доцна синоќа пристигна на Флорида со својата делегација, се среќава со Трамп за да се договори план за завршување на војната во Украина. Тој им се заблагодари на сите што ѝ помагаат на Украина.
Зеленски објави дека за време на средбата во резиденцијата на Трамп во Флорида, планира да разговара за судбината на спорниот регион Донбас во источна Украина, како и за иднината на нуклеарната централа Запорожје.
Depositphotos

