Свет
ЕУ со предупредување до Израел: Трамп нема вечно да биде претседател
Додека Ерусалим ужива во цврстите врски со Вашингтон, висок европски претставник во вторникот го предупредил Израел да не ја омаловажува ЕУ, додавајќи дека политиката на американскиот претседател, Доналд Трамп, може да исчезне исто толку брзо колку и на неговиот претходник Барак Обама.
„Трамп нема да биде претседател засекогаш. Исто како што никој не замислуваше дека политиката на Обама ќе биде избришана толку брзо, тоа може да се случи и со другата страна. Вие не треба да ја омаловажувате Европа. Погледнете ги броевите: Сè уште сме ваши најголеми трговски партнери. Вие не разбирате дека сме под силен јавен притисок против Израел”, „ТВ Хадашот“ во вторникот го цитираше неименуваниот официјален претставник за време на неодамнешната посета на Израел.
Израел и ЕУ се „на нож“ во последно време поради начинот на кој израелските сили се справија со масовните протести и немири на границата со Појасот Газа, како и поради одлуката на Трамп за еднострано повлекување од нуклеарниот договор со Иран, за што премиерот Нетанјаху изрази поддршка, а разлика од Европа, која повикува договорот да остане на сила. Израел, исто така, го поздрави преместувањето на Амбасадата во САД во Ерусалим минатата недела, потег што Европа го осуди.
Израелското Министерство за надворешни работи во понеделникот и вторникот ги прекори амбасадорите на Словенија, Шпанија и на Белгија откако нивните земји во петокот гласаа во корист на истрагата на Советот за човекови права на ОН во врска со смртните случаи на границата во Појасот Газа предизвикани од ИДФ. Предлогот беше поддржан од 29 земји, 14 се воздржаа, а само две земји – САД и Австралија – гласаа против истрагата. Нетанјаху, исто така, жестоко ја осуди ЕУ поради нејзините политики кон Израел.
Претходно во вторникот израелскиот министер за јавна безбедност, Гилад Ердан, жестоко ја критикуваше ЕУ велејќи дека блокот не треба да се меша во израелските внатрешни прашања откако ЕУ побара истрага за наводната полициска бруталност на демонстрациите во Хаифа.
„Израел, единствената демократија на Блискиот Исток, нема потреба од никакви морални предупредувачки повици од пристрасен и опсесивен ентитет како што е Европската Унија”, рече Ердан, нарекувајќи ја ЕУ лицемерна и обвинувајќи ја дека им помага на оние што сакаат да го бојкотираат Израел.
Ердан реагираше на повикот на Европската Унија за истрага за наводниот напад врз Џафар Фарах, директор на невладината организација „Мосава“, центар за застапување за арапските граѓани во Израел, која е делумно финансирана од ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА

