Свет
ЕУ ќе ја води меѓународната истрага за тоа како се рашири пандемијата на коронавирусот
Денеска, почнува дводневната онлајн-сесија на Светското здравствено собрание (WHA), на која претставниците од 194 земји членки на Светската здравствена организација, наводно, ќе побараат истрага за меѓународниот одговор на тековната пандемија на коронавирусот, пренесува „Спутник“.
За време на 73. собрание на СЗО, учесниците конкретно ќе дискутираат за тоа како членките на телото на ОН се справија со ширењето на коронавирусот, кој веќе однесе најмалку 300.000 животи во светот.
Меѓународниот повик се очекува да биде предводен од ЕУ заедно со голем број земји, како што се Австралија, Нов Зеланд и Велика Британија, кои особено ќе се фокусираат на тоа какви лекции треба да се научат од пандемијата.
Би-би-си ја цитира портпаролката на ЕУ, Вирџини Бату-Хенриксон, која рече дека истрагата на WHA има цел да ги расветли клучните прашања.
„Како се рашири оваа пандемија? Која е епидемиологијата зад неа? Сето ова е од апсолутно клучно значење за да одиме напред и да избегнеме друга ваква пандемија“, истакна таа додавајќи дека во моментот не е време да се занимаваат со никаква игра за префрлање вина.
Иако СЗО, наводно, ќе биде изложена на жестоки критики поради справувањето со кризата предизвикана од Ковид-19, портпаролката на организацијата, Маргарет Харис, истакна дека WHA е секогаш добро време за ревизија на постапките на СЗО.
Сепак, таа вети дека СЗО ќе остане фокусирана на напорите да биде на чело на целокупниот одговор и решенијата за пандемијата на коронавирусот.
Во оваа насока Би-би-си го цитира Деви Шридар, професор по глобално јавно здравство на Универзитетот во Единбург, кој рече дека големиот предизвик со епидемиите е тоа што ниту една земја не сака да има епидемија, не сака да признае дека има епидемија и се труди да го намали бројот на смртни случаи објавен во јавноста.
„Ако СЗО може да испрати техничка меѓународна мисија, чија работа не е да обвинува, туку да го идентификува потеклото на болеста и да ги обезбеди најдобрите совети за другите земји, тоа би можело да биде позитивен начин да се спречи појавата на пандемијата“, нагласи тој.
Собирот на WHA доаѓа во услови на растечки тензии меѓу Кина и САД во врска со Ковид-19, во кој СЗО се чини дека се вмеша кога американскиот претседател, Доналд Трамп, го прекина финансирањето на СЗО минатиот месец. ПОТУС ја обвини СЗО за лошо управување и прикривање на ширењето на коронавирусот од Кина, обвинувања што Пекинг ги негира.
Трамп најави и период на суспензија од 60 до 90 дена во очекување да заврши истрагата за СЗО и за кинеските активности на почетокот на пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

