Свет
Жена од Австралија осудена на доживотен затвор: го убила семејството на сопругот со отровни печурки
Ерин Патерсон од Австралија, прогласена за виновна за убиствата на тројца постари роднини на нејзиниот сопруг на кои им послужила оброк со отровни печурки, денес беше осудена на доживотен затвор, објави германската новинска агенција дпа.
Судијата Кристофер Бил, во Врховниот суд на австралиската држава Викторија, ја осуди Патерсон на доживотен затвор без можност за условна слобода во траење од 33 години. Бил наведе „отежнувачки околности“ при читањето на пресудата, вклучувајќи планирање на труењето и „огромно кршење на довербата“.
Поротата ја прогласи Патерсон за виновна во јули за тројно убиство и обид за убиство поради оброк што го послужила во јули 2023 година. Патерсон се изјасни за невина по обвиненијата и рече дека смртните случаи биле случајни.
Бил ја осуди на доживотен затвор за секое од трите убиства и 25 години за обид за убиство. „Немам двоумење да заклучам дека вашето кривично дело спаѓа во најлошата категорија на злосторства убиство и обид за убиство“, рече судијката Бил.
„Тежината на вашето дело ја оправдува максималната казна за вашите злосторства“.
Петерсон, 50, беше прогласена за виновна за убиствата на нејзината свекрва Гејл Патерсон, свекорот Доналд Патерсон и сестрата на Гејл, Хедер Вилкинсон, како и за обидот за убиство на Иан Вилкинсон, сопругот на Хедер.
Тројцата починаа во болница неколку дена откако го јадеа оброкот. Иан Вилкинсон беше однесен во болница во критична состојба, но успеа да се опорави.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.

