Свет
Затворот во кој оди Ел Чапо го сметаат за непробојна тврдина и е полн со озлогласени цимери
Еден од најпознатите наркобосови, 62-годишниот Хоакин Гусман, познат по прекарот Ел Чапо, на кој денеска во Њујорк треба да му биде изречена финалната пресуда, речиси сигурно ќе добие доживотна казна затвор.
Сите светски медиуми пишуваат дека рочиштето е повеќе или помалку чиста формалност. Гусман, поранешен лидер на наркокартелот Синалоа, во февруари беше прогласен за виновен за кривични дела извршени во период од четвртина век, вклучувајќи и шверц на стотици тони кокаин, хероин, метамфетамин и марихуана во САД.

Поротниците на судењето имаа можност да го слушнат секој детаљ од работата на картелот, како и детали од возбудливиот живот на Гусман. Тој кариерата ја почнал работејќи на плантажи за марихуана во колумбиската држава Синалоа, но сега се чини остатокот од животот ќе го мине во затворот познат како Алкатраз на Карпите – федерален затвор со најстроги безбедносни мерки лоциран во Флоренс, Колорадо.

Како што пишува Си-ен-ен, ADX Florence e најсигурниот затвор под максимална безбедност во САД, изграден за најлошите меѓу најлошите осуденици во затворскиот систем вклучувајќи насилни затвореници и осудени домашни терористи. Повеќе од 400 затвореници, колку што има вкупно зад ѕидовите на оваа тврдина, 23 часа од денот минуваат целосно сами, во бетонски и звучно изолирани ќелии со димензија од 2 на 3,5 метри.

Таму Гусман ќе го пречекаат еднакво познати и озлогласени цимери вклучувајќи го анархотерористот и брилијантен математичар Тед Качински познат како Унабомбер, исто така домашниот терорист Тери Николс, кој во 1995 година разнесе канцелариски комплекс на федералните служби во центарот на Оклахома Сити, при што загинаа 168 лица, а повеќе од 800 беа повредени, Ричард Рид, британски терорист и следбеник на Ал каеда, познат како бомбашот со чевли, кој беше осуден на доживотен затвор поради обидот во 2001 година да разнесе авион на прекуокеански лет со експлозив скриен во чевлите и Џокар Царнаев, терорист кој во 2013 година изврши напад врз учесниците на бостонскиот маратон. Тој е во затворот и го чека извршувањето на изречената смртна казна.


©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Француската агенција за храна: Електронските цигари носат ризици по здравјето
Француската агенција за храна, животна средина и здравје при работа (ANSES) денеска соопшти дека електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, иако го признава нивниот потенцијал како привремена алатка за откажување од пушење.
По анализа на околу 3.000 научни студии и извештаи, ANSES заклучува дека ризиците по здравјето се поврзани со вдишување на токсични супстанции, присутни во течностите за е-цигари или создадени при нивното вдишување.
Според агенцијата, електронските цигари со никотин можат да предизвикаат кардиоваскуларни ефекти, како што е покачен крвен притисок, додека ризикот од респираторни и канцерогени ефекти постои и кај производите без никотин.
ANSES истакнува дека корисниците мора да бидат подобро информирани за здравствените ризици, а истовремено е потребно да се обесхрабрат непушачите и младите лица да почнуваат со употреба на електронски цигари.
Агенцијата заклучува дека овие производи можат да се сметаат за преодна опција во рамки на програми за откажување од пушење, но тој период треба да биде краток.
Според Барометарот за јавно здравје на Франција за 2024 година, околу три милиони луѓе во земјата користат електронски цигари.
Свет
Украина и Русија почнаа втор круг мировни преговори во Абу Даби
Украински и руски преговарачи денеска во Абу Даби почнаа втор круг преговори за завршување на војната, со посредство на САД.
Дводневните трилатерални средби следат по изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Русија го искористила минатонеделниот „енергетски“ прекин на огнот — договорен со помош на САД — за да натрупа муниција, при што во вторникот нападнала со рекорден број балистички проектили.
„Во Абу Даби започна уште еден круг преговори. Преговарачкиот процес започна во трилатерален формат — Украина, САД и Русија“, соопшти на Телеграм главниот украински преговарач Рустем Умеров.
Тој додаде дека тимовите ќе се среќаваат и во одвоени групи за да разговараат за специфични теми, по што ќе следи заедничка средба за усогласување на ставовите.
Изминатата година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги охрабруваше и Киев и Москва да најдат компромис за ставање крај на четиригодишниот конфликт, кој започна со руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Но, двете страни остануваат на различни позиции околу клучните точки и покрај неколкуте рунди разговори со американски претставници.
Најчувствителни теми се: Барањето на Москва Киев да се откаже од територии кои сѐ уште ги контролира, судбината на нуклеарната централа Запорожје — најголемата во Европа — која се наоѓа на територија под руска окупација. Русија бара повлекување на украинските сили од целата источна област Доњецк, вклучително и утврдените градови кои претставуваат силни упоришта на украинската одбрана. Украина, пак, предлага конфликтот да се замрзне долж сегашната линија на фронтот и одбива какво било еднострано повлекување.
Свет
Повеќе од една третина од случаите на рак во светот можеле да се спречат, покажува нова анализа
Речиси 40 отсто од случаите на рак во светот во 2022 година биле поврзани со причини кои можеле да се спречат, според глобална анализа објавена во вторникот во списанието Nature Medicine.
Анализата е објавена во пресрет на Меѓународниот ден за борба против ракот, кој се одбележува на 4 февруари.
Истражувањето го водела Изабел Сориоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) во Лион, а утврдено е дека тутунот, алкохолот и инфекциите биле најчестите ризик-фактори.
„Околу 30 отсто од карциномите кај жените и 45 отсто кај мажите можеле да се избегнат“, покажува анализата.
Вкупно, од 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани на глобално ниво во 2022 година, околу седум милиони биле потенцијално спречливи, што претставува приближно 38 отсто од вкупниот број.
Истражувачите користеле глобални податоци за да ги поврзат новите случаи на рак со фактори на ризик за кои постои докажана причинско-последична поврзаност со болеста. Истражувањето ги вклучувало и однесувачките ризици како пушење, како и изложеност на еколошки и професионални ризици.
Во субсахарска Африка, 38 отсто од случаите на рак кај жените биле потенцијално спречливи, во споредба со околу 25 отсто во северна Африка и западна Азија. Во тие региони, инфекциите биле водечки спречливи причини.
Во Европа, САД, Канада и Австралија, тутунот бил најдоминантен ризик-фактор.
Коавторот на истражувањето, Андре Илбави од Светската здравствена организација (СЗО), изјавил дека овие наоди даваат прв глобален увид во уделот на случаите на рак кои може да се припишат на ризици што можат да се спречат. Тој истакнал дека разбирањето на регионалните модели може да им помогне на владите и на поединците да преземат насочени мерки за намалување на ризикот од рак.
Изабел Сориоматарам додала дека справувањето со причините кои можат да се спречат е еден од најефикасните начини за ограничување на растечкиот глобален товар од рак, за кој, според податоците на СЗО, се предвидува дека би можел да порасне за 50% до 2040 година, ако сегашните трендови продолжат.

