Свет
Захарова за преименувањето на Денот на победата во Украина: Зеленски е новата инкарнација на Јуда

Со преименување на Денот на победата, 9 Мај, во ден на Европа, украинскиот претседател Володимир Зеленски засекогаш ги предаде своите предци, истакна денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.
Марија Захарова реагира на одлуката на украинскиот претседател на 9 мај во Украина да се слави денот на Европа.
„Со преименувањето на Денот на победата – 9 Мај, Зеленски засекогаш ги предаде своите предци, оние што се бореа во редовите на Црвената армија, оние што страдаа и беа мачени во концентрационите логори и оние што работеа за победа во заднината. Една за сите“, напиша Захарова на „Телеграм“.
Таа го нарече украинскиот претседател нова инкарнација на Јуда.
„Што може да биде полошо од непријател? Предавник, ете, на пример, Зеленски. Нова инкарнација на Јуда во 21 век. Фашистички соработници 80 години подоцна“, заклучи Захарова.
За потсетување, украинскиот претседател денеска потпиша указ врз основа на кој 9 мај во Украина ќе се одбележува како ден на Европа. Зеленски испрати и предлог до украинската Рада 8 мај да се прогласи за ден на сеќавање и победа над нацизмот во Втората светска војна.
„Свесен за европскиот идентитет на украинскиот народ, одлучив во Украина да го воведам денот на Европа, кој ќе се слави секоја година на 9 мај заедно со земјите од Европската Унија“, се наведува во декретот.
Во документот се истакнува дека одлуката е донесена „со цел да се зајакне единството на народите во Европа“, како и да се „обезбедат мир, безбедност и стабилност на европскиот континент“.
„Никогаш нема да го заборавиме придонесот на украинскиот народ во победата над нацизмот. И нема да дозволиме лага дека победата во таа војна можеше да се постигне без учество на која било земја или нација“, истакна Зеленски во видеопорака.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток

САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица.
Американскиот носач на авиони УСС Џералд Р. Форд ќе ја напушти својата база во Норфолк, Вирџинија, на 24 јуни, соопшти американската морнарица. Станува збор за планирано распоредување во областа на операции на Европската команда на САД (EUCOM), но неговото пристигнување во близина на Медитеранот значи дека третиот американски носач ќе биде во дофат на потенцијален конфликт на Блискиот Исток.
УСС Карл Винсон веќе е во регионот, учествувајќи во воздушни операции против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран. Трет носач, УСС Нимиц, исто така се испраќа во регионот, потврди висок американски функционер за одбрана.
Министерот за одбрана Пит Хегсет издаде наредба за „одржување на одбранбената положба и заштита на американскиот персонал“.
Како што објави Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе одлучи во рок од две недели дали САД ќе се приклучат на нападите на Израел врз Иран. Тој додаде дека сè уште постои шанса за преговори со Техеран.
Трамп вчера изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „лесна цел“, нагласувајќи дека не ја исклучил можноста за воена акција. Да потсетиме дека Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, а сега ги поддржува израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и воени команданти.
Свет
Завршија разговорите меѓу ЕУ и Иран во Женева

Преговорите меѓу европските министри за надворешни работи и иранската делегација во Женева, одржани со цел смирување на ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, завршија. Средбата траеше цел ден, а по завршувањето, учесниците дадоа кратки изјави за медиумите.
Потпретседателката на Европската комисија и естонска премиерка, Каја Калас, нагласи дека регионалната ескалација „не е од корист за никого“ и дека „затоа мора да ги држиме отворени каналите за комуникација“.
Таа додаде дека двете страни се согласиле да продолжат со разговорите за нуклеарните прашања, но и за пошироките прашања.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, беше директен:
„Јасно ставивме до знаење: Иран не смее да има нуклеарно оружје“.
Тој додаде дека тој и неговите европски колеги се „решени да продолжат со преговорите со Иран“ и ја нагласи важноста од продолжување на разговорите меѓу Иран и САД.
„Ова е опасен момент и е исклучително важно да нема регионална ескалација“, предупреди Лами.
Свет
Иран: Разговорите во Женева беа сериозни и достоинствени, подготвени сме да продолжиме

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги опиша денешните разговори во Женева со претставници на Обединетото Кралство, Германија, Франција и Европската Унија како „сериозни и достоинствени“.
Во изјава по состанокот, тој рече дека Иран е подготвен да го преиспита дипломатскиот пристап и го поддржува продолжувањето на разговорите.
„Подготвени сме за нови состаноци со земјите од Е3 и Европската Унија во блиска иднина“, рече Арагчи.
Така, Иран ја отвори вратата за понатамошна дипломатија откако сите учесници на денешните разговори во Женева, одржани со цел да се спречи ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, ја нагласија важноста од продолжување на дијалогот и спречување на регионалното ширење на конфликтот