Свет
Захарова: Макрон да ја прекине испораката на оружје за Киев
Францускиот претседател Емануел Макрон треба да ја прекине испораката на оружје за Киев и да претстави предлог за примирје на страните во конфликтот на Блискиот Исток, изјави за ТАСС портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи ја иницијативата на францускиот претседател за воспоставување прекин на огнот во Украина за време на Летните олимписки игри во јули.
„Предлог до Макрон: да престане да се снабдува со оружје што се користи за убивање цивили, како и да престане да го спонзорира тероризмот. Уште еден предлог до Макрон: да се претстави сличен предлог на страните во конфликтот на Блискиот Исток. Веројатно, многу зависи од зборот на Франција“, коментира Захарова.
Во интервју со украински новинар во саботата Макрон рече дека од Русија ќе биде побарано да го почитува примирјето во Украина за време на Олимпијадата, пренесува „Ројтерс“.
„Тие (Русите) мора да го направат ова“, истакна францускиот претседател.
Тој додаде дека Франција како домаќин на Олимписките игри ги следи одлуките на Олимпискиот комитет и дека соодветно на тоа Париз ќе бара привремен прекин на огнот од Москва и дека најголемото спортско натпреварување во светот е порака за мир.
Меѓународниот олимписки комитет ја осуди руската инвазија на Украина во февруари 2022 година тврдејќи дека руската влада го прекршила Олимпиското примирје, кое има цел да ја искористи моќта на спортот за промовирање на мирот и дијалогот.
Претседателот на Рускиот олимписки комитет (РОК), Станислав Подзњаков, во четвртокот објави дека РОК нема да ги бојкотира годинешните Олимписки игри во Париз и покрај ограничувањата за спортистите наметнати од Олимпискиот комитет.
Градоначалничката на Париз, Ана Илдаго, во средата изјави за „Ројтерс“ дека би сакала руските и белоруските спортисти да не се појавуваат на Игрите.
На спортистите од овие две земји првин им беше целосно забрането учество на Олимписките игри, а потоа на поединечни спортисти им беше дозволено да се натпреваруваат, без да ги користат знамињата и химните на нивните земји под услов на кој било начин да не изразат поддршка за инвазијата на Украина.
Годинешните Олимписки игри ќе почнат во Париз на 26 јули, а свеченото затворање ќе се одржи на 11 август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, велат западните челници
Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, се согласија челниците на 11 земји и ЕУ во заедничка изјава по состанокот на маргините на самитот Г20 во Јоханесбург.
Тие сметаат дека нацртoт на американскиот мировен план за Украина претставува основа за понатамошна разработка, но дека поединечни точки, вклучувајќи ги предложените ограничувања за украинските вооружени сили, предизвикуваат сериозна загриженост.
Во изјавата стои дека нацрт-планот од 28 точки е темел кој бара дополнителна работа, а челниците истовремено изразуваат загриженост поради предложеното ограничување на украинските вооружени сили, што би ја направило Украина ранлива на идни напади.
Декларацијата ја потпишаа во име на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александар Стуб, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерите Марк Карни од Канада, Михал Мартин од Ирска, Џорџа Мелони од Италија, Санае Такаичи од Јапонија, Дик Схоф од Холандија, Педро Санчез од Шпанија, Кир Стармер од Обединетото Кралство и Јонас Гар Сторе од Норвешка.
Во изјавата се признава дека американскиот предлог вклучува важни елементи што ќе бидат клучни за праведен и траен мир. Но повторуваат дека „се јасни во принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила“.
Потсетуваат и дека елементите од планот кои се однесуваат на ЕУ и НАТО бараат согласност од членките на ЕУ и НАТО и додаваат дека имаат намера да продолжат со тесната координација со Украина и САД во наредните денови.
Американскиот план во Киев се гледа со голема загриженост затоа што содржи неколку клучни руски барања: Украина се откажува од дел од територијата, прифаќа намалување на големината на својата армија и се откажува од членството во НАТО.
Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени подрачја.
Од друга страна, Украина би добила западни безбедносни гаранции за спречување на идни руски напади.
Планот предвидува и огромен глобален пакет мерки за Украина веднаш да започне со обновата на разурнатата земја, вклучувајќи основање на Украински фонд за развој со цел инвестирање во брзорастечки индустрии, меѓу кои технологија, дата-центри и вештачка интелигенција.
Свет
Европските земји, САД и украинските претставници утре ќе разговараат во Женева
Претставници на европските држави утре во Женева ќе разговараат со американски и украински претставници за американскиот мировен план за Украина, изјавил извор од германската влада за dpa. Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ дал рок на Украина до четврток да одговори на предлогот со 28 точки.
Нацрт-планот, кој протече во медиумите и во четврток беше официјално претставен на Киев, предизвика загриженост затоа што предвидува широки територијални и воени отстапки кон Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски именуваше преговарачка делегација, со Андриј Јермак како главен преговарач. Во деветчлената група е и Кирило Буданов, шеф на воената разузнавачка служба.
Зеленски изјави дека планот ја остава Украина пред „многу тежок избор: или губење на достоинството или ризик од губење на клучниот партнер“ – мислејќи на САД, кои обезбедуваат оружје и разузнавачка поддршка.
Украински високи претставници во наредните денови треба да се сретнат со американска делегација во Швајцарија за да разговараат за планот, но точниот термин и локација не се прецизирани.
Свет
Вооружени лица киднапираа повеќе од 300 ученици и 12 наставници од католичко училиште во Нигерија
Бројот на киднапираните ученици и наставници од католичкиот интернат „Света Марија“ во сојузната држава Нигер во Нигерија порасна на повеќе од 300 ученици и 12 наставници, соопшти Христијанската организација на Нигерија (ЦАН), пренесе АП.
Според соопштението на претседателот на огранокот на ЦАН во државата Нигер, Булус Даува Јохана, бројките се ажурирани по конечната проверка на евиденцијата. Претходно беше објавено дека се киднапирани 215 ученици и 12 наставници.
Интернатот, кој го посетуваат деца од 7 до 17 години, се наоѓа близу главниот пат меѓу Јелва и Моква. ЦАН соопшти дека училиштето повторно почнало со работа без известување на надлежните, со што ги изложило учениците и персоналот на ризик.
Католичката бискупија Контогора информираше дека еден службеник за обезбедување бил тешко ранет во нападот.

