Свет
Зеленски: На Украина ѝ треба повеќе оружје и силна позиција за дипломатија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека САД ја зголемуваат испораката на оружје за Киев.
„Многу е важно што САД сега ги зголемуваат резервите. Ова е неопходно за да се изедначи ситуацијата. Благодарен сум на нашите партнери, а темпото на снабдување треба да биде такво што ќе го забави темпото на руските напади“, рече Зеленски во неговото редовно вечерно обраќање, објави „Униан“.
Зеленски истакна дека на Украина и треба повеќе оружје и силна позиција за дипломатија.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно изјави дека му наложил на Пентагон да продолжи да ја зголемува испораката на оружје за Украина.
Тој додаде дека во последните месеци Вашингтон префрлил стотици проектили за противвоздушна одбрана во Украина, а уште повеќе се на пат за испорака.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан: Украина води клеветничка кампања против Унгарија, НАТО да интервенира

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Украина за водење на дезинформативна и клеветничка кампања против неговата земја, организирана од украинските специјални служби, и побара од новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, веднаш да реагира.
„Му кажав на генералниот секретар на НАТО дека сметам за неприфатливо една земја која не е членка на Алијансата, а тоа е Украина, да спроведува организирана клеветничка кампања против Унгарија, земја-членка на НАТО“, изјави Орбан за унгарската телевизија ТВ2, по средбата со Руте на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
Според Орбан, наместо да работи на подобрување на односите со земјите-членки на Европската Унија, Украина „се оцрнува себеси“ и со тоа ја загрозува сопствената европска перспектива.
„Киев сака да стане членка на ЕУ, но не се обидува да воспостави добри односи со сегашните членки. Со вакви постапки си го урива кредибилитетот“, рече Орбан и додаде дека мора да се направи сѐ што е потребно за да се прекине, како што ја нарече, „клеветничката кампања“ на Украина.
Изјавата на Орбан доаѓа откако украинската служба за безбедност (СБУ) минатата недела објави дека открила шпионска мрежа која наводно била организирана од унгарските воени разузнавачки служби. Според СБУ, двајца осомничени агенти биле приведени, а тие собирале информации за украинската одбрана.
Одговорот на Будимпешта беше остар. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги отфрли украинските наводи, нарекувајќи ги „пропаганда“.
„Би ги замолил сите да бидат внимателни во врска со ваквите извештаи. Тоа е дел од украинската пропагандна машинерија“, изјави Сијарто на прес-конференција.
Свет
Путин: Ќе ставиме крај на војната под наши услови

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека крајната цел на специјалната воена операција во Украина е воспоставување на долгорочен и одржлив мир, кој ќе ја гарантира безбедноста на Русија и ќе ги заштити интересите на руско-јазичното население во Украина.
Во интервју за руската државна телевизија, Путин нагласи дека Москва има доволно сила за да ја заврши војната според своите услови.
„Овој резултат ги елиминира причините што ја предизвикаа оваа криза, создава услови за долгорочен одржлив мир и обезбедува безбедност на руската држава“, рече Путин, пренесуваат руските медиуми.
Тој додаде дека Русија мора да ги брани луѓето кои зборуваат руски јазик и кои ја сметаат Русија за своја татковина.
„Нивните интереси мора да бидат заштитени“, потенцираше рускиот претседател.
Свет
Рубио: Русија подготвува предлог за прекин на огнот во Украина

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Русија подготвува документ со барања за прекин на огнот во Украина, што би можело да отвори пат за продолжување на мировните преговори. Изјавата доаѓа по телефонскиот разговор што Рубио го оствари со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес, Рубио посочи дека и Украина работи на сопствен предлог и изрази надеж дека двете страни ќе излезат со свои документи во наредните денови.
„Ако тие листи имаат идеи кои се реални и рационални, тогаш мислам дека сме постигнале напредок. Но, ако барањата се нереални, ќе мора да направиме поинаква проценка“, рече Рубио, додавајќи дека овој процес не смее да се претвори во бесконечни разговори без резултати.
Тој истакна дека директен дијалог меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски би имал позитивен ефект врз преговорите и дека очекува тоа да се случи наскоро.
Рубио потврди дека со Лавров разговарал и за време на преговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул, одржани на 16 мај. Тој ги оцени разговорите како конструктивни, бидејќи бил постигнат договор за размена на 1.000 воени заробеници од двете страни.
На прашањето дали Русија преку новите преговори се обидува само да добие на време, Рубио одговори: „Тоа ќе се покаже сега“.