Свет
Зеленски: Нема да се согласиме на прекин на огнот со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, собирајќи воена и политичка поддршка во балтичките земји во средата и четвртокот, силно ја отфрли идејата за прекин на огнот со Русија велејќи дека тоа само ќе ѝ користи на Москва со тоа што ќе ѝ даде време да ги обнови своите вооружени сили.
Русија има голем дефицит во беспилотни летала, артилерија и ракети, а Кремљ би ја искористил паузата во борбите за да ги врати резервите на ова оружје, рече Зеленски вчера за време на посетата на Естонија.
Зеленски додаде дека Москва во моментот е принудена да купува оружје од Иран и Северна Кореја за војната против Украина. Прекинот на огнот исто така ќе ѝ даде шанса на Русија да ги прераспореди и прегрупира своите сили, потенцијално ставајќи ги украинските трупи во неповолна положба во идните борби. Прекинот на непријателствата би можел да им овозможи на руските сили да нѐ совладаат и ние нема да го ризикуваме тоа, рече Зеленски сумирајќи ја својата позиција.
Зеленски ова го изјави по средбата со естонскиот претседател, Алар Карис. Тој слета во Талин во четвртокот како дел од турнејата во три балтички земји. Во средата беше во Литванија, а подоцна во четвртокот замина за Летонија, додека се обидува да собере меѓународна поддршка за својата земја, која речиси две години се брани од руската инвазија.
Но, има сѐ повеќе знаци на воен замор кај еден од главните поддржувачи на Киев, САД, како и во некои делови од Европа.
Поранешните советски републики Литванија, Естонија и Летонија се меѓу најцврстите поддржувачи на Украина обезбедувајќи му на Киев доследна воена, финансиска и хуманитарна поддршка.
Трите земји членки на ЕУ исто така се залагаат за построги санкции на ниво на ЕУ за Москва и повеќе испораки на оружје за Киев.
Зеленски во Талин ја продолжи својата кампања за брз влез на Украина во одбранбената алијанса на НАТО велејќи дека тоа не само што ќе биде најдобрата безбедносна гаранција за Украина туку и за балтичките земји и Полска, кои се граничат со Русија.
Зеленски ѝ се заблагодари на Естонија за „постојаната опиплива поддршка“ што ја обезбедуваат.
Естонија, земја со 1,2 милион жители, вети дека ќе ѝ даде на Украина 0,25 отсто од годишниот буџет за одбрана до 2027 година. Вкупната помош на Естонија од почетокот на војната тогаш ќе изнесува 1,2 милијарда евра.
Од Естонија, Зеленски се упати кон соседна Латвија, каде претседателот Едгарс Ринкевичс вети натамошна воена помош.
По средбата со Зеленски, Ринкевичс најави дека следниот пакет-помош ќе вклучува хаубици, артилериска муниција од 155 милиметри, системи за противтенковска и противвоздушна одбрана, ракетни фрлачи, теренски возила, рачни гранати, хеликоптери и друга опрема.
Латвија исто така сака да обучи 3.000 украински војници оваа година и да ја поддржи Украина со производство на беспилотни летала. „Владата, нашата земја и нашиот народ ќе продолжат да ѝ ја даваат на Украина сета потребна поддршка“, рече Ринкевичс.
Според него, Летонија обезбедила помош во вредност од 600 милиони евра, што е еднакво на 1 процент од БДП на земјата.
Зеленски ѝ се заблагодари на Летонија за нејзината „непоколеблива поддршка“.
„Силата на нашите војници, силата на нашите вооружени сили во голема мера ќе зависи од овој вид помош во иднина“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

