Свет
Зеленски си замина од Давос без посакуваната средба
Украинските лидери не криеја дека сакаат да се сретнат со кинеските претставници во Швајцарија оваа недела, но претседателот Володимир Зеленски си замина дома без посакуваната средба, што претставува нов удар за Киев, пишува „Политико“.
Кинеската делегација во Швајцарија имаше доволно можности да се сретне со своите украински колеги, било во Берн или на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос. Секоја средба би ја задоволила долгогодишната надеж на Киев за директни разговори со високи претставници од Пекинг.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, пред почетокот на мултинационалниот мировен самит на швајцарските Алпи изјави дека е неопходно Кина да се вклучи во мировните преговори и навести дека Зеленски ќе има можност да разговара со кинескиот премиер Ли Кијанг.
На крајот, Украина не направи никаков напредок во целта Кина да се посвети на преговорите, а Зеленски и Ли не успеаја да разговараат. Тоа е најнов знак дека Кина нема намера да се залага за прекин на сеопфатната војна на рускиот претседател Владимир Путин против Украина, тврди „Политико“.
Одлуката на Кина да не се сретне со Украинците се чини дека е намерна и не е резултат на напорен распоред. Висок американски функционер потврди дека Пекинг го одбил барањето на Киев за средба. Друг американски функционер рече дека Кина одбила какви било разговори откако Русија ја повикала да ги прекине планираните дипломатски состаноци со Украина.
Украинскиот функционер рече дека средбата со кинеските претставници, всушност, воопшто не била во распоредот на делегацијата и дека Киев никогаш не го побарал тоа. Кинеските власти не коментираат зошто средбата не се одржала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

