Свет
Земан го осуди уривањето на споменикот на советскиот маршал, кој ја ослободи Прага
Отстранувањето на споменикот на маршалот Иван Конев, кој ги предводеше советските трупи што ја ослободија Прага од нацистите во 1945 година, е глупав потег на луѓе што не постигнале ништо во своите животи, рече чешкиот претседател, Милош Земан.
„Маршалот Конев, кој ја ослободи не само Прага туку и Аушвиц, целосно го заслужи своето место во Прага“, истакна Земан во интервју за локалниот радиодифузер „Иприма“.
Говорејќи за уривањето на споменикот на командантот на армиската група на 1. Украински фронт, еден од најпознатите генерали на Црвената армија од Втората светска војна, тој ја нарече одлуката смешна и глупава.
„Оние што стојат зад тоа не постигнале ништо во животот. Тие им се љубоморни на оние што успеаја. За жал, има доста такви луѓе. Тие се водени од омраза и завист“, рече тој.
Властите на Шестиот округ во чешката престолнина ја отстранија статуата на Конев од нејзиниот пиедестал на почетокот на април. Среде строгите мерки за движење поради коронавирусот градоначалникот на округот, Ондреј Колар, се пошегува дека бронзениот командант е казнет затоа што немал маска.
Колар беше жестоко критикуван на нтернет како за неговите политики на поделба така и за неговата лоша смисла за хумор. Многумина се сомневаа дека намерно избрал да го сруши споменикот за време на избувнувањето на Ковид-19 за да спречи протести како оние што се случија минатиот септември кога беше донесена одлуката за статуата.
Овој потег предизвика остра реакција од Москва, која активно се спротивставува на обидите на Западот и некои нации од Источна Европа да ја преработат историјата на Втората светска војна. Рушењето на споменикот беше опишано како мрачен ден во историјата на Прага и провокација, чија цел е да се нарушат врските меѓу Русија и Чешката Република.
Руските обвинители поведоа кривична истрага против администрацијата на Шестиот округ во согласност со новиот закон, со кој се забранува уништување или оштетување на спомен-обележја на оние што загинале штитејќи ја земјата. Земан го критикува овој потег како контрапродуктивен за билатералните односи и мешање во внатрешните работи на Чешката Република.
Планирано е статуата на Конев да биде изложена во музеј посветен на тоталитарните режими присутни на чешката територија во разни периоди. Ова значи дека советскиот командант, кој беше дочекан како херој во Прага во мај 1945 година, најверојатно ќе биде дел од истата изложба заедно со нацистите што ја окупираа чешката држава – тогаш наречена Чехословачка – уште во март 1939 година, неколку месеци пред избувнувањето од Втората светска војна. Сепак, засега не е познато каде и кога ќе се отвори овој музеј, ако тоа воопшто се случи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

