Свет
Зошто границата меѓу Тајланд и Камбоџа и понатаму е спорна?
Најмалку 12 лица загинаа во вооружениот судир меѓу Тајланд и Камбоџа, кој почна рано утрово, објавија армиите на двете земји тврдејќи дека првите истрели биле лансирани од другата страна.
Тајландската војска соопшти дека вооружените сили од соседна Камбоџа отвориле оган врз спорната погранична област во близина на храмот „Та Моан Том“, на речиси 360 километри од главниот град Бангкок.
„Еден војник и 11 цивили беа убиени во вооружени судири“, изјави тајландскиот министер за здравство, Сомсак Тепсутин.
Вкупно 35 лица беа погодени од нападот, додаде Тепсутин.
Во меѓувреме, камбоџанскиот премиер Хун Манет побара од Советот за безбедност на ОН да свика итен состанок поради денешните судири, објавува „Гардијан“.
„Со оглед на неодамнешните исклучително сериозни агресии од страна на Тајланд, кои сериозно ги загрозија мирот и стабилноста во регионот, искрено ве молам да свикате итен состанок на Советот за безбедност за да се запре агресијата на Тајланд“, напиша Манет во писмо до Асим Ифтихар Ахмад, постојан претставник на Пакистан во ОН и претседател на Советот за безбедност за јули 2025 година.
Во писмото се обвинува Тајланд за „непровоцирани, планирани и намерни напади“ врз камбоџанските позиции по должината на граничните области.
И Тајланд и Камбоџа се обвинуваат меѓусебно за вооружен конфликт
Тајланд и Камбоџа се рангирани меѓу најпријателските земји во светот, а само пред пет години овие соседи од Југоисточна Азија веруваа дека нивното пријателство не може да се прекине, според TIME.
„Бидејќи споделуваме долга граница, двајцата знаеме дека мора да живееме и да растеме заедно“, му рече тогашниот тајландски амбасадор во Камбоџа, Панјарак Пултуп, на тогашниот камбоџански премиер Хун Сен. „Политичката волја е секогаш тука за решавање на сите проблеми што може да се појават“.
Сепак, во последните месеци билатералните односи се спуштија на опасни нивоа, а двете земји сега се вклучени во вооружен конфликт на границата.
Првиот конфликт во годината избувна на 28 мај кога командант на камбоџанската армија беше убиен во судир меѓу силите од двете земји во област наречена Смарагден Триаголник, на заедничката граница на Тајланд, Камбоџа и Лаос. Областа останува спорна бидејќи и Тајланд и Камбоџа тврдат дека имаат делови од неа.
Двете страни се обвинуваат меѓусебно за агресија: Министерството за одбрана на Камбоџа тврди дека тајландската армија отворила оган врз ров, кој бил база на камбоџанската армија, што довело до смрт на еден војник, а тајландската армија изјави дека нејзините војници реагирале само кога камбоџанските сили почнале да користат оружје за време на несогласување во спорната област.
Хун Сен, кој во 2023 година му ја отстапи функцијата премиер на својот син, но остана претседател на Сенатот и ефективен лидер на земјата, рече дека ја поддржува „одлуката за испраќање војници и тешко оружје на границата како подготовка за контранапад во случај на понатамошна инвазија“.
„Мразиме војна, но сме принудени да ја водиме кога се соочуваме со надворешна агресија“, рече Хун Сен.
Како членки на регионалниот блок АСЕАН, Камбоџа и Тајланд се обврзани според Уставот на организацијата мирно да ги решаваат споровите.
Иако двете земји првично го зголемија своето воено присуство на своите страни од границата, на 8 јуни се чинеше дека се обидуваат да ги смират тензиите со враќање на своите сили на воените позиции договорени претходната година. Премиерот Паетонгтарн рече дека земјите се согласиле „заеднички да ги приспособат воените сили на завојуваните точки за да ја намалат атмосферата на конфликт“.
Но, конфликтот ескалира преку меѓусебни казнени мерки, кои се чинеше дека имаат цел да го смират растечкото националистичко расположение од двете страни.
Тајландската војска ја презеде контролата врз граничните премини, а Бангкок се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија и интернет за Камбоџа. Камбоџа одговори со забрана на тајландските медиуми, како што се телевизијата и филмовите, и прекинување на интернет-врските преку границата.
Понатамошна ескалација се случи кога камбоџанскиот премиер Хун Сен објави на 16 јуни дека Камбоџа доставила официјално писмо до Меѓународниот суд на правдата во кое бара решение за граничните прашања. „Камбоџа го избира меѓународното право и мирот“, рече тој ден.
Тајландското Министерство за надворешни работи ја отфрли интервенцијата на МСП и јасно го стави до знаење своето претпочитање за билатерални разговори тврдејќи дека „трета страна не може секогаш да биде корисна за одржување пријателски односи меѓу државите, особено за чувствителни прашања од историска, територијална или политичка природа“.
Еден ден подоцна, на 17 јуни, Камбоџа забрани увоз на земјоделски производи од Тајланд, а Тајланд им забрани на своите граѓани да ја преминуваат границата за да работат во казина и други места за забава во Поипет, Камбоџа.
Во јули се случија сериозни инциденти со мини по должината на тајландско-камбоџанската граница дополнително влошувајќи ги постојните тензии меѓу двете земји.
Првиот регистриран инцидент се случи на 16 јули кога тројца тајландски војници беа сериозно повредени кога стапнаа на противпешадиска мина додека патролираа во близина на Чонг Бок, покраината Убон Рачатани. Истрагите открија дека мините биле стари од типот PMN-2 од руско потекло, кои не се во употреба, или складирани од тајландската војска, што укажува дека, најверојатно, биле новопоставени.
Седум дена подоцна, на 23 јули, пет тајландски војници беа повредени во нов инцидент кога и тие нагазија на мина во истата област.
Еден од нив ја изгубил ногата, а тајландските власти тогаш ја обвинија Камбоџа дека поставила нови мини во пограничната област. Камбоџа ги отфрли обвинувањата.
Тајландските власти тврдат дека ова е намерно кршење на меѓународното право и Конвенцијата за забрана на мини и дека мините биле поставени од камбоџанската страна, со цел да се провоцира и загрози тајландскиот суверенитет.
Од друга страна, Камбоџа негира дека поставила нови мини на границата нагласувајќи дека сè уште има многу неексплодирани мини и друга остатоци од воена опрема на целата нејзина територија – наследство од граѓанската војна и немирите што траеја од 1970 до 1998 година.
Камбоџа и Тајланд делат копнена граница од 817 километри, но таа граница е во голема мера дефинирана со колонијални карти создадени од Французите кога ја окупирале Камбоџа од 1863 до 1953 година. Картата од 1907 година се базирала на договорот дека границата е повлечена по природниот слив помеѓу Тајланд и Камбоџа.
Сепак, Тајланд подоцна ја оспори картата бидејќи храмот „Преах Вихер“, изграден во 11 век на планината Дангрек, бил прикажан како дел од камбоџанската територија.
Спорот, како и историските разлики во картографските методи, доведоа до делови од границата што двете земји ги побаруваат.
Обидите за разјаснување на демаркацијата се преземаат со години. Во 1959 година Камбоџа го тужеше Тајланд пред МСП за храмот „Преах Вихер“, а судот пресуди во корист на Камбоџа во 1962 година велејќи дека храмот ѝ припаѓа на таа земја. Тајланд ја прифати одлуката во тоа време, но тврдеше дека околните области остануваат спорни, што дополнително ги комплицира граничните премини.
Тензиите се зголемија во 2008 година кога Камбоџа побара статус на светско наследство на УНЕСКО за „Преах Вихер“. Откога храмот доби признание во јули, избувнаа воени судири меѓу камбоџанските и тајландските сили во пограничната област.
Овие конфликти продолжија со години достигнувајќи врв во 2011 година со раселување на речиси 36.000 луѓе и обновена жалба на Камбоџа до МСП за толкување на претходна пресуда, која судот ја потврди во 2013 година.
Тајланд во меѓувреме инсистира на билатерален пристап за решавање на спорот формирајќи ја Заедничката комисија за демаркација (ЗКД) во 2000 година. Камбоџа учествуваше во ЗКД, но состаноците, вклучувајќи го и најновиот одржан на 14 јуни во Пном Пен, генерално не резултираа со значителен развој на настаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Принцезата Кејт за нејзината борба со ракот: Постојат моменти на страв и исцрпеност
Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, по повод Светскиот ден на ракот, објави емотивна порака во која се осврна на сопственото искуство со болеста. Во јануари минатата година, таа објави дека е во ремисија, откако во март 2024 година ѝ беше дијагностициран рак.
Светскиот ден на ракот се одбележува секоја година на 4 февруари, а 44-годишната принцеза сподели видео на социјалните мрежи по повод овој настан. Краткиот клип прикажува снимки од нејзината посета на Кралската болница Марсден во Челзи во јануари 2025 година, каде што самата се лекуваше. Истиот ден кога ја посети болницата, таа објави дека е во ремисија.
Во видеото принцезата Кејт вели: „На Светскиот ден на ракот, моите мисли се со сите што се соочуваат со дијагноза, се на третман или се на пат кон закрепнување. Ракот допира до толку многу животи – не само на пациентите, туку и на нивните семејства, пријатели и лица кои се грижат за нив.“
„Секој што го поминал тоа знае дека патувањето не е права линија. Има моменти на страв и исцрпеност, но и моменти на сила, љубезност и длабока поврзаност“, продолжи таа.
„Деншниот ден е потсетник за важноста на грижата, разбирањето и надежта. Знајте дека не сте сами“, заклучи таа.
Во март 2024 година, принцезата од Велс објави дека и бил дијагностивиран рак и дека се повлекува од јавноста за да се фокусира на своето здравје. Во септември истата година, таа потврди дека завршила со хемотерапија, а во јануари 2025 година, по ненајавена посета на Кралската болница Марсден, објави дека е во ремисија.
Исто така, беше објавено дека таа и принцот Вилијам станале заеднички покровители на Фондацијата на Кралскиот Марсден NHS, преземајќи кралска улога во светски познатата болница за рак.
Принцезата Кејт отворено зборуваше за предизвиците со кои се соочи во периодот по третманот, опишувајќи го како „навистина, навистина тежок“ за време на посетата на болница во Колчестер минатиот јули.
„Се држите цврсто, го издржувате третманот стоицистички. И кога третманот ќе заврши, мислите: „Можам да продолжам понатаму, да се вратам во нормала“. Но, всушност, фазата што следи е навистина, навистина тешка“, рече таа во тоа време.
„Веќе не сте нужно под грижа на медицински тим, но не сте во можност нормално да функционирате дома на начинот на кој можеби сте можеле порано“, продолжи принцезата. „И затоа е навистина вредно да имате некој да ви помогне да разговарате за тоа и да ве води низ таа фаза по третманот.“
„Мора да ја пронајдеш својата нова нормалност, а тоа одзема време… Како ролеркостер е, не е толку мазно како што би очекувале. Реалноста е дека поминуваш низ тешки времиња“, заклучи Кејт.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Наскоро размена на затвореници со Русија
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека наскоро се очекува размена на воени затвореници, што е резултат на првата рунда преговори со Русија и САД во Абу Даби, пишува „Украинска правда“.
„Доаѓа важен чекор: наскоро очекуваме размена на воени затвореници. Мора да ги вратиме нашите луѓе дома“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање.
Зеленски, исто така, рече дека добил извештај од украинската делегација по состанокот во Абу Даби, на кој присуствувале и делегации од Русија и САД.
„Контактот е одржуван и со американската страна. Рустем Умјеров, Кирил Буданов и Давид Арахамија известија за ова. Тие останаа во контакт. Денес ги разгледавме привремените резултати од разговорите, а тие ќе продолжат утре“, рече тој.
Објавата доаѓа откако Зеленски на 30 јануари изјави дека Русија ги прекинала размените на затвореници бидејќи верува дека се бескорисни.
фото/Depositphotos
Свет
Иран им дозволи на жените да возат мотоцикли
Жените во Иран сега официјално можат да добијат возачка дозвола за мотоцикл, објавија локалните медиуми, со што се стави крај на долгогодишната правна несигурност околу возењето мотоцикл.
Претходниот закон не им забрануваше експлицитно на жените да возат мотоцикли и скутери, но во пракса властите одбиваа да издаваат возачки дозволи. Поради овој правен вакуум, жените честопати беа одговорни во сообраќајни несреќи, дури и кога тие беа жртви.
Првиот потпретседател на Иран, Мохамед Реза Ареф, вчера потпиша декрет со кој се разјаснуваат одредбите од законот за сообраќај, кој иранската влада го одобри кон крајот на јануари, објави новинската агенција Илна.
Одлуката бара од сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатки, да организира испит под директен полициски надзор и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, објави Илна.
Одлуката дојде по бранот протести низ Иран, кои првично избувнаа поради економски проблеми и ескалираа во масовни антивладини демонстрации минатиот месец.
Од Исламската револуција во 1979 година, жените во Иран се соочуваат со низа социјални ограничувања, при што кодовите за облекување претставуваат посебен проблем за оние што возат мотоцикли. Од жените се бара да носат шамии и широка облека на јавно место, но во последниве години тие сè повеќе ги прекршуваат овие правила.
Трендот на кршење на правилата дополнително се забрза по смртта во 2022 година на Махса Амини, млада Иранка која почина во полициски притвор откако беше уапсена за наводно кршење на кодексот за облекување. Нејзината смрт предизвика масовни протести низ Иран, предводени од жени кои бараа поголеми слободи.
фото/ЕПА

