Свет
Извикал „Робо, дај ми рака“, па пукал кон словачкиот премиер – кој е човекот што стои зад атентатот на Фицо
Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој беше застрелан во средата, сѐ уште е во тешка состојба. Според словачките медиуми, се очекува тој да биде подложен на уште една операција, а тоа е на колкот. Човекот што трипати пукаше во Фицо среде бел ден по владиниот состанок се вика Јурај Цинтула. Има 71 година, пензиониран, писател и поранешен чувар. Како што кажа и самиот по апсењето, пукал во Фицо „бидејќи не се согласува со политиката на владата“. Сега му се заканува доживотен затвор, а ова е сѐ што досега знаеме за атентаторот од Словачка.
Роберт Фицо беше застрелан во средата по состанокот на владата во градот што се наоѓа на 150 километри од Братислава. Фицо излезе да ги поздрави насобраните поддржувачи и се ракуваше со многумина на улица.
Напаѓачот, чие име подоцна беше откриено дека е Јурај Цинтула, наводно извикал „Робо, дај ми ја раката“. Ова го натерало премиерот на Словачка да му пријде и да му подаде рака за да се ракува.
Иако во тоа време бил опкружен со обезбедување, Цинтула извадил пиштол и пукал петпати од непосредна близина. Три куршуми го погодија Фицо.
Обезбедувањето тогаш скокнало врз напаѓачот, но премиерот веќе бил ранет. Тој итно бил пренесен во најблиската болница со хеликоптер бидејќи било проценето дека нема време да отпатува за Братислава.
Полицијата го совладала напаѓачот и го привела на улица. Фицо бил опериран пет часа и лекарите жестоко се бореле за неговиот живот.
По операцијата, беше соопштено дека е стабилен, но сѐ уште е во животна опасност. Според словачките медиуми, Фицо ќе мора да оди на операција на колкот кога ќе биде подготвен за тоа. Во меѓувреме, атентаторот бил сослушан во полиција и обвинет за обид за убиство со умисла. Тој се соочува со казна од 25 години до доживотен затвор.
Тој извикал „Робо, дај ми ја раката!“, а потоа го застрелал Фицо.
Сведоците што биле на местото на пукањето велат дека Јурај Цинтула првин му викал на премиерот: „Робо, дај ми ја раката“, а кога Фицо дошол да се поздрави – одекнале истрели. Според информациите, испукани се пет истрели, а три тешко го повредиле словачкиот премиер.
По пукањето, напаѓачот бил совладан од полицијата и преземен од Националната агенција за криминал. Тој е 71-годишен пензионер, кој е и малку познат писател. Тој бил чувар во трговски центар кога и самиот бил нападнат по што објавил видеоснимки во кои повикува да се прекине насилството.
„Не се согласувам со неговата политика“
Словачкиот портал „Новине“ ја објави изјавата што Цинтула ја дал во полиција веднаш по неговото апсење.
„Не се согласувам со политиката на владата. На крајот на краиштата, медиумите се ликвидирани. Зошто се напаѓа РТВС (Радио-телевизија на Словачка), зошто е сменет судијата Мазак?“, наводно рекол Цинтула.
Мазак е поранешниот претседател на Судскиот совет, кој неодамна беше разрешен.
Претходно, снимил видео против насилството
Јурај Цинтула пред осум години објавил три видеа со наслов „Против насилството“.
„Мора да покажеме сила, но не и насилство“, вели тој во првиот дел од видеото.
Како што додаде, треба да се покаже сила на плоштадите, каде што треба да се соберат луѓе што не се согласуваат со алчноста на политичарите, но не се против демократијата.
На крајот од видеото има клип од логото на движењето против насилството, кое сакал да го регистрира.
„Движењето против насилството е политичка партија во подем, чија цел е да го спречи ширењето на насилството во општеството. Да се спречи војна во Европа и ширење омраза“, стои под логото.
Во заднина се слуша првиот концерт за пијано на рускиот композитор Чајковски.
Според информациите од снимките, тој го основал движењето во 2016 година.
Во април истата година тој почна петиција за регистрирање на движењето. Сепак, според информациите на веб-страницата, се потпишале само осум лица.
„Тој не гласал за Фицо“
Порталот „Актуалити“ успеал да стапи во контакт со синот на осомничениот за атентатот на Фицо, кој потврдил дека татко му имал пиштол во легално поседување. Сепак, тој негира дека некогаш спомнал оти планира да го нападне Фицо.
„Апсолутно немам поим што правеше татко ми, што планираше, зошто се случи ова“, рече тој. На прашањето дали негувал омраза кон Фицо, кој е и претседател на партијата Смер, тој одговори: „Ќе ви кажам – не гласаше за него“.
Според словачкиот портал СМЕ, осомничениот бил голем противник на политиката на Фицо.
И синот на осомничениот напаѓач негира дека татко му е психијатриски пациент.
„Можеби имало краток спој, не знам. Тој е поенергичен, но не би се занимавал со психијатар или нешто слично“.
Рудник, трговски центар, па поезија
Јурај Цинтула претходно работел во рудник во Хандлова. Подоцна бил чувар во еден од трговските центри во Левице. Во септември 2016 година бил нападнат од еден од муштериите.
„Беше дрогиран. Почна да фрла храна од полиците на земјата, а потоа почна да жонглира со неа“, изјави Цинтула за младиот човек кој дошол во трговскиот центар со својата девојка. Го фатил за рамениците и го замолил да си оди, но младиот човек почнал да го тепа. Го удирал со тупаници и клоци додека, конечно, не паднал меѓу полиците.
Напаѓачот бил приведен од полицијата и осуден на затворска казна.
Цинтула исто така бил уметник. Пишувал песни, член е на Здружението на словачките писатели. Член на управниот одбор на тоа здружение е пратеникот и претседател на Комисијата за култура и медиуми, Роман Мишелко (СНС).
Според него, здружението брои 550 члена.
„Секој што ќе објави две книги има право да аплицира за членство“, изјави Мишелко за СМЕ.
Според него, осомничениот напаѓач не бил во ниеден орган на здружението.
„Речиси никој од одборот не го познава. Според моите сознанија, тој се пријавил за членство пред девет години. Не го познавам лично“, рече Мишелко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Во тек се технички подготовки за директни разговори меѓу Европа и Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека се во тек подготвителни работи за повторно воспоставување директни разговори меѓу Европа и Русија за војната во Украина, додавајќи дека е важно Европејците да ги обноват своите комуникациски канали, но дека Русија не покажува подготвеност да постигне мировен договор со продолжување на бомбардирањето на Украина.
„Мора да биде подготвена, затоа се во тек технички разговори за да се овозможи тоа“, рече Макрон како одговор на новинарско прашање за неговиот повик од декември за обновување на преговорите со рускиот претседател Владимир Путин, пишува бриселски „Политико“.
Макрон истакна дека е важно Европејците да ги обноват своите канали за комуникација со Русија, нагласувајќи дека подготовките се одвиваат на техничко ниво.
Тој додаде дека сите разговори со Путин мора да бидат координирани со претседателот на Украина Володимир Зеленски и неговите „клучни европски колеги“, нагласувајќи ја улогата на таканаречената „Коалиција на волјата“, која ги собира земјите што ја поддржуваат Украина.
Францускиот претседател, сепак, оцени дека со продолжувањето на бомбардирањето на Украина, Русија не покажува подготвеност за постигнување мировен договор.
„Пред се, денес продолжуваме да ја поддржуваме Украина, која е под бомби, на студ, со руски напади врз цивили и украинска енергетска инфраструктура, што е неприфатливо и не покажува вистинска волја за мировни преговори“, рече Макрон, според Танјуг.
Свет
СЗО бара да се обезбедат пари за итни здравствени случаи
Светската здравствена организација (СЗО) бара да се обезбедат една милијарда долари за здравствени итни случаи оваа година.
Чиквез Ихеквезу на прес-конференција во Женева изјави дека апелот за обезбедување пари е помал од минатата година, бидејќи финансирањето од донаторите се намалува, објави Ројтерс.
„Се фокусираме на оние на кои им е најпотребно, каде што можеме да спасиме најмногу животи“, истакна Ихеквезу. Според него, средствата ќе бидат насочени кон 36 итни здравствени ситуации, вклучувајќи ги Газа, Судан и Украина.
„Длабоко сме загрижени за огромните потреби и како ќе ги задоволиме“, додаде тој. Ихеквезу негираше дека СЗО целосно ќе се повлече од каква било криза.
„Она што го направивме е дека, во секој од тие контексти, можеби не направивме толку колку што би сакале“, рече Ихеквезу.
Соединетите Американски Држави официјално ја напуштија СЗО на 22 јануари, откако ја обвинија глобалната здравствена агенција за справувањето со пандемијата Ковид-19. Во минатото, САД беа главен донатор за здравствените вонредни состојби на СЗО, кои се потпираат на доброволни донации и на нејзиниот поширок буџет, кој делумно се базира на задолжителни членарини.
Свет
(Видео) Шпански „Ф-18“ пресретнал руски „Су-30“ со необично оружје над Балтикот
Шпанските борбени авиони Ф-18М Хорнет пресретнаа, за време на неодамнешната мисија, руски авион што носел необичен борбен товар за време на операциите над балтичкиот регион.
Шпанското Министерство за одбрана објави детали за мисијата што ја извршија авионите распоредени во Литванија како дел од мисијата на НАТО.
#ÚLTIMAHORA: 🇧🇾
Bielorrusia recibió un lote adicional de aviones de combate multifunción Su-30SM2 de fabricación rusa, ampliando aún más su flota de aviación de combate. pic.twitter.com/8EjYIaDZQN— Reportes de Guerra CL 🇨🇱 (@ReportGuerraCL) February 1, 2026
Шпанските „Хорнети“ пресретнаа неодреден број руски борбени авиони што летаа над меѓународни води во близина на воздушниот простор на НАТО, пренесуваат светските медиуми.
Според написите, врз основа на фотографиите објавени од Министерството за одбрана на Шпанија, еден од руските авиони бил „Су-30СМ2“, според „Авиејшист“, цитиран од „Вечерњи лист“.
Иако авионите „Су-30СМ“ не се ретки во меѓународниот воздушен простор над балтичкиот регион, пресретнувањето го прави необичното борбено оптоварување на руските авиони особено интересно.
Речиси во исто време, руската државна новинска агенција Тас објави дека борбените авиони и бомбардерите на Балтичката флота учествувале во планирани вежби што вклучувале прецизни напади врз копнени цели.
Според тој извештај, екипажите на „Су-30СМ2“, повеќенаменските ловци и бомбардерите „Су-24М“ вежбале мисии на огнена поддршка, воздушно извидување и прецизно бомбардирање на полигонот за обука во источниот дел од Калининградската област.
Дополнително, биле вежбани борбени маневри и избегнување на симулирани непријателски ловци и противвоздушни системи.
Русија не го поврза директно пресретнатиот „Су-30СМ2“ со овие вежби, но извештајот на Тас ја отвора можноста авионот забележан над Балтичкото Море да бил дел од поширока активност, а не од независна патрола или демонстрација на сила, пренесуваат медиумите.

