Свет
Избори во Пакистан: води партијата на поранешниот премиер со поддршка од моќни генерали
Партијата на поранешниот пакистански премиер Наваз Шариф има мала предност на општите избори, покажаа првичните резултати објавени утринава, по одложувањето на броењето на гласовите што владата го припишува на исклучувањето на мобилните интернет услуги.
Изборната комисија на Пакистан ги објави резултатите за 47 од 265 места во Националното собрание, при што 17 места ќе добијат Пакистанската муслиманска лига на Шариф и 14 на приврзаниците на затворениот поранешен премиер Имран Кан.
Пакистанската народна партија на Билавал Буто Зардари, син на убиената премиерка Беназир Буто, освои 12 пратенички места. Остатокот отиде кај помалите партии или независни кандидати.
Бидејќи Кан е во затвор, а неговата партија Тахрик-е-Инсаф не може да учествува на изборите, неговите поддржувачи се кандидираа како независни.
Пред изборите, аналитичарите предвидуваа дека изборите нема да дадат јасен победник, што само ќе ги зголеми неволјите во земјата, која е погодена од милитантното насилство и длабоката економска криза во високополаризирано политичко опкружување.
Главната битка на овие избори се очекува да биде меѓу кандидатите на Кан, чија партија победи на последните избори, и партијата на трикратниот премиер Наваз Шариф.
Кан смета дека моќната пакистанска армија стои зад прогонот на неговата партија со цел нејзино целосно уништување. Аналитичарите и ривалите на Сахариф се убедени дека Шариф има поддршка од генералите.
Во 76-те години од постоењето на Пакистан како независна држава, војската директно или индиректно доминираше со оваа нуклеарна сила, но веќе неколку години тврдеше дека не се меша во политиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Руска ракета ја оштети амбасадата на Азербејџан во Киев, Баку бара објаснување
Азербејџанското министерство за надворешни работи денеска го повикало рускиот амбасадор за да му врачи остар протест, откако руска ракета го оштетила нивното амбасадско седиште во Киев. Според соопштението, ракета од типот „Искандер“ паднала во близина на зградата и предизвикала штета на објектите и службените возила, но нема повредени вработени, пренесе „Киев Индепендент“.
Инцидентот се случил за време на масовниот руски ракетен и дрон-напад врз Киев, во кој загинале најмалку шест лица, а десетици биле ранети. Настанот повторно отвора можни тензии меѓу Баку и Москва, само еден месец по напорите да се поправат односите.
🇦🇿 Russians strike Azerbaijan’s embassy in Kyiv — Aliyev outraged
The president of Azerbaijan told Zelensky directly that this is not the first time Russian forces have targeted both the embassy and other Azerbaijani sites in Ukraine.
The overnight strike hit the embassy… pic.twitter.com/gmAMkZDFBQ
— NEXTA (@nexta_tv) November 14, 2025
Азербејџан му порачал на рускиот амбасадор Михаил Јевдокимов дека овие факти отвораат прашања за намерната природа на нападот, потсетувајќи дека и претходно биле оштетени нивни објекти во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека телефонски разговарал со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев за инцидентот. Алиев го осудил нападот и нагласил дека ова не е првпат Русите да ја гаѓаат зградата на амбасадата и други локации поврзани со Азербејџан.
Баку потсети дека нивни дипломатски и деловни објекти биле оштетени и во други руски напади — почесниот конзулат во Харкoв во март 2022, амбасадата во Киев во август годинава и складиште со нафтени деривати.
Во соопштението стои дека нападите врз дипломатски мисии се неприфатливи и дека од Русија е побарана детална истрага и објаснување.
Азербејџан досега одржуваше неутрална позиција во руската инвазија, но односите се влошија по соборувањето на азербејџански патнички авион над Грозни во декември 2024, кога загинаа 38 лица.
Свет
Трамп повикува на истрага за врските на Епштајн со голем број познати личности
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес објави дека ќе побара од државниот обвинител Памела Бонди да ги истражи врските на сексуалниот престапник Џефри Епштајн со многу истакнати личности, вклучувајќи и некои од неговите политички противници.
„Ќе побарам од државниот обвинител Пам Бонди и Министерството за правда, заедно со нашите големи патриоти во ФБИ, да ја истражат вмешаноста и врската на Џефри Епштајн со Бил Клинтон, Лари Самерс, Рид Хофман, Џ.П. Морган и Чејс, и многу други луѓе и институции, за да утврдат што се случувало со нив и со него“, напиша Трамп на својата мрежа „Тру соушал“.
Трамп ги обвини демократите дека се обидуваат да го одвлечат вниманието од нивните политички неуспеси, користејќи го случајот Епштајн како средство за напад врз републиканците.
Тој изјави дека ова е уште една измама како онаа со руско влијание на претходните избори, каде сите стрели покажуваат кон демократите.
„Записите покажуваат дека овие луѓе, и многу други, поминале голем дел од својот живот со Епштајн и на неговиот „Остров““, рече Трамп.
Свет
Пожар на факултет во Варшава
Денес избувна пожар во зградата на Геолошкиот факултет на Универзитетот во Варшава, откако се запали електрична разводна табла.
Околу 200 луѓе беа евакуирани откако еден од техничките работници пријави чад, беше објавено од Општинскиот штаб на Државната противпожарна служба, пренесува Радио Варшава.
Се забележува дека на местото на настанот се испратени 24 пожарникари.
Во инцидентот нема повредени.

