Свет
Изминатиот јуни е најтоплиот месец регистриран на Земјата

Агенцијата за сателитско следење на Европската Унија соопшти дека изминатиот јуни бил најтоплиот месец регистриран на нашата планета.
Како што во вторникот пренесе британски „Индипендент“, податоците од сервисот за климатски промени „Коперникус“ (C3S) покажуваат дека просечната температура во јуни на глобално ниво била повисокa од нормалата, додека во Европа била повисока во просек за околу два Целзиусови степенa од вообичаените вредности за овој месец.
Според податоците на C3S, глобалната просечна температура била повисока за околу 0,1 Целзиусов степен од претходно најтоплиот регистриран јуни во 2016 година.
Во Франција, Германија и Шпанија во последните неколку дена од минатиот месец температурите биле повисоки од шест до 10 степени во споредба со просекот за тој период.
C3S наведува дека, иако оваа појава засега не е можно директно да се поврзе со глобалното затоплување, токму поради овој феномен во иднина треба да се очекуваат и почести налети на топлотни бранови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се огласи Путин по воведувањето на санкциите од страна на САД

Рускиот претседател, Владимир Путин, го даде својот прв директен одговор на американските санкции воведени врз Русија.
Тој рече дека санкциите нема да влијаат на руската економија, но ги опиша како „непријателски чин“ што не придонесува за зајакнување на односите со САД. Тој потврди дека ќе има одредени загуби, но дека руската енергетска индустрија се чувствува безбедно. Путин рече дека Русија спаѓа во групата земји кои се почитуваат себеси и немаат намера да донесуваат одлуки под притисок, додавајќи дека дијалогот е секогаш подобар од војната.
Според него, замената на руската нафта на светскиот пазар ќе трае долго и ќе доведе до пораст на цените.
Зборувајќи за откажаниот самит со Доналд Трамп во Будимпешта, Путин рече дека средбата била предложена од американската страна.
Тој додаде дека Трамп веројатно не мислел дека средбата е откажана, туку одложена, кога зборуваше вчера во Белата куќа, објави Скај.
Во меѓувреме, Володимир Зеленски одржа серија средби со неколку од 27-те европски лидери на состанокот на Европскиот совет во Брисел.
Пред своето обраќање, украинскиот претседател сподели објави на социјалните мрежи за неговите разговори со полскиот премиер Доналд Туск, германскиот канцелар Фридрих Мерц и финскиот премиер Петери Орп.
Претходно се сретна и со францускиот претседател Емануел Макрон и чешкиот премиер Петр Фиал.
Свет
Зеленски: Путин знае дека едно оружје може да го промени текот на војната

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски им се обрати на лидерите на состанокот на Европскиот совет утрово. Украинскиот претседател рече дека постои едно оружје кое, како што истакна, може да „го промени текот на војната“.
„Само погледнете колку стана нервозен Путин кога се појави оваа тема, тој разбира дека оружјето со долг дострел може да го промени текот на војната“, рече Зеленски. Зборувајќи за видовите на такво оружје, тој меѓу другите ги спомена ракетите Томахавк.
Американскиот претседател Доналд Трамп досега одби да испорача Томахавк на Украина, но затоа синоќа потврди строги санкции против руските нафтени гиганти Роснефт и Лукоил.
Зеленски им се заблагодари на собраните лидери, но рече дека одлуката за замрзнатите руски средства мора да се донесе што е можно поскоро. Доколку биде одобрена, рече Зеленски, тој ќе искористи значаен дел од тие пари за купување европско оружје.
„Мора да ги искористиме тие замрзнати средства на начин што ќе ѝ даде до знаење на Русија дека мора да плати за сопствената војна што ја води. Затоа, ве молам да донесете одлука што е можно поскоро – руските средства треба целосно да се искористат за одбрана од руската агресија“, рече тој.
Според дипломатски извори, лидерите на земјите-членки се согласиле дека Русија не е подготвена да се вклучи во значајни разговори за постигнување мир и завршување на војната и дека е потребно да се продолжи со притисокот за да се принуди Путин да седне на преговарачка маса.
Дискусијата за Украина ќе продолжи попладне, додека за време на работниот ручек ќе разговараат за зајакнување на европската одбрана.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан не учествуваше во дискусијата, кој остана во Будимпешта, каде што денес се одбележува годишнината од Унгарската револуција од 1956 година. Тој ќе пристигне во Брисел подоцна попладне.
Унгарија не сака да ги поддржи заклучоците од самитот за Украина, па затоа најверојатно ќе биде објавена изјавата на другите 26 земји-членки.
Свет
Русија: Отворени сме за можноста за средба меѓу Трамп и Путин

Руското Министерство за надворешни работи е отворено за продолжување на контактите со американскиот Стејт департмент за можна средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, изјави денес портпаролката Марија Захарова.
„Руското Министерство за надворешни работи, од своја страна, е отворено за продолжување на контактите со американскиот Стејт департмент во спроведувањето на договорите постигнати за време на телефонскиот разговор меѓу претседателите на Русија и САД на 16 октомври“, изјави Захарова пред новинарите.
Вчера, Трамп го објави откажувањето на планираниот состанок со Путин во Будимпешта.
Американскиот претседател рече дека состанокот „може да биде губење време во моментов“. Сепак, неговата администрација ја остави отворена можноста разговорите да продолжат, и покрај санкциите воведени синоќа против двете најголеми руски нафтени компании.