Свет
Израелските сили при одговор на напад, убиле четворица и раниле повеќе од 50 Палестинци

Израелските сили отвориле оган врз Палестинците кои протестираа на границата во Газа, при што четири лица го загубија животот, а најмалку 50 се повредени, објавија палестинските здравствени власти.
Од друга страна, израелската армија соопшти дека одговорила на воздушните напади на три позиции кои припаѓаат на Хамас, исламистичка група која управува со Појасот Газа, објави „Ројтерс“.
Во соопштението се вели дека околу 16 000 Палестинци фрлале гранати, запаливи бомби и камења врз израелските војници, кои одговориле кога било потребно.
Палестинците протестираат по должината на границата од крајот на март барајќи крај на израелската блокада на територијата и правото да ја вратат земјата што ја напуштија или беа протерани кога Израел беше основан во 1948 година.
Според палестинското Министерство за здравство, од почетокот на протестот, израелските сили убија 212 граѓани на Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин го пофали Трамп

Рускиот претседател Владимир Путин им се придружи на светските лидери во изразувањето поддршка за мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа.
Путин рече дека можеби има потреба Русија да се вклучи во процесот бидејќи има доверливи односи со арапските земји, особено со Палестинците.
Тој нагласи дека Трамп „прави многу за мирот“, наведувајќи го прекинот на огнот на Блискиот Исток како пример, но додаде дека не е негова работа да одлучи дали американскиот претседател заслужува Нобелова награда за мир.
Доколку мировниот договор за Газа успее, тоа ќе биде „ништо помалку од историски настан“, рече Путин.
Многу коментатори веруваат дека Путин намерно го пофалил Трамп за да го погоди неговото его и да го охрабри Вашингтон да заземе поповолен пристап кон војната во Украина за Москва.
фото: принтскрин
Свет
Нетанјаху: Договорот за Газа не беше можен порано

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека сегашниот договор за размена и прекин на огнот во Појасот Газа не можел да се постигне порано и дека тоа е овозможено со комбинација од воена сила и „дипломатски притисок“, првенствено од претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
„Хамас никогаш не се согласи да ги ослободи сите наши заложници додека бевме длабоко во Газа“, рече Нетанјаху, додавајќи дека движењето го прифатило договорот само „кога го почувствувало мечот на вратот“, објави „Тајмс оф Израел“.
Премиерот оцени дека планот на Трамп го изолирал меѓународно Хамас и дека токму овој притисок, во комбинација со воените акции на израелската армија, го принудил Хамас да направи отстапки.
Нетанјаху рече дека приоритет на израелската влада е ослободувањето на заложниците. Тој најави дека телата на убиените заложници ќе бидат вратени „за еврејски погреб“.
Во своето обраќање, премиерот му се заблагодари на американскиот претседател „за неговото светско лидерство“ и неговите „постојани напори за изготвување план за враќање на израелските заложници“.
„Уште еднаш, тој го докажа своето пријателство кон нашиот народ, кон нашата земја“, истакна Нетанјаху.
Тој, исто така, им се заблагодари на врвните помошници на Трамп, специјалниот пратеник Стив Виткоф и неговиот зет, Џаред Кушнер, како и на израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер и неговиот преговарачки тим, пренесува Танјуг.
Нетанјаху ги пофали силите на Израелските одбранбени сили и ги призна жртвите на семејствата на загинатите, истакнувајќи дека сирените и загубите во текот на претходните две години го претворија празникот Симхат Тор во ден на национална жалост, додека сега се надева дека празникот ќе стане „ден на национална среќа“ со враќањето на киднапираните.
Премиерот рече дека Израел „постигнува огромни победи што го менуваат лицето на Блискиот Исток“ во војната, но предупреди дека конфликтот не е завршен и дека остануваат значајни предизвици. Тој најави дека во следните фази, Хамас ќе биде разоружан, а Газа ќе биде демилитаризирана.
Нетанјаху, исто така, ги отфрли тврдењата на аналитичарите и новинарите дека враќањето на сите заложници не е можно без значителни отстапки кон барањата на Хамас.
Тој рече дека верува оти „силен воен притисок во комбинација со силен дипломатски притисок“ ќе овозможи враќање на сите заложници и дека, како што вели, тоа е сторено.
Фото: принтскрин
Свет
На секои девет дена, ЕУ добива нов милијардер

Европската унија доби 39 нови милијардери оваа година, а вкупното богатство на милијардерите во земјите-членки се зголеми за повеќе од 400 милијарди евра, според новиот извештај на невладината организација Оксфам.
Ова значи дека во ЕУ се раѓа нов милијардер во просек на секои девет дена и дека нивното вкупно богатство се зголемило за повеќе од две милијарди евра секој ден во првата половина од оваа година.
ЕУ има 487 милијардери, чие вкупно богатство се зголемило за 405 милијарди евра, достигнувајќи 2,3 илјади милијарди евра на крајот на јуни.
Најбогатите 3.600 Европејци поседуваат богатство колку и најсиромашните 181 милион, што е еквивалентно на населението на Германија, Италија и Шпанија заедно, според извештајот, во кој се истакнува дека даночните политики низ целиот континент им помогнале на супербогатите да го задржат и зголемат своето богатство.
„Го поврзавме со даночниот систем, бидејќи ова не е случајност. Оваа нееднаквост во богатството е поврзана со политички избори – а особено со неправедниот даночен систем“, рече авторката на извештајот Кјара Путатуро за Политико.
Според неа, даночниот систем во ЕУ е дизајниран на таков начин што најголемиот дел се собира од обичните граѓани – осум од секои 10 евра даночни приходи биле платени од обичните граѓани преку данок на промет и данок на доход.
Девет проценти од вкупните даночни приходи во земјите од ЕУ ги плаќаат компаниите, а само 0,4 проценти доаѓаат од данок на богатство.
Во соопштението на Оксфам се наведува дека платите се оданочуваат со повисока стапка во просек, додека инвестициите и холдинг компаниите се оданочуваат со пониски стапки, што ги прави богатите уште побогати.
Оксфам истакнува дека 10 земји од ЕУ немаат данок на наследство и дека само една членка, Шпанија, има данок на нето богатство.
„Ова значи дека супербогатите често плаќаат многу пониска ефективна даночна стапка на нивниот приход и богатство од обичните луѓе“, се вели во соопштението.
Оксфам, исто така, укажува дека поголемиот дел од новото богатство оди во приватни џебови, а не во јавни буџети и дека европските влади станале релативно посиромашни.
Додека во 1990-тите владите поседувале околу 10 проценти од вкупното богатство, сега тој е само шест проценти.
Доколку владите го задржале тој удел, според проценката на Оксфам, земјите од ЕУ ќе имале дополнителни 3,6 илјади милијарди евра во 2023 година за инвестирање во јавни услуги, училишта и болници.
Извештајот на Оксфам „Европска агенда за оданочување на супербогатите“ беше објавен пред состанокот на европските министри за финансии, каде што ќе разговараат за начините за финансирање на буџетот на ЕУ.
Оксфам наведува дека Европската комисија треба да направи план за оданочување на богатите поединци преку зголемување на транспарентноста преку европскиот регистар на имот.
Комисијата, исто така, треба да се обиде да воспостави заеднички стандарди за даноци на капитална добивка, на пример колку би платило едно лице кога продава акции.
Фото: принтскрин