Свет
Израелски тенкови влегоа во Рафа, стигнаа до станбени области

Израелски тенкови денеска навлегоа подлабоко во Рафа и стигнаа до станбени области проширувајќи ја офанзивата кон тој град на крајниот југ на Појасот Газа, каде што претходно побегнаа повеќе од милион луѓе.
Израелските меѓународни сојузници и хуманитарни групи постојано го повикаа Израел да не го спроведува најавениот план за копнена офанзива во Рафа предупредувајќи дека тоа ќе доведе до уште полоша хуманитарна катастрофа.
Катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани денеска предупреди дека израелските операции во Рафа доведоа до ќор-сокак на мировните преговори.
Израел најави дека ќе почне офанзива во Рафа и покрај противењето на неговите сојузници тврдејќи дека операцијата е неопходна бидејќи во областа има уште четири баталјони на Хамас.
„Тенкови утрово напредуваа западно од патот Салахудин, во населбите Бразил и Јнеина. Тие се на улиците во населената област и има тепачки“, изјави еден жител за „Ројтерс“.
Израел пред една недела издаде предупредување до жителите да го напуштат источниот дел на Рафа, а во саботата додаде уште неколку зони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Европските воени сили треба да учествуваат во мировните операции во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон им рече на новинарите во Вашингтон дека европските воени сили треба да учествуваат во мировните операции во Украина во иднина.
„Ќе ни треба силна украинска армија и ќе мора да ѝ помогнеме на Украина со сили на терен“, рече Макрон. „Ќе ни требаат мировни операции што сојузниците на Украина се подготвени да ги обезбедат“.
Не е прв пат Макрон да ја изнесе идејата, но досега тоа не доведе до никакви конкретни распоредувања.
Макрон додаде дека Трамп би бил „подготвен“ да воведе секундарни санкции и царини врз Москва „доколку Русија не соработува“. Тој исто така потсети дека Трамп веќе вовел царини врз Индија за купување руска енергија.
Францускиот претседател нагласи дека не е убеден дека Русија сака мир, додавајќи дека европските лидери „му ставиле до знаење на Трамп“ дека мировниот договор не може да чека недели или месеци.
фото: принтскрин
Свет
Британскиот премиер: Постигнавме вистински напредок

Британскиот премиер Кир Стармер зборуваше по состанокот во Белата куќа, каде што Доналд Трамп и Володимир Зеленски присуствуваа и европски лидери.
Тој рече дека на состанокот е постигнато „чувство на единство“ и дека се постигнати два клучни заклучоци.
Првиот е дека „коалицијата на волните“ – група од 31 земја што ветија дека ќе помогнат во зајакнувањето на Украина – ќе соработува со Соединетите Американски Држави за безбедносни гаранции. Стармер додаде дека веќе им дал задача на своите тимови да работат на ова прашање, нагласувајќи дека тоа е важна тема за безбедноста на Украина, Европа и Обединетото Кралство.
Вториот е договорот за состанок меѓу Владимир Путин и Зеленски, кој треба да се одржи билатерално, а потоа трилатерално, со учество на Доналд Трамп.
„Кога станува збор за прашања како територија, размена на затвореници или многу сериозното прашање за враќање на деца, јасно е дека Украина мора да биде на масата“, рече Стармер, заклучувајќи: „Денес постигнавме вистински напредок“.
фото: принтскрин
Свет
Шефот на НАТО: Испраќањето војници во Украина не е дискутирано

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека за време на разговорите во Белата куќа, воопшто немало дискусија за испраќање војници на украинска територија.
Во изјава за „Фокс њуз“, тој рече дека деталите за безбедносните гаранции на САД ќе бидат разработени во наредните денови, но сè уште не е јасно каква форма ќе имаат.
„Важно е што САД ќе се вклучат, тоа е голем чекор напред“, рече Руте без понатамошно појаснување.
фото: принтскрин