Свет
Израелците погодиле бунгалов со новинари во јужен Либан, тројца загинати
Во израелски напад рано утринава, најмалку тројца медиумски работници се убиени во пансион во која престојувале уште неколку новинари, јавуваат либанските медиуми.
Меѓу нив има снимател и инженер кои работеле за проиранскиот медиум Ал-Мајадин и снимател кој работел за Ал-Манар на Хезболах.
Други новинари кои биле на местото на настанот изјавиле дека директно бил погоден бунгаловот во кој спиеле членови на споменатите медиуми, пренесува Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик го брани Нетанјаху: Ќе направиме се институциите на БиХ да не ја спроведат оваа одлука
Претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, ја коментираше одлуката на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Како што пренесува Кликс.ба, Додик оваа одлука ја нарече целосно неразумна.
„Се испостави дека меѓународниот правосуден систем се користи како политичка алатка. Со обвинувањето на премиерот на Израел, земја која беше нападната од терористичка организација, тој суд дополнително се девалвира“, рече Додик, додавајќи дека ентитетот на чело од него ќе направи се институциите Босна и Херцеговина да не ја спроведат оваа одлука.
Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант. Како што наведуваат во соопштението, тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени на палестинските територии, вклучително и Газа.
Регион
Земјотрес во Босна и Херцеговина, се почувствува и низ цела Хрватска
Земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди Босна и Херцеговина утрово околу 9:15 часот. Епицентарот на земјотресот бил на 31 километар северозападно од Мостар или 11 километар југозападно од Јабланица, јавува Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
– Наеднаш посилно се тресеше, кратко траеше – пишува човек од Широки Бријег на апликацијата EMSC. Коментари имаше и од југот на Хрватска. Тие наведуваат дека земјотресот бил силно почувствуван на Имотски, Макарска и други места.
– Се почувствува силна бучава и потреси – наведуваат граѓаните на Босна и Херцеговина.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.