Свет
Израел бомбардираше воени позиции во Сирија

Израелската војска синоќа бомбардираше цели во централна Сирија, а повредени се шест војници, јави сириската агенција Сана.
„Израелската авијација спроведе напади на наша воена позиција во 2 и 30 часот после полноќ по локално време, во градот Масијаф во провинцијата Хамас“, соопштиле сириски воени извори и додале дека противвоздушната одбрана пресретнала неколку непријателски ракети.
Истите извори рекле дека се повредени шест борци и дека се уништени неколку згради.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права соопшти дека Израел гаѓал три мети и дека во нападот се повредени 17 војници.
Се претпоставуува дека израелската војска гаѓала позиции на кои се наоѓаат Иранците кои го поддржуваат претседателот Башар ал Асад.
Израел вообичаено не ги коментира нападите во соседна Сирија. Последниот таков напад беше на крајот на март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Почина најстарата личност на светот

Бразилката која беше прогласена за најстарата личност на светот, Ина Канабаро Лукас, почина на 117-годишна возраст.
Таа почина во Конгрегацијата на сестрите Терезијан во Порто Алегре, каде ги помина последните години, објави БФМ.
Ина стана најстарата личност на светот по смртта на Јапонецот Томико Итока во јануари, кој исто така почина на 116-годишна возраст.
Својата духовна кариера ја започнала на 16-годишна возраст кога влегла во училиштето на сестрите Терезијан, а на 26-годишна возраст се замонашила.
Во текот на животот служеше како учителка и секретар, а во 2018 година, на речиси 110-годишна возраст, доби апостолски благослов од папата Франциско.
Лукас е втората најстара калуѓерка во историјата, по Французинката Лусил Рандон, која живеела до 118 години.
По смртта на Лукас, најстарата личност на светот стана Англичанката Етел Катерам, која во моментов има 115 години и 252 дена, според Геронтолошката истражувачка група (ГРГ).
Регион
Шест месеци по падот на настрешницата, собир на граѓаните во Нови Сад

Денеска во Нови Сад се навршуваат шест месеци од падот на настрешницата на влезот на железничката станица, кога 16 лица загинаа, а едно е тешко повредено и се уште е во болница.
Студентите во блокадата на Универзитетот во Нови Сад ги повикаа граѓаните да се соберат пред станицата за во 11:52 часот да им се оддаде почит на жртвите.
„Не ги забораваме жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад. Тој настан, кој е резултат на невнимание, неодговорност и институционална негрижа, однесе животи и ги остави семејствата и заедницата во болка и со прашања на кои се уште не се одговорени“, велат новосадските студенти.
Откако ќе оддадат почит, насобраните во колона ќе тргнат по булеварот Ослободување до Мостот на слободата, кој ќе биде блокиран неколку часа.
Свет
Трамп за царините: Имам потенцијални договори со Индија, Јужна Кореја и Јапонија

Претседателот Доналд Трамп изјави денеска дека има потенцијални трговски договори со Индија, Јужна Кореја и Јапонија, бидејќи се обидува да ја претвори својата тарифна политика во трговски договори.
Во градското собрание на телевизиската мрежа „Њуз нејшн“, Трамп на прашањето кога ќе објави договори со тие три земји, одговори дека има потенцијални договори со нив.
На 2 април 2025 година, американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи „Денот на ослободувањето на американската индустрија“, со што го означи почетокот на новата фаза од воведувањето на широки царини, што тој го опиша како обновување на американскиот економски суверенитет. Истиот ден, неговата администрација објави универзална царина од 10 отсто за целиот увоз, како и дополнителни, високи царини за кинески стоки, вклучувајќи електроника, машини и фармацевтски состојки.
Овие мерки предизвикаа бран на загриженост кај американските трговски партнери, но отворија и простор за преговори со клучните азиски земји кои сакаат да бидат изземени од построги царини.
Изјавата на Трамп за потенцијални договори со Индија, Јужна Кореја и Јапонија доаѓа токму во тој контекст – како сигнал дека сојузниците би можеле да бидат наградени со поповолни услови доколку се согласат со барањата на САД, како што е поголем пристап до американските фармацевтски производи и автомобилски производи или построго почитување на правата на интелектуална сопственост.
Сè уште не е познато во која фаза се овие преговори, но Трамп ја користи оваа најава за да покаже дека неговата агресивна царинска политика не е изолирана закана, туку преговарачка алатка со која се обидува да добие билатерални отстапки без да помине низ мултилатерални трговски форуми како што е СТО.