Свет
Израел го отфрла прекинот на огнот: „Како да одговориме на обезглавување бебе?“
Израел ги отфрли повиците на меѓународната заедница за прекин на огнот и повторно вети дека ќе го уништи Хамас.
Обединетите нации, Палестинците и голем број земји го поставија ова барање на средбата на ОН на високо ниво, но министерот за надворешни работи на Израел рече дека е „право на земјата да го уништи Хамас“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Ели Коен, исто така ги отфрли повиците за пропорционалност во одговорот на земјата на ненадејните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври.
„Кажете ми каков е пропорционален одговор на убивање бебиња, на силување жени и нивно палење, на обезглавување дете? Како можете да се согласите на прекин на огнот со некој што се заколнал дека ќе убива и ќе го уништи твоето постоење“, праша тој.
Тој пред Советот за безбедност на ОН рече дека пропорционалниот одговор на масакрот е „тотално уништување до последниот член на Хамас“ нарекувајќи ја екстремистичката група „новите нацисти“.
„Не е само право на Израел да го уништи Хамас. Тоа е наша должност“, додаде тој.
Во нападот на Хамас загинаа 1.400 луѓе, а во последователните израелски акции загинаа повеќе од 5.700 Палестинци во Појасот Газа, соопшти неговото Министерство за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: Евровизија ја надмина секоја оргија, ритуал на вештерки или ритуална сакрилегија
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на својот Телеграм канал го коментираше овогодишното издание на Евровизија.
„Евровизија 2024 ја надмина секоја оргија, ритуал на вештерки или ритуална сакрилегија. Погребите во Западна Европа се одвиваат вообичаено. Без изненадувања“, напиша таа.
Свет
Египет врачи протестна нота поради операцијата на Израел во Рафа
Египет врачи протестна нота до Израел, САД и европските влади, тврдејќи дека операцијата на Израел во Рафа го загрозува нивниот мировен договор, изјави за АП висок египетски функционер кој сакаше да остане анонимен.
Израелската армија (ИДФ) вчера ги повика палестинските цивили да евакуираат неколку населби од Рафа, поради операцијата насочена кон милитантната група Хамас, пишува „Д тајмс оф Израел“.
„Волстрит журнал“ во февруари објави дека египетските власти тврделе дека долгогодишниот мировен договор меѓу Египет и Израел може да биде загрозен доколку војниците на ИДФ влезат во Рафа или ако бегалците од тој град бидат принудени да се упатат на југ кон египетскиот Синајски Полуостров.
За да спречи голем прилив на бегалци, Египет постави тенкови на границата со Газа.
Свет
Ердоган: И Хитлер по позавидел на методите на Нетанјаху
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху достигнал ниво со геноцидни методи што дури и Хитлер би го направил љубоморен.
„Дали е можно да се набљудува што им прави Израел на луѓето во Газа со месеци и да се види дека е легитимно Израел да бомбардира болници, да убива деца, да угнетува цивили и да ги осудува невините луѓе на глад, жед и недостаток на лекови под различни изговори ? Што правел Хитлер во минатото? Угнетуваше и убиваше луѓе во концентрациони логори“, изјави Ердоган во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, пренесе „Анадолија“.
Тој праша „нели Газа беше претворена во затвор на отворено, не само по 7 октомври, туку и години пред тоа“.
„Зарем луѓето таму со години не беа осудени на ограничени ресурси, речиси како во концентрационен логор? Кој е одговорен за најбруталните и најсистематски масовни убиства во Газа од 7 октомври?“, праша Ердоган.
Тој додаде дека Нетанјаху достигнал ниво што би го направило Хитлер љубоморен на неговите геноцидни методи.
„Зборуваме за тоа Израел да таргетира амбулантни возила, да ги погоди местата за дистрибуција на храна и да отвори оган врз конвоите со помош“, рече тој.
Претседателот на Турција додаде дека се прекршени правата и слободите на жителите на Газа, особено нивното право на живот.
„Ги браниме нивните права. Ние го браниме мирот. Израел, од друга страна, продолжува несовесно да ги крши резолуциите на ОН, меѓународното право и човековите права“, нагласи тој.
Ердоган рече дека палестинскиот отпор нема да биде неопходен доколку постои „суверена, независна, географски интегрирана држава Палестина, во границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град“.
„Хамас исто така најави дека, доколку тоа се случи, ќе го распушти своето вооружено крило и ќе продолжи да дејствува како политичка партија. Решението за две држави е ефикасен начин за обезбедување траен и одржлив мир“, рече Ердоган, додавајќи дека палестинската група се согласила на договор за прекин на огнот, но Израел не сака примирје бидејќи сака да ја окупира цела Газа.