Свет
Израел го отфрли формирањето палестинска држава: „Тоа е егзистенцијална закана“
Парламентот на Израел денеска гласаше за мерка со која се бара отфрлање на палестинската државност.
„Воспоставувањето палестинска држава во срцето на израелската земја ќе претставува егзистенцијална закана за државата Израел и нејзините граѓани, ќе го продолжи израелско-палестинскиот конфликт и ќе го дестабилизира регионот“, се вели во резолуцијата.
Од вкупно 120 пратеници на Кнесетот, за него гласаа 68 пратеници, а против беа девет пратеници од арапските партии. Другите беа воздржани или не ни дојдоа на седницата.
„Прашање на време е додека Хамас не ја преземе палестинската држава и не ја претвори во база на радикалниот исламски терор што ќе работи на уништување на државата Израел во соработка со оската предводена од Иран“, се додава во резолуцијата.
Невладината организација „Мир сега“, поборник за решение со две држави, го нарече гласањето „популистичко, катастрофално и штетно за изгледите за регионален договор за ставање крај на војната“.
„Палестинска држава е во интерес на Израел. Решението со две држави е единствената гаранција за израелската безбедност и демократија и би била вистинска победа над Хамас и Иран“, велат од организацијата, а пренесува израелскиот медиум „Хаарец“.
За мерката гласаа десничарските конзервативни коалициски партии предводени од премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и опозициската партија на Бени Ганц, која, според анкетите, стана најпопуларна во Израел и ќе биде победник на следните парламентарни избори.
Израелските медиуми јавуваат дека опозициската партија на Јаир Лапид не гласала. Лапид се смета за поддржувач на решението за две држави, кое предвидува формирање независна и демократска палестинска држава покрај Израел. За ова решение се залагаат САД, Европската Унија и повеќето членки на Обединетите нации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Европската комисија предлага укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан
Европската комисија предложи отворање преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за укинување на роаминг-надоместоците.
Како што беше соопштено, откако договорите ќе бидат финализирани и целосно усогласени со правилата на ЕУ за роаминг, нема да има дополнителни надоместоци за повици, СМС-пораки и користење мобилни податоци при патување во земјите на Европската унија.
Тоа ќе значи поврзаност по домашни цени не само за граѓаните и бизнисите од Западен Балкан кои патуваат во ЕУ, туку и за патниците од ЕУ кои доаѓаат во земјите од регионот.
Со усвојувањето на предлогот за преговарачки мандати, Комисијата бара од Советот на ЕУ одобрување за отворање преговори со земјите од Западен Балкан. По одлуката на Советот, Комисијата ќе преговара билатерални договори со секоја држава поединечно.
Предлогот има цел да ги надгради постојните доброволни договори меѓу мобилните оператори во ЕУ и Западен Балкан, кои веќе овозможуваат пониски роаминг-тарифи. Граѓаните од Западен Балкан веќе имаат намалени тарифи и при патувања во рамки на регионот, врз основа на регионалниот договор за роаминг.
Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека роаминг-надоместоците претставуваат проблем во регионот и дека „неочекуваните сметки при патување се нешто што во ЕУ повеќе не се прифаќа“, нагласувајќи дека целта е овој режим да се прошири и на Западен Балкан.
Свет
(Фото) Во документите на Епстин, објавена фотографија од Хокинг додека позира со две девојки, семејството тврди: Тоа се негователки
Семејството на починатиот научник Стивен Хокинг тврди дека жените во бикини кои позираат со него на фотографија од документите на Џефри Епстин биле негови долгогодишни негователки. На фотографијата познатиот физичар се смее, а покрај него стојат две жени кои држат, како што изгледа, овошни коктели. Како и кај многу други документи што ги објави американското Министерство за правда, не е наведен контекстот кога и каде е направена фотографијата.
Семејството: Фотографијата е од 2006 година, на Карибите
Претставник на наследството на Хокинг за „Дејли мејл“ изјавил дека двете жени биле негови „долгогодишни негователки од Обединетото Кралство“. Додал дека фотографијата е направена во 2006 година во хотелот „Риц-Карлтон“ на карипскиот остров Сент Томас. Според семејството, Хокинг позирал за фотографијата откако одржал говор за квантна космологија на научен симпозиум, на кој присуствувал и Џефри Епстин.
Семејството одбило да открие кој ја направил фотографијата и како таа се нашла во документите на Епстин. Исто така, не одговориле на прашања за односот меѓу Хокинг и Епстин, како и дали било вообичаено негователките да се грижат за него во костими за капење и при тоа да пијат коктели.

Фото: Министерство за правда на САД
Хокинг, кој почина во март 2018 година на 76-годишна возраст, повеќе од 50 години живееше со амиотрофична латерална склероза (АЛС), поради што поголем дел од животот му беше потребна целодневна медицинска грижа од тим медицински сестри.
Портпаролот на семејството изјави за „Дејли мејл“ дека професорот Хокинг дал некои од најголемите придонеси во физиката во 20 век, истовремено бил и најдолговечниот познат пациент со болест на моторниот неврон и зависел од респиратор, синтетизатор на говор, инвалидска количка и целодневна медицинска нега.
„Секоја инсинуација за непримерно однесување од негова страна е погрешна и крајно претерана“, навел портпаролот.
Хокинг бил меѓу 21 меѓународно признат научник кои во март 2006 година учествувале на конференција организирана од Епстин, пет месеци пред финансиерот првпат да биде обвинет за поттикнување на проституција.
Конференцијата со наслов „Енергијата на вакуумот која не е нула“ се одржала во хотелот „Риц-Карлтон“ на островот Сент Томас, недалеку од приватниот остров на Епстин, Литл Сент Џејмс.
Во објава на блогот на Фондацијата „Џефри Епстин VI“ било наведено дека гостите можеле „да дискутираат, да се релаксираат на плажа и да посетат блиско приватно островско засолниште на научниот филантроп Џефри Епстин, кој го финансирал настанот“. Се чини дека гостите престојувале и на Сент Томас и на Литл Сент Џејмс, каде што Епстин лично ги угостил.
Фотографии објавени во 2015 година го прикажуваат Хокинг на скара на островот, а подоцна му била организирана и тура по морското дно околу островот со подморница која Епстин ја пренаменил специјално за него.
Министерството за правда досега објавило повеќе од 3,5 милиони документи поврзани со Епстин, од вкупно повеќе од шест милиони идентификувани списи.
Свет
Стотици илјади тони какао непродадени во Африка поради високите откупни цени
Брегот на Слоновата Коска би можел до крајот на главната жетва во март да наталожи околу 200.000 тони непродадено какао доколку владата не ги намали откупните цени, тврдат трговци и експерти.
Залихите се зголемија откако владата во октомври утврди откупни цени повисоки од оние на светските пазари. Според трговците, најмалку 100.000 тони од главната жетва не се платени, а до крајот на март би можеле да се додадат уште 100.000 тони ако цените не се коригираат.
Владата на Брегот на Слоновата Коска најави дека ќе купи 100.000 тони непродадено какао за околу 500 милиони долари за да им обезбеди средства на земјоделците, но трговците сметаат дека ќе биде потребно да се откупи и поголемо количество.
Владините претставници, пак, наведуваат дека извозот останува стабилен, со испорачани 1,011 милиони тони до 20 февруари, во споредба со 1,04 милиони тони во истиот период лани.
Гана минатата недела ја намали откупната цена на какаото за речиси една третина, наведува Ројтерс.

