Свет
Израел нападна неколку ќелии на Хезболах во Либан, објавена снимка
Израелски авиони рано утринава нападнаа две ќелии на Хезболах во Либан, кои планирале да лансираат противтенковски проектили и ракети кон Израел, соопшти нивната армија.
Либанската државна новинска агенција ННА извести за израелски воздушен напад врз јужното предградие Аитарун, во јужен Либан, без да даде детали.
Војската соопшти дека една ќелија се наоѓа во близина на израелскиот град Матат, околу 13 километри југозападно од Аитарун. Се вели дека другата се наоѓа северно во спорната област Шеба. Војската соопшти дека ги погодила двете ќелии пред да пукаат.
Веднаш не беше јасно дали двете страни мислеа на иста серија инциденти. Израел подоцна соопшти дека погодил повеќе цели на Хезболах, вклучувајќи комплекс и набљудувачка станица. Засега нема извештаи за повредени или материјална штета.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) потоа објавија дека во текот на ноќта уништиле „терористичка ќелија“ на либанска територија и уништиле бројни цели на Хезболах.
Во кратките ажурирања на својот канал на Телеграм, ИДФ соопшти дека погодил ќелија во либанската граница и инфраструктурни цели, вклучително и пункт за лансирање противтенковски ракети, воен комплекс и набљудувачка станица.
„Терористичката ќелија планираше да лансира противтенковски ракети кон градот Шлома“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Египет врачи протестна нота поради операцијата на Израел во Рафа
Египет врачи протестна нота до Израел, САД и европските влади, тврдејќи дека операцијата на Израел во Рафа го загрозува нивниот мировен договор, изјави за АП висок египетски функционер кој сакаше да остане анонимен.
Израелската армија (ИДФ) вчера ги повика палестинските цивили да евакуираат неколку населби од Рафа, поради операцијата насочена кон милитантната група Хамас, пишува „Д тајмс оф Израел“.
„Волстрит журнал“ во февруари објави дека египетските власти тврделе дека долгогодишниот мировен договор меѓу Египет и Израел може да биде загрозен доколку војниците на ИДФ влезат во Рафа или ако бегалците од тој град бидат принудени да се упатат на југ кон египетскиот Синајски Полуостров.
За да спречи голем прилив на бегалци, Египет постави тенкови на границата со Газа.
Свет
Ердоган: И Хитлер по позавидел на методите на Нетанјаху
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху достигнал ниво со геноцидни методи што дури и Хитлер би го направил љубоморен.
„Дали е можно да се набљудува што им прави Израел на луѓето во Газа со месеци и да се види дека е легитимно Израел да бомбардира болници, да убива деца, да угнетува цивили и да ги осудува невините луѓе на глад, жед и недостаток на лекови под различни изговори ? Што правел Хитлер во минатото? Угнетуваше и убиваше луѓе во концентрациони логори“, изјави Ердоган во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, пренесе „Анадолија“.
Тој праша „нели Газа беше претворена во затвор на отворено, не само по 7 октомври, туку и години пред тоа“.
„Зарем луѓето таму со години не беа осудени на ограничени ресурси, речиси како во концентрационен логор? Кој е одговорен за најбруталните и најсистематски масовни убиства во Газа од 7 октомври?“, праша Ердоган.
Тој додаде дека Нетанјаху достигнал ниво што би го направило Хитлер љубоморен на неговите геноцидни методи.
„Зборуваме за тоа Израел да таргетира амбулантни возила, да ги погоди местата за дистрибуција на храна и да отвори оган врз конвоите со помош“, рече тој.
Претседателот на Турција додаде дека се прекршени правата и слободите на жителите на Газа, особено нивното право на живот.
„Ги браниме нивните права. Ние го браниме мирот. Израел, од друга страна, продолжува несовесно да ги крши резолуциите на ОН, меѓународното право и човековите права“, нагласи тој.
Ердоган рече дека палестинскиот отпор нема да биде неопходен доколку постои „суверена, независна, географски интегрирана држава Палестина, во границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град“.
„Хамас исто така најави дека, доколку тоа се случи, ќе го распушти своето вооружено крило и ќе продолжи да дејствува како политичка партија. Решението за две држави е ефикасен начин за обезбедување траен и одржлив мир“, рече Ердоган, додавајќи дека палестинската група се согласила на договор за прекин на огнот, но Израел не сака примирје бидејќи сака да ја окупира цела Газа.
Свет
Силен земјотрес во близина на брегот на Мексико
Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во близина на брегот на мексиканската држава Чијапас, соопшти германскиот истражувачки центар за геонауки (ГФЗ).
ГФЗ соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на длабочина од околу 10 километри.