Свет
Израел нема да прекине со операциите во Сирија и покрај испораката на С-300

Во вторникот рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, изјави дека Москва доставила 49 единици од ракетните системи С-300 во Сирија за да се зголеми безбедноста на руските војници во земјата. Говорејќи во средата, израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, рече дека Тел Авив не е среќен поради испораката на С-300 во Сирија, но не може да се откаже од своите воени операции во земјата.
„Не можам да речам дека сме задоволни од распоредувањето на С-300. Во истовреме, немаме избор. Немаме можност да донесуваме одлуки за воените операции во Сирија”, рече тој.
Либерман изјави дека е важно за Русија и Израел да ги обноват нормалните врски и покрај своите несогласувања околу соборувањето на рускиот авион Ил-20.
„Мислам дека најважно за нас е да го вратиме функционалниот однос во нормала. Денес најважната задача е да се вратиме во нормалната работа со координирање, за поактивно да се користи ‘жешка линија’ и да се спречат конфликтните ситуации”, рече тој.
Либерман уште еднаш нагласи дека Израел ја обвинува Сирија за падот на Ил-20, со што ја отфрли верзијата на Москва дека израелските авиони Ф-16 го користеле рускиот авион како штит против сириската воздушна одбрана.
„Повторувам, целата одговорност лежи во армијата на Асад. Во изминатите две години Израел спроведе повеќе од 200 напади врз ирански објекти и цели на Хезболах во Сирија. Двесте напади, а ниту еден руски војник не доби ниту гребаница. Одеднаш наводно сме наредиле таква ‘местенка’. Тоа е нелогично. Освен тоа, треба да разберете дека брзината на Ф-16 е два и пол пати поголем од брзината на Ил-20 и во времето кога сириската воздушна одбрана отворила оган, израелските авиони веќе биле во нашиот воздушен простор”, рече министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците

Само неколку дена пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите разговори за нејзината иднина.
„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша Макрон на X.
„Бидејќи и нивната безбедност е во прашање, Европејците исто така мора да бидат дел од решението, рече тој.
Макрон претходно разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, напиша тој.
По разговорот со Макрон, Зеленски напиша на X: „Украина, Франција и сите наши партнери се подготвени да работат што е можно попродуктивно за вистински мир“.
Трамп треба да се сретне со Путин во Алјаска во петок. Според „Волстрит џурнал“, Путин бара целосна руска контрола врз источните региони на Украина, Донецк и Луганск, што Зеленски категорично го отфрла.
Свет
Ердоган за Газа: Одлуката на Израел е неприфатлива, поддршката за Палестина продолжува

Одлуката на Израел да преземе воена контрола врз Газа е апсолутно неприфатлива, му рекол турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на палестинскиот претседател Махмуд Абас во телефонски разговор, пренесува Анадолу.
Според турската Дирекција за комуникации, тие разговарале за израелските напади врз Газа и за најновите случувања во регионот.
За време на разговорот, Ердоган повторил дека Турција ќе продолжи да стои зад Палестина.
Нарекувајќи ги изјавите на Франција, Велика Британија и Канада за можното признавање на палестинска држава достојни за внимание, Ердоган го истакна растечкиот бран критики кон Израел на Западот и додаде дека Турција ќе продолжи со своите напори за мир во регионот.
Свет
Идентификувани останките од три жртви од нападите на 11 септември

Останките од три жртви од нападите на 11 септември се идентификувани благодарение на напредокот во ДНК технологијата.
Службениците во четврток објавија дека ги идентификувале останките на 26-годишниот трговец со валути Рајан Д. Фицџералд, 72-годишната пензионирана директорка на непрофитна организација Барбара А. Китинг и уште една жена, чие име се чува во тајност на барање на нејзиното семејство.
Останките се идентификувани преку подобрено ДНК тестирање на останките пронајдени во урнатините по нападите на 11 септември 2001 година, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач во Њујорк. Останките на Китинг и жената, чиј идентитет не е објавен, се пронајдени во 2001 година, а останките на Фицџералд се пронајдени следната година.
Китинг се враќала дома во Калифорнија со летот на „Американ ерлајнс“ кога членови на Ал Каеда го киднапирааа и намерно го удрија во северната кула на Светскиот трговски центар. Парче од нејзината банкарска картичка било пронајдено во остатоците.
Во нападите од 11 септември, два авиона се урнаа во Кулите Близначки во Њујорк, трет се урна во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Вкупно 2.977 луѓе загинаа, од кои 2.753 во Њујорк. Околу 1.100 жртви остануваат неидентификувани, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач.
Во 24-те години од терористичките напади, нови останки се идентификувани благодарение на напредокот во технологијата.