Свет
Израел отвори уште еден граничен премин за хуманитарна помош за Газа
Израел го отвори граничниот премин Зиким во северниот дел на Појасот Газа за да дозволи хуманитарна помош во енклавата, соопшти денеска COGAT, тело на израелската војска што врши надзор на помошта што пристига.
Обединетите нации побараа отворање на преминот за да се овозможи поголема помош во опустошената северна палестинска енклава, особено откако минатиот месец беше постигнат прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Хуманитарната канцеларија на Обединетите Нации, OCHA соопшти дека Зиким бил затворен на 12 септември и дека хуманитарните групи оттогаш не можеле да испратат помош преку таа рута. Израелската војска не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.
Одредена хуманитарна помош би можела да стигне до север преку јужните премини, но потребна е поголема помош бидејќи градот Газа и околните области официјално се прогласени за зона на глад, соопшти минатиот месец телото кое прогласува криза со храна.
COGAT соопшти дека преминот е отворен „во согласност со директива од политичкиот ешалон“. Помошта ќе ја достават ОН и меѓународните агенции по „темелни безбедносни инспекции“, додаде COGAT.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД најавија забрана за патување за повеќе земји: „Ќе ги запреме убијците и пијавиците“
Американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем најави дека ќе препорача забрана за патување и доаѓање во САД за неколку земји за кои тврди дека ја преплавуваат државата со криминал. Ноем на социјалните мрежи објави дека се сретнала со претседателот Доналд Трамп и дека одлучила да предложи „целосна забрана за патување за секоја проклета земја што ја преплавува нашата нација со убијци, пијавици и зависници од придобивки“, јави Би-Би-Си.
Нејзината објава веднаш ја споделија и претседателот Трамп и Министерството за внатрешна безбедност на своите официјални профили. Засега не е познато на кои земји би се однесувала предложената забрана ниту кога би можела да стапи во сила, но од Министерството порачаа дека списокот наскоро ќе биде објавен.
I just met with the President.
I am recommending a full travel ban on every damn country that’s been flooding our nation with killers, leeches, and entitlement junkies.
Our forefathers built this nation on blood, sweat, and the unyielding love of freedom—not for foreign…
— Secretary Kristi Noem (@Sec_Noem) December 1, 2025
Најавата доаѓа само неколку дена откако во Вашингтон беа застрелани двајца припадници на Националната гарда. Пред коментарите за забраната за патување, Ноем истакна дека 100.000 авганистански државјани влегле во САД во рамки на програмата од ерата на Бајден – „Операција добредојде за сојузниците“, и порача дека безбедносните структури темелно ќе ја преиспитаат постапката за проверки.
Властите, осомничениот за пукањето го идентификуваа како авганистански државјанин кој во САД пристигнал во 2021 година токму преку таа програма, замислена за локалното население кое соработувало со американските сили за време на дваесетгодишниот ангажман во Авганистан. Според електронската преписка до која дошол „Си-би-ес њуз“, осомничениот по доаѓањето во САД имал проблеми со менталното здравје.
По пукањето во кое беше убиена 20-годишната Сара Бекстром, а тешко ранет 24-годишниот Ендру Волф, администрацијата на Трамп ги зајакна мерките против мигрантите. Гувернерот на Западна Вирџинија, Патрик Мориси, изјави во понеделникот дека Волф е во тешка состојба, но дека успеал на медицинските сестри да им покаже „палац горе“.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, потврди за „Фокс њуз“ дека Трамп уште пред неколку месеци најавил забрана за патување за „земји од третиот свет и пропаднати држави“ и дека препораката на министерката Ноем тоа само би го проширува на поголем број држави. Белата куќа на 4 јуни веќе наведе 19 земји, главно од Африка, Блискиот Исток и Карибите, кои би се соочиле со целосни или делумни ограничувања за миграција.
По инцидентот во Вашингтон, запрено е и одлучувањето по сите барања за азил. Директорот на Американската служба за државјанство и имиграција, Џозеф Едлоу, изјави дека обврската ќе остане во сила „додека не осигуриме дека секој странец е проверен и контролирано прегледан во најголема можна мера“.
Самиот Трамп минатиот четврток отиде чекор понатаму, заканувајќи се дека ќе „ја паузира миграцијата“ од сите „земји од третиот свет“. Во неговата објава по повод Денот на благодарноста, за „општествената дисфункција во Америка“ ги обвини бегалците и вети дека ќе го отстрани „секој што не претставува нето-корист“ за САД.
Авганистанската коалиција на заедницата во САД објави соопштение по нападот во Вашингтон, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите и повикувајќи на сеопфатна истрага, со нагласување дека станува збор за чин на поединец. Коалицијата исто така апелираше до американската влада да не ги одложува ниту да ги укинува авганистанските имиграциски барања.
„Дваесет години авганистанско-американско партнерство не смеат да бидат заборавени“, стои во соопштението.
Обединетите нации ги повикаа САД да ги почитуваат меѓународните договори за барателите на азил, јави новинската агенција „Ројтерс“.
Свет
Нетанјаху: Израел бара демилитаризирана зона од Дамаск до Хермон за договор со Сирија
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека е можен договор со Сирија и дека очекува сириските власти да воспостават демилитаризирана тампон-зона од Дамаск до планината Хермон и околните подрачја.
Еден ден претходно, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека е важно Израел да одржува силен и искрен дијалог со Дамаск.
Сирија формално не го признава Израел, кој ја окупирал и анектирал Голанската висорамнина. Нетанјаху рече дека Израел ги контролира тие области заради безбедноста на своите граѓани и дека договор е можен ако има добра волја и разбирање на принципите што ги поставува Израел.
Трамп го поддржува новиот сириски лидер Ахмед ал-Шара, но Израел изразува загриженост поради неговите претходни врски со исламистички милитанти. Пред четири дена, во израелски напад на југот на Сирија биле убиени 13 Сирци, јавија сириските државни медиуми, а израелската војска соопшти дека цел била либанонска исламистичка група. Нетанјаху денес ги посетил ранетите војници.
Свет
Брутално убиство на син на украински политичар во Виена, го претепале во гаража во луксузен хотел
Случајот со бруталното убиство на 21-годишниот син на украински политичар во виенскиот Донауштад е решен. Двајца осомничени Украинци беа уапсени во нивната татковина откога наводно го претепале момчето во подземната гаража на луксузен хотел, а потоа го запалиле во автомобилот. Истражителите веруваат дека мотивот бил финансиски, имено грабеж на криптовалути, пишува „Кроне“.
Виенската полиција потврди на прес-конференција дека уапсила 19-годишник и 45-годишник врз основа на меѓународна потерница во соработка со украинските власти и Европол.
Шефот на Канцеларијата за криминалистичка полиција во Виена, полковник Герхард Винклер, ја исклучи можноста за политички мотив.
Наместо тоа, сè укажува на алчност, од криптопаричникот на жртвата е украдена голема сума пари, а кај еден од уапсените е пронајдена значителна сума американски долари.
Реконструкцијата на последните часови од животот на младиот човек, чиј татко е заменик-градоначалник на Харков, е застрашувачка. Студентот, кој живеел во Виена, исчезнал во четвртокот вечерта, а неговото семејство набргу го пријавило како исчезнат.
Истрагата откри дека сè почнало во подземната гаража на хотелот „Софител“, каде што, според снимките од безбедносните камери, бил совладан и брутално претепан. Обдукцијата открила тешки изгореници, како и јасни знаци на тепање. „Неговото тело било изгорено 80 проценти“, објасни Винклер.
Напаѓачите потоа го ставиле на задното седиште од „мерцедес“, со украински регистарски таблички, и го запалиле, веројатно за да ги прикријат трагите. Задушување или топлотен удар се наведуваат како можни причини за смртта.
Истражителите биле доведени до сторителите со клучна трага од местото на злосторството. Во изгорениот автомобил е пронајдена растопена боца со бензин, што укажува дека пожарот е подметнат со запалива течност. Остатоците од боцата ја доведоа полицијата до снимки од надзорните камери од виенска бензинска пумпа, на кои се гледаат осомничените како купуваат бензин.
Тие избегаа во Украина набргу по злосторството. Според полковникот Винклер, двајцата осомничени украински лица нема да бидат екстрадирани во Австрија. Кривична постапка против нив ќе се води во Украина, на која австриското судство ќе ѝ го префрли случајот.
Телото на младиот човек беше пронајдено минатата среда, половина час по полноќ, во населбата Донауштад во Виена.
фото/ЕПА

