Свет
Илјадници летови откажани поради ескалацијата на Блискиот Исток
Илјадници летови беа откажани викендов на Блискиот Исток и во Заливот откако повеќе држави го затворија својот воздушен простор по нападите на САД и Израел врз Иран.
Бахреин, Иран, Ирак, Израел, Јордан, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати најавија целосно или делумно затворање на небото, што доведе до масовни откажувања и пренасочувања на летови и десетици илјади заглавени патници.
Според аналитичката компанија „Цириум“, во саботата биле откажани 966 од 4.218 планирани летови (22,9%), а во неделата уште 716. Платформата „ФлајтАвејр“ објави дека глобално биле одложени повеќе од 19.000 летови и откажани над 2.600.
Клучните аеродроми во Дубаи, Абу Даби и Доха привремено ги прекинаа операциите. Емиратес ги стопираше летовите од и кон Дубаи, додека „Катар ервејс“ чека одлука од властите за повторно отворање на воздушниот простор.
Иран изведе напади врз Израел и заливските држави во кои има американски бази. Пријавени се инциденти и на аеродроми во ОАЕ и Кувајт, со информации за повредени и загинати лица.
Бројни светски авиокомпании – меѓу нив „Виз ер“, „Туркиш ерлајнс“, „Ер Франс“, „Бритиш ервејс“, „Луфтханза“, „Финаир“ и други – ги суспендираа летовите кон повеќе дестинации во регионот.
Експертите предупредуваат дека нарушувањата може да продолжат, што ќе значи дополнителни доцнења, повисоки трошоци и можно поскапување на билетите. Патниците се повикани редовно да го проверуваат статусот на летот пред да заминат на аеродром.
Фото: flightradar24
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Властите во Абу Даби наредија да се продолжи престојот на гостите, трошоците ги сноси државата
Министерството за култура и туризам им наложи на хотелите во Абу Даби да го продолжат престојот на гостите, бидејќи многу од оние што го завршуваат својот престој не се во можност да патуваат во сегашните околности.
Во писмото се наведува дека трошоците ќе бидат покриени од Министерството.
Фото: depositphotos
Свет
ЕУ гледа отворен пат кон поинаков Иран по смртта на врховниот лидер
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека смртта на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи претставува момент на пресврт во историјата на Иран.
„Она што следува е неизвесно. Но сега постои отворен пат кон поинаков Иран, во кој неговите граѓани би можеле да имаат поголема слобода да го обликуваат“, напиша Калас на платформата Икс.
„Во контакт сум со партнерите, вклучително и со оние во регионот кои го носат најголемиот товар од иранските воени дејствија, со цел да пронајдеме конкретни чекори за деескалација“, додаде таа.
Фото: Depositphotos
Свет
Иранскиот претседател: Одмаздата е наше легитимно право по убиството на Хамнеи
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во ново соопштение порача дека одмаздата по убиството на врховниот лидер е легитимно право и должност на Иран.
„Исламската Република Иран ја смета одмаздата врз извршителите и наредбодавците на овој злостор како своја легитимна должност и право и ќе ја исполни таа голема одговорност со сета своја сила“, се наведува во соопштението.
Пезешкијан смртта на врховниот лидер ја опиша како најголемата неволја на денешниот исламски свет. Тој владеењето на Хамнеи го оцени како „големо и божествено водство“ кое, според него, му донело „чест и достоинство“ на иранскиот народ.

