Свет
Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир, Мохамади, осудена на уште 15 месеци затвор
Иранскиот суд ја осуди добитничката на Нобеловата награда за мир, Наргес Мохамади, на нови 15 месеци затвор.
Мохамади веќе издржува повеќекратни казни од 12 години затвор, јавува Би-би-си.
Таа беше обвинета за ширење пропаганда против Исламската Република додека беше во затвор.
Нејзиното семејство ја критикува пресудата истакнувајќи дека тоа е петта осуда против Мохамади од март 2021 година.
Таа не беше присутна на последното судење и пресудата беше донесена во нејзино отсуство.
Наргес Мохамади со децении водеше кампања за човекови права во Иран, а веќе две децении е повремено во затвор поради нејзиниот активизам.
Била апсена 13 пати.
Покрај дополнителните месеци затвор, новата казна предвидува Мохамади да помине две години во егзил надвор од Техеран. Тоа значи дека таа ќе мора да биде префрлена од озлогласениот затвор „Евин“, каде што моментно се наоѓа.
Во пресудата е наведено и дека по издржувањето на казната, ќе ѝ биде изречена забрана за патување во странство во траење од две години и забрана за членство во политички и општествени групи, како и дека нема да може да користи мобилен телефон во тоа време, пишува Би-би-си.
Мохамади (51) ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година за нејзината работа во борбата против угнетувањето на жените во Иран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вонредна состојба и предупредувања поради бура за над 140 милиони луѓе во САД
Снежна бура предизвика сериозен хаос низ Соединетите Американски Држави, поради што за над 140 милиони луѓе, односно повеќе од 40 проценти од населението, е издадено предупредување за опасни временски услови. Поради невремето, речиси 12.000 летови планирани за викендот се откажани, јавуваат американските медиуми.
Предупредувањето се протега од Ново Мексико до Нова Англија, при што Националната метеоролошка служба најави обилни снежни врнежи и замрзнување на коловозите од источен Тексас до Северна Каролина. Во делови од југоисточна Оклахома, источен Тексас и Луизијана е регистрирано формирање мраз со дебелина до 0,6 сантиметри.
Метеоролозите предупредуваат дека по завршувањето на бурата ќе следи екстремно ниска температура, поради што снегот и мразот ќе се топат многу бавно, дополнително отежнувајќи ја нормализацијата на состојбата. Во некои региони штетите од мразот би можеле да бидат споредливи со оние предизвикани од урагани.
Гувернерите во повеќе од десет сојузни држави прогласија вонредна состојба или апелираа граѓаните да останат во своите домови. Во меѓувреме, околу 120.000 корисници останаа без електрична енергија, најмногу во Тексас, Луизијана и Ново Мексико.
US storm leaves 160,000 without power, forces thousands of flight cancellations
winter storm that has cut power to more than 160,000 electricity customers as far west as Texas, and threatened to paralyze eastern states with heavy snowfall pic.twitter.com/oaFPraSjbg
— Muhammad wahaj (@M_wahaj1) January 25, 2026
Авиосообраќајот е сериозно нарушен, при што сите летови беа откажани на некои аеродроми, вклучително и во Оклахома Сити, додека меѓу најпогодените се аеродромите во Далас, Нешвил и Шарлот.
Особено загрижувачки се температурите на Средниот Запад, каде се измерени и до минус 40 степени Целзиусови, што носи ризик од смрзнатини за само неколку минути. Во Висконсин е измерена температура од минус 38 степени, најниска во последните речиси три децении.
Американската администрација соопшти дека е во постојана координација со државните и локалните власти, а девет сојузни држави побараа прогласување вонредна состојба со цел активирање федерални ресурси за справување со последиците од екстремното невреме.
Свет
Орбан со порака до Зеленски: Унгарија нема да дозволи да биде заплашена
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија нема да биде заплашена.
„Унгарија нема да биде заплашена. Претседателите доаѓаат и си одат, личните навреди можат да се случат, но достоинството на Унгарија е нешто за кое не може да се преговара. Претседателот на Украина Зеленски треба да го запомни тоа“, рече Орбан во објава на социјалната мрежа X.
Унгарскиот премиер претходно во четвртокот го критикуваше Зеленски за неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос, во кој, според извештаите од Будимпешта, тој „повторно ја нападна унгарската Влада и него лично“.
Свет
Зеленски: Трилатералните разговори беа конструктивни
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека трилатералните разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД во Абу Даби биле „конструктивни“, дека на нив биле дискутирани параметри за завршување на војната и дека следната недела би можеле да се одржат нови состаноци.
Во објава на Телеграм, Зеленски, исто така, рече дека украинските воени претставници идентификувале список на прашања за дискусија на потенцијален иден состанок со претставници на Русија и САД, пренесува Укринформ.
„Главната работа на која се фокусирале дискусиите биле можните параметри за завршување на војната. Навистина го ценам тоа што постои свест за потребата Америка да го следи и контролира процесот на завршување на војната и одржување на вистинската безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можните формати за одобрување на параметрите за завршување на војната и безбедносните околности потребни за тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека по состанокот, што заврши денеска во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, сите страни се согласиле да поднесат извештаи за секој аспект од преговорите во своите главни градови и да се договорат за понатамошните чекори со лидерите на своите земји.
„Армијата утврди список на прашања за евентуален следен состанок. Доколку постои подготвеност за движење напред и Украина е подготвена, ќе се одржат понатамошни состаноци, потенцијално следната недела. Со нетрпение го очекувам непосредниот извештај на (украинската) делегација по нејзиното враќање“, рече Зеленски.
Украинската делегација на преговорите ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер, секретарот на американската армија Ден Дрискол, додека руската делегација вклучуваше претставници на воената разузнавачка служба и армијата.

