Свет
Иран збогатил ураниум блиску до нивото на нуклеарна бомба
Резервите на ураниум на Иран збогатен до 60 проценти, што е блиску до нивото за нуклеарно оружје, ќе бидат доволни во случај на натамошно збогатување на ураниум за нуклеарна бомба, се вели во извештајот на Агенцијата за атомска енергија на ОН (МААЕ) објавен денеска.
Преминувањето на тој праг е пресвртница во прекршувањето на одредбите од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили, кои го ограничија нивото до кое на Иран му беше дозволено да збогатува ураниум на 3,67 проценти, многу под 20 проценти што Иран ги постигна пред договорот. За нуклеарна бомба потребно е ниво на збогатување од 90 проценти.
Повлекувањето на Вашингтон од договорот за време на тогашниот претседател Доналд Трамп и повторното воведување санкции против Техеран го натераа Иран да ги прекрши ограничувањата од договорот. „Иран сега може да произведе 25 килограми (ураниум) со 90 проценти ако сака“, изјави висок дипломат на прашањето дали Иран има доволно збогатен ураниум за бомба.
Во извештајот на МААЕ се наведува дека резервите на иранскиот ураниум збогатен до 60 отсто во форма на ураниум хексафлуорид, гас што се збогатува со центрифуги, се проценува на 55,6 килограми, што е зголемување од 12,5 килограми во однос на претходниот квартален извештај.
На Иран ќе му требаат околу три-четири недели да произведе доволно материјал за бомба доколку сака, рече дипломатот додавајќи дека на МААЕ ќе ѝ требаат два-три дена да открие чекори во таа насока.
Иран негира дека планира да направи нуклеарна бомба. Во индиректните разговори меѓу Иран и САД постигнат е мал напредок кон заживување на договорот. Ако договорот биде обновен, Иран ќе мора да затвори голем број напредни центрифуги бидејќи договорот му дозволува само да ги збогати центрифугите од првата генерација IR-1. Тоа би го намалило и количеството збогатен ураниум од сегашните околу четири тони на 202,8 килограма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

