Свет
Иран истрела проектили кон Израел по американскиот напад
Војската на Израел објави дека два брана проектили биле истрелани кон Израел од Иран по американскиот напад во текот на ноќта врз клучните центри на иранската нуклеарна програма.
Сирените за воздушен напад се вклучија во Ерусалим и Тел Авив, а новинарите на „АФП“ објавија дека слушнале силни експлозии. Дописникот на „Би-Би-Си“ од Ерусалим, Хуго Бачега, јави дека над градот се слушнале повеќекратни детонации како резултат на активирањето на израелската противвоздушна одбрана.
„Армијата неодамна идентификуваше проектили лансирани од Иран кон територијата на Израел. Одбранбените системи се активираат за да се пресретне заканата“, објави ИДФ околу 6:30 часот по средноевропско време.
Околу половина час подоцна, армијата објави втор бран проектили, пред да биде укината тревогата. ИДФ ги повика граѓаните веднаш да се засолнат во заштитените подрачја и да останат таму до понатамошно известување.
Според израелските служби за итни случаи, најмалку 11 лица се повредени во нападите.
Нападите се случија неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека американските сили извршиле напади врз три ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанц и Исфахан – и ги нарече „исклучително успешни“.
Како одговор, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека Иран го задржува правото на сите форми на самоодбрана и предупреди дека невидените американски напади ќе имаат трајни последици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Само Трамп може да ја запре војната“ – украинскиoт министер повика на лидерска средба со Русија
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека само американскиот претседател Доналд Трамп може да ја запре војната и повика на директна средба меѓу украинскиот и рускиот лидер за да се решат најтешките прашања во мировните преговори. Според него, од мировниот план од 20 точки останале нерешени само неколку, но тие се „најосетливите и најтешки“ и бараат лидерска интервенција.
Сибиха изрази надеж дека напредокот во разговорите посредувани од САД ќе се искористи пред американските конгресни избори на есен, кои би можеле да го променат фокусот на Вашингтон.
Претходно, претседателот Зеленски откри дека САД предложиле војната да се заврши пред летото. Сè уште не е постигнат договор за прашањето на териториите и нуклеарната централа Запорожје, а бил предложен и план за „енергетско примирје“.
Регион
„Александар стигна до Индија, но се врати – време е да ветувањето да се оствари“, порача грчкиот министер говорејќи за сојузништво со Њу Делхи
Министерот за одбрана на Грција, Никос Дендијас, изјави дека Индија станала незаменлив партнер за Европа, потенцирајќи го нејзиното растечко стратешко и економско значење за Европската Унија, а особено за Грција. Говорејќи на Форумот Индија–ЕУ 2026, Дендијас нагласи дека перцепцијата за Индија во Европа со текот на времето значително се променила.
„Во минатото Индија можеби беше сојузник кој беше убаво да се има, но не и неопходен. Денес Индија е неопходна“, оцени грчкиот министер.
Дендијас зборуваше и за Александар Велики. За Грците, како што рече, Индија на некој начин е дел од „грчката митологија“.
„Александар Велики стигнал до границите на Индија. Таму неговите трупи се побуниле и морал да се врати во Македонија. Затоа, на некој начин, односот со Индија претставува ветување што никогаш не било исполнето“, изјави Дендијас, додавајќи дека сегашниот момент го гледа како можност тоа ветување конечно да се оствари, пренесе хрватски „Индекс“.
Осврнувајќи се на демографската слика во Европа, каде што растот на населението е речиси негативен, тој рече дека „се потребни млади луѓе за да се пополни празнината“, и дека индискиот потконтинент, со оглед на неговата демографија, може да биде еден од најдобрите извори за легални миграции.
Грчкиот министер во својот говор остро ја критикуваше Европа за, како што рече, „разградување на сопствената одбрана“. „Ние, Грција, сме земја со средна, можеби дури и мала големина. Па сепак, имаме повеќе тенкови од Обединетото Кралство, Франција, Германија, Луксембург, Белгија и Холандија заедно“, истакна тој.
Дендијас предупреди и на проблемите со постоечките механизми на ЕУ, како програмата SAFE, која условува сите проекти да бидат завршени и испорачани до 2030 година. Според него, невозможно е за толку кратко време да се воспостават нови производствени линии и да се стартуваат погони.
Тој нагласи дека одбраната не е само прашање на производствени линии, вооружување или број на војници. „Постои нешто многу поважно, за што ќе треба време – а тоа е културата. Помладата генерација Европјани сè уште не ја сфаќа потребата од служење на татковината, служење на идеалот, служење за одбраната на она што Европската Унија го создала – простор на демократија, човекови права, владеење на правото и права на жените“, рече министерот.
На крајот, Дендијас изјави дека „во целост ја поддржува“ воспоставата на заеднички одбранбени структури, вклучително и таканаречената Европска војска.
Свет
Земјотрес со јачина од 5,5 степени ја погоди Куба
Силен земјотрес со магнитуда од 5,5 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во близина на Куба, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.
Епицентарот на потресот бил во Карипското Море, на длабочина од 15 километри, на околу 82 километра од Гвантанамо и 45 километри од Баракоа.
Според досегашните информации, засега нема пријави за штети или повредени.

