Свет
Исламска држава останува најзначајната терористичка закана за Велика Британија
Министерот за одбрана на Велика Британија вели дека Исламска држава останува најзначајната терористичка закана за Велика Британија и нејзините интереси.
При презентирањето на извештајот за борбата против ДАЕШ во Долниот дом неделава, државниот секретар за одбрана, Бен Волас, изјави дека од јули 2019 година авионите на РАФ погодиле 40 терористички цели во Ирак и Сирија.
Иако ИД изгуби голем дел од својата територија на Блискиот исток, Волас рече дека сепак изгледите за повторно издигнување на грушата треба да нè загрижуваат сите и се обврза да го задржи присуството во регионот за поддршка на глобалната коалиција.
„Се додека ИД може да оперира таму, може да ги погоди нашите граѓани овде. ДАЕШ опстојува на својата намера да изврши и да инспирира напади против нас и останува најзначајната терористичка закана за Велика Британија и за нашите интереси“, рече тој.
Последниве години, британските разузнавачки служби и специјалистите за борба против тероризмот рекоа дека ИД планирала напади во Велика Британија и Европа, извршени од џихадистите од британско потекло кои се враќале во Велика Британија. Волас во средата изјави дека од 30.000 странски борци на ИД во Сирија и Ирак, 900 се од Велика Британија.
„Од нив, околу 20 отсто се убиени, 40 отсто се вратиле во Обединетото Кралство, каде што биле испитани, а за повеќето од нив е проценето дека не претставуваат ризик или се низок безбедносен ризик. Околу 40 отсто остануваат во регионот или во објекти управувани од Сириските демократски сили или други“, рече Волас.
Уверувањето дека поголемиот дел од повратниците не претставуваат ризик или се со низок ризик е спротивно на другите тврдења во последните години. Во извештајот на Европол во јуни 2019 година се утврдува дека Велика Британија има висока стапка на исклучително опасни борци на ИД што се вратиле. Во извештајот од мај 2017 година на „Тајмс“ се тврди дека 350 повратници претставуваат закана за британската национална безбедност.
Неодамнешните бројки откриваат дека домашната разузнавачка агенција МИ5 има 43,000 луѓе во Велика Британија на списокот на набљудувани терористи, речиси двојно повеќе од објавениот број во 2017 година, од кои 3.000 се под строг надзор.
Поранешен член на Ал Каеда, кој станал шпион на МИ6, во февруари рече дека не постои такво нешто како рехабилитиран џихадист и дека напорите на британските власти да го сторат тоа се наивни.
Ајмен Дин ги нарече џихадистите крајно опасни и предложи многу подолги казни за нив и без помилување освен ако не покажат каење и соработка.
„Ако ви треба друг затвор како Белмарш, изградете го“, рече тој.
Неговите забелешки дојдоа по терористичките напади на Лондон Бриџ и Стрејтам извршени од исламисти кои беа ослободени рано од затвор. Усман Кан, напаѓачот на Лондон Бриџ, уби две лица кои координираа настан за дерадикализација на кој присуствувал. Поранешен министер изјави пред Долниот дом дека 163 осудени терористи во последните седум години биле ослободени прерано на улиците на Велика Британија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

