Свет
Истражувачка група тврди дека убиецот на Скрипал е одликуван руски полковник
Истражувачка група во Велика Британија соопшти дека идентификувала еден од двајцата осомничени за труење на поранешен руски шпион во Британија и дека тој е одликуван полковник во руската разузнавачка агенција ГРУ, пренесува „Брејтбарт“.
Групата „Белингкет“ во средата објави дека осомничениот, чие име во пасошот е Руслан Боширов, всушност е полковник Анатолиј Чепига, кој во 2014 година бил награден со највисокиот орден на Русија, „Херојот на Русија“.
Велика Британија го обвини Боширов и уште еден осомничен, Александар Петров, за обид за убиство на поранешниот руски шпион Сергеј Скипал и неговата ќерка на 4 март со советскиот нервен агенс „новичок“ во англискиот град Солсбери. Британија соопшти дека нападот добил одобрение од највисоко ниво на руската држава, што Москва жестоко го негираше. Нема коментар од Москва за најновото тврдење на „Белингкетг“.
Двајцата осомничени Руси се појавија на државниот канал РТ, велејќи дека биле во Солсбери како туристи и дека немаат никаква врска со труењето на Скрипал. Тие ги негираа британските тврдења дека се руски воени разузнавачи и тврдат дека работат со додатоци во исхраната.
Од „Белингкет“ велат дека ги пребарувале фотографиите од дипломираните студенти на руските воени академии и нашле човек сличен на Боширов на групна фотографија. Потоа го свеле пребарувањето на тој еден воен офицер, Чепига, користејќи протечни руски бази на податоци достапни на интернет. Групата на крајот го пронашла досието за пасош на Чепига од 2003 година, со фотографија на која многу личи на Боширов.
Се вели дека Чепига служел неколку години во Чеченија каде што руските сили се бореа против исламските бунтовници. Групата истакнува дека офицерот бил одликуван со медалот „Херојот на Русија“ во декември 2014 година, сигнализирајќи дека најверојатно ја добил високата награда за своите акции во источна Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ сака трајно да го забрани увозот на руска нафта
Европската комисија има намера да предложи закон со кој трајно ќе се забрани увозот на нафта од Русија кон средината на април, веднаш по парламентарните избори во Унгарија, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на документ во кој имал увид.
Нацрт-законот треба да биде објавен на 15 април, три дена по унгарските избори. Овој датум, според два извори цитирани од „Ројтерс“, е избран за да се избегне забраната за увоз на руска нафта да стане големо прашање во изборната кампања.
Европската унија го забрани увозот на руска нафта транспортирана по море уште во 2022 година.
Исклучоци се дадени за земјите без излез на море (Чешка, Унгарија и Словачка), на кои им е дозволено да увезуваат руска нафта по море ако испораката преку цевковод не е можна.
Испораката на нафта преку цевководот „Дружба“ беше прекината на 27 јануари поради руски напад со беспилотни летала. Унгарија ја обвинува Украина дека го отежнува поправањето на нафтоводот и затоа го блокира 20-тиот пакет санкции против Русија и заем од 90 милијарди евра за Украина. Словачка се приклучи кон Будимпешта.
Со новиот закон, Комисијата сака трајно да го забрани увозот на руска нафта. Патем, според податоците за последниот квартал од минатата година, ЕУ увезувала само 1 процент од руската нафта, меѓутоа, Унгарија и Словачка не направиле ништо за да се ослободат од зависноста од руските енергетски производи и денес се речиси целосно зависни.
Минатиот месец, Европската унија донесе закон кој предвидува целосно прекинување на увозот на руски гас од есента 2027 година. Унгарија и Словачка објавија дека ќе се борат против тоа пред Судот на ЕУ.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Подготвени сме што поскоро да се постигне договор со САД
Иран е подготвен да ги преземе сите потребни чекори за да постигне договор со САД, изјави денес иранскиот заменик-министер за надворешни работи Маџид Тахт-Раванчи, додека двете земји се подготвуваат за нова рунда преговори.
Разговорите треба да се одржат задутре во Женева, изјави денес висок американски функционер, а американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер треба да се сретнат со иранската делегација за преговори.
Двете земји ги продолжија разговорите претходно овој месец, бидејќи САД ги зајакнуваат своите воени капацитети на Блискиот Исток. Иран се закани дека ќе ги нападне американските бази во регионот доколку бидат нападнати.
„Подготвени сме да постигнеме договор што е можно поскоро. Ќе направиме сè што е потребно за да го постигнеме. Ќе влеземе во преговарачката сала во Женева со целосна искреност и добра волја“, изјави Тахт-Раванчи, цитиран од државните медиуми.
„Доколку има напад или агресија врз Иран, ќе одговориме во согласност со нашите одбранбени планови. Нападот на САД врз Иран е реален ризик“, додаде Тахт-Раванчи.
Индиректните разговори меѓу двете страни во текот на изминатата година не доведоа до договор.
Ова е првенствено поради несогласувањата околу барањето на САД, Иран да се откаже од збогатувањето на ураниум на своја територија, што Вашингтон го смета за пат кон создавање нуклеарна бомба. Иран отсекогаш негираше дека сака такво оружје.
САД му се придружија на Израел во нападот врз нуклеарните постројки на Иран минатиот јуни, ефикасно ограничувајќи го збогатувањето на ураниумот на Иран, а Трамп рече дека неговите клучни нуклеарни постројки се „уништени“. Но, се верува дека Иран сè уште има залихи од претходно збогатен ураниум.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, денес изјави дека првиот избор на американскиот претседател Трамп отсекогаш била дипломатијата, но дека, доколку е потребно, тој е подготвен да употреби сила. Висок ирански функционер завчера за „Ројтерс“ изјави дека Техеран сериозно ќе ја разгледа можноста за комбинирање на испраќање на половина од својот збогатен ураниум во странство.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешниот норвешки премиер хоспитализиран, наводно се обидел да се самоубие поради Епстин, адвокатот негира
Поранешниот норвешки премиер Торбјорн Јагланд (75) е примен во болница. Ова го потврди неговиот адвокат Андерс Бросвет, кој тврди дека хоспитализацијата е резултат на стресот на кој бил изложен Јагланд по откритијата за неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Бросвет, исто така, ги негираше медиумските извештаи, вклучително и оние објавени од порталите Inyheter и Finansavisen, дека Јагланд се обидел да си го одземе животот, објавува VG.
Кон крајот на јануари беше откриено дека Јагланд имал многу пообемни контакти со Епстин отколку што претходно тврдеше. Нивната соработка се одвивала преку размена на голем број пораки и неколку состаноци помеѓу 2011 и 2019 година. Во тој период, Јагланд бил генерален секретар на Советот на Европа и претседател на Норвешкиот Нобелов комитет, кој ја доделува Нобеловата награда за мир.
Јагланд е обвинет за сериозна корупција, а Норвешката канцеларија за сузбивање на економскиот и еколошкиот криминал (Ококрим) го претресе неговиот дом, викендичка и планинска колиба на 12 февруари.
Ококрим се сомнева дека Јагланд примил мито од Епстин во форма на подароци или услуги додека бил на чело на Советот на Европа, но не е прецизирано што Јагланд, според истражителите, требало да даде за возврат.
Нивната врска, меѓу другото, вклучува престој на Јагланд во луксузните станови на Епстин во Париз и Њујорк.
Епстин, исто така, ја посетил резиденцијата на Јагланд во Стразбур, а Јагланд го замолил за финансиска помош за да купи стан во Осло.
Кога претходно беше прашан за врската, Јагланд ја опиша како дел од „рутински дипломатски активности“.
Подоцна рече дека никогаш не би го контактирал Епстин доколку знаел што се знае за него денес и призна дека имал лоша проценка. Јагланд преку својот адвокат рече дека сака да придонесе за целосна истрага на случајот.
Покрај него, Ококрим ги обвини и брачниот пар Терје Ред-Ларсен и Мона Јул за учество во сериозна корупција поради нивните контакти со Епстин. Сите тројца негираат вина.
фото/Depositphotos

