Свет
Исчезна бебе од породилиште во Виена, полицијата го пребарува целиот град
Во виенската клиника Фаворитен настанал хаос откако новороденче исчезнало кога мајката накратко ја напуштила собата. Полицијата веднаш започнала опсежна потрага, а целиот болнички комплекс бил блокиран, јавуваат австриските медиуми.
Исчезнувањето на новороденчето предизвика голема тревога и започна интензивна потрага. Полицијата го претресува секој автомобил, а од истрагата не се изземени ниту кантите за ѓубре. Тоа укажува на сериозноста на ситуацијата и на можните опасности што ги носи исчезнувањето.
Целата болница е блокирана, никој не може да влезе ниту да излезе. Полицијата детално го претресува секој агол на болничкиот комплекс, вклучително и возилата и багажниците за такси. Потрагата се прошири на поширокото подрачје на градот, пишува „Хојте“.
Полицијата ги предупреди граѓаните да не се приближуваат до болничкиот дел, но нагласи дека нема опасност за оние кои се веќе внатре. Портпаролот на здравствениот систем потврди дека е во тек полициска акција, но не може да даде повеќе информации.
Граѓаните се вознемирени, а полицијата прави се што побрзо да го пронајде исчезнатото дете и да го реши овој случај. Семејството на новороденчето е под посебен надзор на истражителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски во понеделник во Париз
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз во понеделник, 17 ноември, за време на посетата насочена кон „повторно потврдување на посветеноста на Франција кон Украина“, објави денес Елисејската палата.
Оваа деветта посета на Володимир Зеленски на Франција од почетокот на војната што Русија ја води од 2022 година „ќе овозможи повторно потврдување на долгорочната посветеност на Франција кон Украина и „одржување на динамиката на започнатата работа по прашањето за безбедносните гаранции“ во рамките на „коалицијата на земји што се подготвени“ што го поддржува Киев, според француското претседателство, објави телевизијата BFM.
Посетата, исто така, ќе овозможи размена на мислења за прашања од билатералната соработка, особено во енергетскиот, економскиот и одбранбениот сектор, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски: Украинските сили користеа ракети со долг дострел „”Long Neptune” “ против руски цели
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека неговите сили користеле украински крстосувачки ракети со долг дострел „”Long Neptune” “ против цели во Русија во текот на ноќта, додавајќи дека ваквите напади стануваат сè поуспешни од ден на ден.
„Во текот на ноќта, нашите борци успешно го користеа „Долг Нептун“ против одредени цели на руска територија и ова е наш целосно оправдан одговор на постојаниот терор на Русија“, напиша Зеленски на платформата X, пренесува Ројтерс.
Како што наведе, украинските ракети постигнуваат сè позначајни и попрецизни резултати практично секој месец.
Фото: принтскрин
Свет
Министерот за здравство на Романија најавува истраги по смртта на девојче кај стоматолог
Министерот за здравство на Романија, Александру Рогобете, објави дека Државната санитарна инспекција и Контролното тело ќе спроведат административни проверки откако двегодишно девојче почина синоќа во стоматолошка ординација во Букурешт, откако доживеа кардиореспираторен застој за време на интравенска анестезија.
Романскиот министер изјави дека прелиминарните информации укажуваат на можно доцнење помеѓу моментот на срцев застој и повикот на бројот за итни случаи, но нагласи дека оваа информација „се зема со резерва“ и дека попрецизни податоци ќе бидат достапни откако ќе заврши истрагата, објави „Digi24“.
Рогобете објасни дека административните проверки ќе вклучуваат усогласеност со прописите и минималната опрема на ординацијата, додека медицинската комисија испитува дали имало елементи на медицинска небрежност.
Фото: принтскрин

