Свет
Исчезна кинескиот министер за одбрана: го нема веќе еден месец, а Пекинг молчи
Кина одби да коментира каде се наоѓа нејзиниот министер за одбрана и покрај зголемените прашања за неговата судбина еден месец откако тој последен пат беше виден во јавноста. Портпаролот на Министерството за одбрана, Ву Чијан, рече дека „не бил свесен за ситуацијата“ на прашањето дали министерот Ли Шангфу е под истрага.
Исчезнувањето на Ли следува по серијата необјаснети кадровски промени што го потресоа врвот на владејачката Комунистичка партија во Кина ова лето, вклучително и соборувањето на поранешниот министер за надворешни работи, Чин Ганг, во јули. Пекинг исто така најави отстранување двајца генерали на чело на Ракетните сили на Народноослободителната армија, воениот разгранок што го надгледува арсеналот на нацијата на нуклеарни и балистички ракети.
Прашан од Си-ен-ен како отсуството на Ли и смената на двајцата генерали влијаеле на операциите, Ву повтори дека „ќе го истражи секој случај и ќе го собори секој корумпиран функционер“. Исчезнувањето на двајца истакнати министри иницира прашања за владеењето на лидерот Шји Џјинпинг, кој го направи кинескиот политички систем уште понепроѕирен бидејќи ја концентрира моќта и спроведува строга партиска дисциплина.
Високи кинески функционери во минатото исчезнаа од очите на јавноста, само за Комунистичката партија месеци подоцна да признае дека биле приведени поради истрага. Ваквите ненадејни исчезнувања станаа редовна карактеристика на антикорупциската кампања на Шји, а недостигот на информации не е невообичаен во политичкиот систем на Кина.
„Волстрит џурнал“ претходно овој месец објави дека властите го привеле Ли на сослушување во септември цитирајќи лице блиско до одлучувањето во Пекинг. „Фајненшл тајмс“ објави дека американската влада верува оти министерот за одбрана е под истрага цитирајќи американски официјални претставници.
Ниту еден извештај не даде причина за истрагата. Ли, кој беше санкциониран од САД во 2018 година поради купувањето руско оружје од Кина, сè уште е наведен како министер за одбрана на Кина, еден од петте државни советници и член на моќната Централна воена комисија на партијата.
Кон крајот на јули Одделот за развој на опрема на Централната воена комисија издаде известување во кое се повикуваат на информации од јавен карактер за коруптивни практики на набавки што датираат од 2017 година, што се совпаѓа со временскиот период во кој Ли беше задолжен за набавките во одделот. Не е јасно дали се преземени или ќе бидат преземени дисциплински мерки против Ли.
Ниту Ли ниту Чин не беше прикажан на видеото од состанокот на Комунистичката партија, на кој присуствуваа високи партиски функционери, што беше емитувано од државната телевизија во средата. Минатата недела „Волстрит џурнал“ објави дека истрагата на Комунистичката партија открила дека Чин имал вонбрачна врска додека бил претставник на Кина во Вашингтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

