Свет
Исчезна претседателот на Танзанија, последен пат виден пред 17 дена, надлежните молчат
Претседателот на Танзанија, Џон Магуфули, последен пат во јавноста е виден пред 17 дена и почнаа да се шират шпекулации за неговото лошо здравје, а танзаниските власти сè уште не даваат јасен одговор каде се наоѓа.
Дури и само прашањето каде е претседателот доведува до апсење бидејќи владата се обидува да ги задуши шпекулациите.
„Што и да е, очигледно е дека режимот се обидува да купи време“, рече Ник Чизман, политички научник и професор по демократија на Универзитетот во Бирмингем.
„И режимот купува време ако претседателот е многу болен, неспособен или мртов“.
Магуфули последен пат се појави во јавноста на 27 февруари. Симптоматично е што овој ревносен католик пропуштил миси три недели по ред, од кои честопати ѝ се обраќал на заедницата.
Само неколку дена претходно министерот за финансии, Филип Мпанго, кашлаше и дишеше тешко на прес-конференцијата што ја свика за да ги разбие шпекулациите дека претседателот починал од Ковид-19.
Отсуството на 61-годишниот претседател се совпаѓа со серија смртни случаи и болести што се припишуваат на респираторни проблеми или пневмонија.
Магуфули со месеци инсистира на тоа дека вирусот повеќе не е во Танзанија бидејќи тој бил истеран со молитва. Тој одби да носи маска за лице или да преземе мерки за затворање.
Земјата престана да објавува податоци за заразените во април 2020 година.
Но, една недела пред последен пат да биде виден, Магуфули призна дека вирусот сè уште циркулира.
Лидерот на опозицијата во Танзанија, Тунду Лису, кој е во егзил во Белгија, и други почнаа да поставуваат прашања во врска со отсуството на Магуфули повикувајќи се на извори дека тој е сериозно болен од Ковид-19.
Лису на „Твитер“ напиша дека неговите разузнавачки извори велат дека тој е на интензивна нега поради Ковид-19 и дека едната страна од неговото тело е парализирана по мозочен удар. „Кажете им ја на луѓето вистината!“
Се шират шпекулации дека Магуфули е тешко болен, во болница во Кенија или Индија, а според други, тој воопшто не ја напуштил Танзанија.
Владата на Танзанија не рече речиси ништо за претседателот, освен дека оние што шират шпекулации ќе завршат во затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

