Свет
Премиерката на Нов Зеланд стана прва светска лидерка што роди дете додека е на власт
Се породи премиерката на Нов Зеланд, Јацинда Ардерн, со што стана прв светски лидер во изминатите 30 години што имал дете додека е на власт. Веста дека родила девојче, таа ја објави на својот профил на „Инстаграм“. Ќерка ѝ се родила во 4.45 часот по локално време и тежи 3,31 килограми.
„Ви благодарам многу за најдобрите желби и вашата љубезност. Двете се чувствуваме добро благодарение на прекрасниот тим во градската болница во Окленд“, напишаа таа во својот пост. Ардерн била примена во болница вчера, а веќе неколку дена биле во исчекување да се породи.
Изминатите неколку дена медиумите преку блогови ги споделуваат најновите случувања во живо во очекување да се породи премиерката. Џеси Чијанг, радионовинар од Нов Зеланд, напиша на „Твитер“ дека таа и другите новинари биле во болницата од 6 часот наутро.
No baby yet…but they are feeding the media ? pic.twitter.com/864J1oqPzF
— Jessie Chiang (@je_chiang) June 21, 2018
„Сè уште нема бебе… но тие ги хранат медиумите“, напиша таа објавувајќи фотографија со маса преполна со храна обезбедена за новинарите што во болницата ја очекувале убавата вест.
Новозеланѓаните исто така шпекулираа за полот и за името на бебето. Еден корисник на „Твитер“ во четвртокот се пошегува: „Ако е машко, ќе биде Винстон Мајкл Џозеф Питер Норман Дејвид Дејвид Дејвид Филип Ендрју Гејфорд Ардерн“. Сепак, бебето има поголеми шанси да биде именувано како Оливер или Џек – двете најчести имиња за бебиња во 2017 година. Ако е девојче, може да биде Шарлот или Харпер, најчестите имиња за девојчиња, шпекулираа медиумите.
Корисниците на „Твитер“ поентираа дека ако бебето се роди в четврток, ќе има роденден заедно со принцот Вилијам и поранешниот пакистански премиер Беназир Буто, кој беше прв и досега единствен лидер што имал бебе додека бил на власт во 1990 година.
37-годишната премиерка, која беше избрана во октомври, ја објави својата бременост во јануари преку „Инстаграм“. Нејзиниот партнер, Кларк Гејфорд, е водител на серија риболовни документарни филмови, но ќе се откаже од работата за да остане дома и да се грижи за бебето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Арктикот е наш регион, ние сме арктичка држава
Русија е арктичка земја, за разлика од повеќето земји на Европската Унија, и е отворена за соработка на Арктикот, изјави портпаролот на претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Песков.
„Ова е наш регион. Ние сме арктичка држава, за разлика од огромното мнозинство земји од Европската Унија. Ние сме отворени за соработка и заедничко дејствување“, изјави Песков пред новинарите.
Ако политиката на Европската Унија е фокусирана на соработка на Арктикот, Русија ќе ја поздрави.
„Ако претставниците на Европската Унија имаат на ум нова политика насочена кон меѓународна соработка, тоа може да се поздрави. Ако, од друга страна, мислат на конфронтација, што во моментов е многу модерно во Брисел, тогаш, секако, тешко дека можеме да го поздравиме тоа и тешко дека ќе има некаков позитивен ефект“, рече Песков.
Според него, Русија има големи интереси на Арктикот и ќе ги брани, користејќи го целиот арсенал на меѓународното право.
Порано, Каја Калас, шефица на европската дипломатија, на конференција во Норвешка изјави дека на Европската Унија ѝ е потребна нова безбедносна политика на Арктикот.
Свет
Нигериец кој се претставувал како принц од Дубаи измамил бизнисменка за 2,5 милиони долари
Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тероризам во Романија (DIICOT) отвори кривична постапка во случај во кој романска бизнисменка била измамена за 2,5 милиони долари од Нигериец кој се претставувал како „престолонаследник на Дубаи“, објавија „Агерпрес“ и „БТА“.
Од Дирекцијата денеска издадоа официјално соопштение за случајот, поради зголемениот интерес на медиумите. Во тек е истрага за кривичните дела „организирање криминална група“ и „измама со особено сериозни последици“.
Според медиумските извештаи, романската бизнисменка изгубила над 2,5 милиони долари откако била убедена да инвестира заедно со „престолонаследникот на Дубаи“ во хуманитарна фондација.
Всушност, станува збор за нигериски измамник по име Хенри Еке, кој користел сложена шема за да ги измами своите жртви, вклучувајќи лажни идентитети, фиктивни банки, наводни „финансиски советници“, како и романтични ветувања и предлози за брак.
Жената во Романија била убедена дека разговара со принц од Дубаи и префрлила над 2,5 милиони долари на лажна сметка на „фондација“. Парите доаѓале од различни банкарски кредити, за кои го хипотекирала својот дом, како и од финансиските ресурси на нејзината компанија.
Таа открила дека станува збор за измама откако ја контактирале двајца соучесници на Нигериецот, кои биле незадоволни што не го добиле својот дел од парите. Тие ѝ признале дека целата операција била измама.
Свет
Путин и Џјинпинг во телефонски разговор: Односите меѓу Русија и Кина постојано се развиваат
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Шји Џјинпинг разговараа за соработката меѓу нивните земји.
Повикот доаѓа неколку дена откако високи дипломати од двете земји го изразија својот став дека билатералните односи би можеле да „достигнат нови височини“ оваа година, бидејќи Пекинг и Москва се стремат да ја зајакнат економската соработка.
Нивното стратешко партнерство дополнително се зајакна по руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година, анализираат медиумите.
Двајцата лидери, кои се во редовен контакт, разменија новогодишни честитки на 31 декември, при што Шји изрази „подготвеност да продолжи да одржува блиски контакти“ со Путин, според кинеското министерство за надворешни работи.
Шји и Путин последен пат се сретнаа лично во септември, кога рускиот лидер присуствуваше на голема воена парада во Пекинг.
За време на посетата, Путин му рече на Џјинпинг дека односите меѓу нивните земји се на „невидено ниво“.

